Како научив да се сакам себеси во целост...

25 јануари 2018

Кога навистина почнав да се сакам себеси, се ослободив од сè што не беше здраво за мене – од храната, луѓето, работите, ситуации и сè што ме влечеше на дно, а подалеку од мене самиот. Во почетокот тоа го нарекував „здрав егоизам“, но денеска знам дека тоа е љубов кон себеси“.

Ова е еден од познатите цитати на Чарли Чаплин. Не случајно со него го започнувам текстот, бидејќи приказната што денеска ви ја презентираме, покрај другото, ја носи главната порака дека мора да научиме да се сакаме себеси.

Ова е приказна која треба да ве натера да си го ослушнувате телото, умот, интуицијата, срцето...

А ни ја раскажува 26-годишната Фаниа Гиачо. Таа е дипломиран филолог. Има прекрасно семејство и пријатели. Моделството ѝ е втора голема љубов. Висока е 182 сантиметри. Има сино-зелени очи, совршено право држење на телото, убава насмевка. Најважно од сè, сега има и добро здравје. Го има животот пред себе да го живее, но уште повеќе од претходно да ужива во него, после добро научена животна лекција.

Фаниа Гиачо, јануари 2018, фото: приватна архива

Како последица на хормонален дисбаланс, таа изминатово лето се соочи со прекин на менструалниот циклус. Сето тоа пак, е резултат на физичка исцрпеност, но и врежана мисла од училишните денови, кога самодовербата на девојките и не е толку изградена.

„Имав проблем во главчето, но среќна сум што успеав да го надминам, ќе се пошегува уште на почетокот и додава „ Сè потекнува од еден момент од средношколски денови. Во тие денови бев член на една модна агенција, каде што добивав коментари од типот: „Фани, јас ги молев да те земат, но крупна си и не те сакаат“. На девојче од 18 години тоа многу влијае на самодовербата, но и од аспект да даде сè од себе да го смени тоа. Веќе како студентка, уживав во работата како модел. Не само поради фотографиите што ги добивав, што ми правеа мерак, не само поради дружењето или џепарлакот, туку поради големата љубов со која го правев тоа. Слободното време така го исполнував и навистина ме исполнуваше. И покрај тоа што кај нас делот со организацијата и регулирање на ангажманот на сите нивоа е катастрофален, го занемарував тоа само заради тоа што сакав да работам како модел. Потоа, откако ја постигнав таа почиста мускулна маса, помала килажа, почнав да работам и ревии – раскажува Гиачо.

„За оваа фотографија ми рекоа дека изгледам дебело и не сакаа да ме ангажираат“, вели Фани

Сега е член на модната агенција „Подиум“. Нејзиниот прв совет до младите девојки е да не брзаат и не се форсираат околу изгледот.

„Нека почекаат да се оформат. Нека внимаваат на храната малку, да внесуваат повеќе овошје, а помалку чипсови или сличен тип на храна и тоа со текот на годините ќе се одразува на ликот, телото, но и внатрешно, што е воедно и најважно. Како се чувствуваш внатрешно, така ќе изгледаш и надворешно“, порачува Фаниа.

За здравствениот проблем со кој се соочувала, јавно проговори неодамна преку својот Фејсбук профил, објавувајќи и фотографии.

„Единствено нешто што ме натера да ги споделам тие фотографии и својот проблем, е тоа што дознав дека има многу девојки што ги познавам, а верувам и пошироко, на кои им се стопира менструалниот циклус, што е мошне сериозен проблем. Но, тој многу често се занемарува на сметка на физичкиот изглед. Девојките не размислуваат на тоа дека треба да бидат мајки. Се грижат за тоа како да изгледаат слабо, но тоа слабо во нивните очи е нешто екстремно. Која и килажа да ја постигнат не се задоволни, мислат дека се дебели, се анализираат, се гледаат во огледало. Не треба гледање во огледало. Треба да се опуштат, да уживаат и да ја заборават вагата. Да не се мерат. Треба да имам 60, 58, или 50 килограми...Претеруваат со тоа. И јас претерував. Висока сум 182 сантиметри и јас сакав да имам 60 килограми. Дури стасав и до 57-56, што е екстремно ниско – вели 26-годишната скопјанка, чија идеална тежина според висината е од 72-75 килограми.

