Како ќе се шминкаме во 2017?

26 декември 2016

Веќе се осврнавме на тоа што ќе носиме следната година, кои трендови ќе продолжат, а кои не, дававме и предлози за фризури, а денеска вниманието ќе го насочиме кон шминката.

Изминативе неколку сезони природниот изглед беше доминантен, а дали така ќе остане прочитајте во продолжение.

Ова се трендовите за шминка за 2017 според познатите шминкери, а пренесува „Elle“:

Сјај за усни

Ако 2016, па и неколку сезони пред тоа, беа во знакот на мат кармините и интензивните бои, следната година ќе биде во знакот на сјајот за усни. Сјајот, младешкиот изглед и полноста на усните е она што стручните лица го поставуваат како доминантен тренд кога е овој дел од декоративната козметика во прашање.

Кожа што дише

Значи, природниот изглед сè уште ќе биде на првото место. Всушност, негуваната кожа, чистото лице, пори кои дишат се нешто што секогаш ќе биде актуелно и убаво. Па, во 2017-тата придржувајте се на тоа и не користете многу шминка. Посебно атрактивни ќе бидат оние со бел тен и впечатлива шминка на очите или усните.

 

Димензионирани усни

Тоа не значи дека треба да ставите ботокс, туку да користите препарати што ќе ги направат усните впечатливи. Оваа година тоа беа темните кармини, а следната играјте си со сјајот и нијансите. Омбре усните ќе бидат вистински хит, како и оние со светки на нив.

 

Рамни, „момчешки“ веѓи

Рамните, природни веѓи ќе бидат вистински хит во 2017-та и ќе направат да изгледате поприродно, а и помладо. Светските шминкери велат да одмориме малку од моливите за веѓи и пинцетите, а да инвестираме во гел што ќе ги држи убаво исчешланите и потстрижени веѓи средени.

 

Црн, испрекинат туш

3.1 Phillip Lim, „Клое“ се само дел од брендовите што на пистата се приклонија кон овој тренд на „недовршена“ шминка. Оваа 2017 година ќе треба да го усовршиме ставањето на ајлајнерот само по средината на горниот, односно долниот капак.

 

 Монохроматски изглед

Тоа значи дека во 2017 година, нема потреба да нијансирате и ускладувате тонови. Руменилото и карминот нека бидат во иста нијанса, исто како и сенките за очи!

 

Розова боја

А ако се прашувавте која боја би можела да доминира во 2017-та, одговорот е розовата! Тоа е новата „неутрална“ нијанса, која според стручните лица ќе ни даде свеж и нов изглед. „Диор“, „Исабел Марант“ и „Пучи“ се дел од брендовите „виновни“ за популаризирање на овој тренд.

 

Металик шминка

Особено кога се очите во прашање. Овој тренд е всушност замена за „светките“ од оваа година, но според мејкап артистите, металик нијансите се многу поблагородни за носење и комбинирање.

 

Маскара во бургунди нијанса

Супер вест за оние што сакаат да експериментираат и не толку добра за оние што ја сакаат класиката. Ако мислевте дека црвените нијанси не се добри за очите, трендовите за 2017-та ќе ве натераат да се предомислите. За вас што не сте толку храбри, стручните лица советуваат да започнете со потемните нијанси што се видливи на светлост.

Објавено:
26 декември 2016
Категорија: 
Убавина
Прочитано:
2.726 пати
Извор: 
Elle