Првите проблеми ги забележува кон крајот на јули месец, претходната година, во вид на отоци на одредени делови на телото.

„Времето беше многу жешко, а јас одев секаде со велосипед. Лето е период кога не внесуваме доволно калории. Многу трошев, одев и на вежбање. Имав премногу енергија, а многу малку јадев. За вечера една белка, половина краставица и половина кисело млеко. Тоа е премалку. Тоа сега ми е еден залак! И поради тоа што имав многу енергија, вежбав уште повеќе. Не дека некој ме тераше или морав со сила... Требаше да го стопирам тоа и да си кажам: „Чекај малку, ова не е во ред“. И за надворешен и за внатрешен изглед. Но, јас не го перцепирав тоа на тој начин. Престанав со физичката активност во теретана, но возев велосипед и планинарев редовно. Сакав да сменам активност, да дишам почист воздух и секако да сум активна физички. Но, почнав да потекувам. Сметав дека отоците ми се од спиење затоа што спијам на стомак или задржување сол, иако не јадев солена храна. – раскажува Фани..

Фани во најслабите денови

Отоците биле најзабележливи во утринскиот период и тоа во пределот на очните капаци. Иако во тоа време има само 57 килограми, забележува дека образите, односно целото лице ѝ е отечено, како и дланките, колената и глуждовите, делови каде што постои заддршка на вода.

„Не презедов ништо. Не отидов на лекар. Еден мој драг колега од тогашното работно место, кој инаку е доктор, ме замоли да го проверам хормоналниот статус, бидејќи забележа дека почнувам и да се исфрлам во пределот на брадата, посочувајќи ми дека потеченоста не е добар знак и дека сигурно има нешто поврзано со хормони. Но, јас не го послушав, бидејќи имав многу обврски на работа, почнав пак со вежбање, тоа ми беше најважно. Тоа дека од ситница може да излезе нешто серозно, никогаш не размислуваме. На повеќето, поважна ни е работата од здравјето. Голема грешка е да не обрнуваме внимание кога телото ни кажува дека нешто не е во ред. Но, почнав и да качувам килограми. Во почетокот не се заморував со тоа, бидејќи сум висока и гледав на тоа како на нешто добро, како освежување на изгледот. Десет колограми не се познаваат на некој висок како мене. Ми стоеја, ги носев. Имам среќа да имам таква конституција и да бидат секаде еднакво распределени. Не беа само на едно место за да почне да ми пречи. Тие неколку килограми само ние сами ги чувствуваме, а визуелно воопшто не се ни забележуваат – се присетува моделот.

Трендот со покачувањето килограми продолжува и таа додава уште пет на постоечките десет.

„ Имав 15 килограми од претходната тежина, значи имав 75 килограми. Се исплашив кога почнав да качувам преку 75, а јадев нормално. Избегнував многу шеќери, внесував само корисни, преку овошје, внесував корисни маснотии, ништо солено, од типот на грицки и слично. Но, јас одев уште нагоре и тогаш посетив лекар. Додека открија што е проблемот, исто така качив неколку килограми. Тоа одеше брзо. Потекував и се дуев од ден за ден, сè се случуваше за краток временски период. За 28 дена накачив околу 36 килограми – објаснува Фани.

Првин оди на кардиолог, а потоа и на гинеколог.

„Ми беше страв дека тие отоци се резултат на некој проблем со срцето. Но, сите органи ми беа во ред. Отидов и кај мојата докторка гинеколог, која се посомнева во некои хормони и ги испитавме. Но, не се појави никаков проблем, ниту со тироидата, ниту со крвната слика. Таа ме советуваше да направам и хормонален тест.  Кога се испитаа естрогенот и прогестеронот се откри проблемот. Исто така и со кортизолот имав проблем – вели Гиачо.

По совет од гинекологот, се обидуваат по природен пат да предизвикаат појавување на циклусот.

„Ме советуваше да се опуштам, да уживам во секоја ситница, во пиењето кафе, во храната. Да јадам колку ми се јаде и да не се стегам. Да не чувствувам напнатост од ништо и да спречам стресот да влијае. Телото да се опушти. Докторката мислеше дека циклусот брзо ќе се врати. Откако, за една недела не се појави, мајка ми, на која тогаш ѝ беше роденден, рече: „Јас не сакам ништо за роденден, освен Фани да оди кај нутриционист. Поточно, кај Цвета Динева. Дома имавме литература од неа, моето семејство ја следеше преку телевизиски појавувања. Се јавив и почнавме да го третираме проблемот“.

Изненадена од тоа колку таа изгледа младо, а сепак е возрасна жена, Фани вели станува уште подлучна да го реши проблемот, придржувајќи се на сите совети.

Фотографија од факултетски денови, кога добивала коментари дека е дебела

„Имав програма која се состоеше од комбинации на исхрана. Сакам да нагласам дека не се работи за диети за слабеење, туку начини на исхрана кои ми помогнаа да надминам сè. Пиев тазе живи јајца од препелица, пиев пробиотик и витамин Ц. Никаква друга терапија во форма на медикаменти не примав. Требаше да јадам голема чинија овошје, па потоа да пијам кафе, никако на гладен стомак. Ми ги забрани цигарите, а и мене ми беше страв да пушам во таква ситуација, за да не предизвикам уште некој лош ефект. Следниот оброк ми се состоеше од огромна салата од цвекло, морков, жива тиквица, марула, лимонче, маслиново масло, и четири до шест, во зависност од тоа колку сум гладна, парчиња тонус леб. Уживав во тоа, затоа што претходно јадев многу мало количество храна, па тоа ми дојде како некое честење. И премногу се радував на тоа. До ручекот требаше да изедам најмалку еден килограм овошје и да пијам многу вода. Со тоа немав проблем, бидејќи и претходно многу пиев вода. Внимавав на некои основни работи кои се важни додека вежбаш, додека си на работното место. На биро сите мораме да имаме по шише од 2 литри вода и да пиеме. Тие што имаат проблем нека исцедат во водата лимон или портокал за да добие вкус на сокче – советува Гиачо.

(лево) Фани со 56 килограми - (десно) Фани со 94 килограми, август 2018

Ручекот исто така се базирал на здрава храна и пообемно количество.

„Риба со огромна салата или компир со блитва, бел грав со магдонос и тоа колку сакам. Ориз и грашок, леќа, пченка, боранија... Морав да јадам и многу салата. Всушност, таа треба да е дупло поголема од оброкот, но јас правев некој сооднос 50:50. За вечера најчесто јадев тонус лепчиња, со таратор, краставица или таратор со цвекло, што вака можеби не изгледа привлечно, но мене ми беше многу вкусно.  За недела дена циклусот се појави и јас славев. Се радував, скокав до небо. Како што се појави циклусот, така и отоците се намалуваа. Добив совет од неа да  одам во природа, да газам боса по трева, да вежбам јога, вежби за истегнување, да правам што сакам!“.

Фани го одбира Крушево.

„Охрид ме асоцираше на плажа, метеж, сончање. А јас не сакав да се сончам. Отидов за Крушево. На моите родители целата ситуација им дојде како голем шок. Им беше тешко. Јас пак, бев многу позитивна, им велев дека ќе се вратам подобра од било кога, и така и се случи. Но, сепак знаеја како ми е на душата, бидејќи да бидеме искрени, воопшто не ми беше сеедно. Во Крушево со мене дојдоа и баба ми и братучед ми. Баба ми е силна и позитивна жена, која многу ми помогна во поглед на издржливоста и самодовербата. Имав одличен пример пред себе. Брзо напредував. Пешачев три пати дневно. Наутро станував рано. Инаку, практикувам да легнувам и да станувам рано. Секогаш има исклучоци, но тоа е многу важно за хормоналниот баланс. Се трудев да не претерам со пешачењето и планинарењето, да биде умерено, иако да бидам искрена, и тоа не беше малку. Се дружев со многу позитивни луѓе, кои исто така многу ми помогнаа. Но, колку и да бев силна и расположена, чувствував и тага поради тоа што ми се случи. Покрај нив и со нив, јас не престанував да се смеам.  Ништо негативно немав околу себе – потенцира таа.

За месец и половина, добива желба да се врати во Скопје, да го гушне семејството, да ги израдува дека сè е во ред и дека се чувствува одлично.

„Додека траеше соочувањето и надминувањето со проблемот, не бев активна на нашата модна сцена. Во моментов ако случајно некој ме побара да бидам модел за поголеми конфекциски броеви, за нормални и покрупни жени, секако дека би прифатила, и би ми било задоволство. Би уживала во некоја таква соработка. Но, да менувам килажа или изглед, веќе не планирам за никого! Најмалку за таа индустрија. За жал, многу девојки во светот поминуваат низ таков проблем, кој не го решаваат, па се случува да слушнеме вест и за некој трагичен крај и згаснат живот – потенцира Фани.

По регулирањето на здравствената состојба, повторно почнува со вежбање - плива, планинари. Ја вклучува и теретаната, но со умерени вежби за истегнување, скокање на јаже... Сега, оди на крос-фит, каде ѝ помага инструкторот Огнен. Вели, оди три пати неделно, вежба во група со која одлично се дружи и согласува и со нетрпение го чека тој дел од денот.

фотографија од претходната недела

„Во празничниот период не се лишев од ништо. Ако порано „бегав“ од чоколадо, слатки, го сметав тоа за принципиелност, сега јадев сè – сарми, лазањи, кифли, салати, баклава... Но, секако, во умерено количество. Со оглед на калориите, сепак комбинирав и вежби, во граници на нормалта, бидејќи не е во ред да се оди сега и во друга крајност и да се запостави физичката активност. Сметам дека жените, што немаат толку брз метаболизам, треба навистина да внимаваат со внесувањето на количеството и типот на храна. Јас го убрзав со начинот на исхрана и со сите активности. Секогаш може да се најде замена. Не мора секој ден да се јаде баклава на пример, десертот сменете го со урми, банана, тиква со мед, оревчиња... – посочува Гиачо.

фотографија: Стефан Николовски

Хормоните имаат важна улога во нормалното функционирање на целиот организамот - функционирањето на метаболизмот, мозочен и интелектуален развој, сексуален развој, одржување на крвниот притисок, нормална работа на срцето... 

Едни од основите причини за појава на хормонален дисбаланс се силниот и хроничен стрес, пушењето, некои инфекции (надворешни фактори), дебелина, пасивен начин на живот, неправилна исхрана, строги диети...

Овој проблем никако не смее да се занемари, бидејќи може да доведе до стерилитет. Кај младите, односно децата и адолесцентите, може да доведе до застој во раст, забавена функција на срцето, низок притисок, проблеми со помнењето... Кај повозрасните, може да се појават промени на кожата, изостанување на менструален циклус, како во примерот на Фани, но и пореметување на телесната тежина, појава на дијабетес...

Најчести симптоми се брзо заморување, забрзана работа на срцето, отечени крајници и очи, сува кожа, опаѓање на косата, зголемено потење и висок крвен притисок. Многу често се јавува дебелина и пореметување на метаболизмот. Кај жена со синдром на полицистични јајници, во некои случаи може да дојде до дебелина, зголемена влакнетост, акни, менструални пореметувања и стерилитет.

Не крие дека е многу благодарна на лекцијата, бидејќи за среќа, е некој што знае да учи од нив.

„Среќна сум што мојата ситуација не беше страшна. Зајакнав и физички и ментално. Сега коментари врзани за моето тело не ме допираат. Научив да се сакам себеси и тоа во целост. Среќна сум што ми се случи ова, бидејќи научив многу. Го оттргнав сето она што ме блокираше. Тоа ми отвори сосема нови видици, најдов поубава работа и уживам во секој ден. Сигурна сум дека и понатаму ќе ми биде вака. Никогаш не робувајте никому и на ништо, бидејќи вие сте на првото место. Ова посебно важи за младите девојки, кои робуваат на изгледот. Уживајте во себе и сè околу себе – порачува на крај Фани.

Објавено:
25 јануари 2018
Категорија: 
Убавина
Прочитано:
3.746 пати