Како стресот влијае на убавината?

9 јуни 2014

Дали ви е косата истенчена и приметувате дека ви паѓа повеќе од претходно? Имате воспаление на кожата и ви се појавуваат неправилности кои не можете да ги контролирате?.Ноктите често ви се кршат и ја менуваат бојата? И сето тоа се случува од еднаш, а не сте свесни од каде потекнува проблемот?

Доколку не сте под некоја медицинска терапија и не патите од некое хронично заболување, тогаш го плаќате данокот од секојдневниот стрес, кој неприметно сте го прифатиле како составен дел од вашето секојдневие. Напнатоста и тензијата може да доведат до појава на хипертензија, проблеми со варење на храната, дијабетис и да влијаат врз вашиот физички изглед.

Современите козметички студии покажуваат директна врска помеѓу нивото на стрес и појавата на неправилностите на кожата. Во состојба на напнатост,  лојните жлезди произведуваат поголемо количество масти кои влијаат врз затворањето на порите и појава на акни. Истовремено, стресот го успорува обновувањето и регенерацијата на кожата, а капацитетот за залечување е поврзано со имунолошкиот систем , кој знае и да опадне до 40% во период на напнатост.

Предизвикан од приватни и професионални обврски, како и личните несогласувања, доведуваат до појава на стрес, кој доведува до лачење на поголемо количество адреналин и кортизол, хормони кои влијаат во создавањето на масти, особено во пределот на стомакот. Тоа дополнително доведува до појава на псоријаза или акни на кожата, а стресот сам по себе ја намалува отпорноста на организмот за побрзо оздравување.

За промена на оваа состојба, започнете со мали измени во секојдневното функционирање. Лицето секојдневно чистете го со препарати кои во себе нема да содржат алкохол и агресивни состојки. Во текот на денот нанесувајте креми со заштитен фактор против ултравиолетовите зраци  и бирајте производи кои во себе ќе содржат антиоксиданси, за да ја зачувате кожата од слободните радикали. Друг начин на корекција е промена на исхраната, со внесување на храна која содржи омега 3 масни киселини, овошје и зеленчук, кое е во изобилие во текот на летниот период. Секако да не заборавиме дека е е неопходно почесто да се релаксирате и да имате квалитетен сон.

Стресот и борите

Поголемиот дел од луѓето мислат дека сонцето е единствен фактор кој е пресуден во стареењето на кожата, но не е точно. Стресот влијае во губење на еластичноста на кожата, а во состојба на напнатост, мозокот ослободува невроптетиди кои може да пробијат до  клеточна мембрана, а со нивното оштетување, мембраната губи голема количина од течноста. Ова доведува до дехидрација на кожата, која допринесува за создавање на бори, сивила на кожата и подочници. Доколку забележите вакви знаци на вашата кожа, време е да започнете да користите препарати на база на глукозамин.

Стресот и косата

Хроничниот стрес доведува до зголемено опаѓање на косата, а потребно е најмалку период од три месеци од стресниот период, за косата да почне да се обновува. Доколку продолжите да се нервирате поради опаѓањето на косата , може само да си нанесете дополнителна штета, бидејќи тоа е нормален процес кој мора да се помине. Во меѓувреме, хранете го влакното со маски со хранливи состојки и внесувајте витамин Д во вашиот организам, чие ниво е намалено поради стресот.

Стрес и нокти

Доколку ноктите ви се претерано меки, тоа е знак на неправилна и нередовна исхрана и хроничен артритис, а доколку имате пруги на ноктите можно е да имате проблеми со тироидната жлезда. Физички ноктите може да изгледаат несредено поради честото грицкање, но од внатре келиите на ноктите трпат поради опаѓањето на кератинот под влијание на стресот и тие стануваат слаби и лесно кршливи.

Релаксација против стресот

Медитација -  едноставно затворете ги очите и научете да го „исклучите“ мозокот  поради истите мисли кои постојано ви се вртат низ главата. Започнете да дишете во состојба на телото која најмногу ви одговара. Единствено нешто кое треба да го слушате е начинот на кој вдишувате и издишувате.

Ароматерапија -  различните мириси од камилицата, лавандата или пак ванилата може да допринесат до намалување на напнатоста на организамот.

Тај-чи – овој начин на вежбање влијае врз контролата на дишењето, смирување на срцевите откуцувања и промена на фокусот на секојдневните мисли .

Јога – слично како тај-чито, јогата влијае врз контролата на дишењето,а  физички ја подобрува и состојбата на вашето тело, со истегнување на мускулите и намалување на напнатоста.

Масажа – без разлика дали се работи за посета во некој козметички салон или пак во домашни услови, масажата е неопходна за опуштање на укоченоста на мускулите особено во пределот на рамената, вратот и проблемите со долниот дел од грбот.

Објавено:
9 јуни 2014
Категорија: 
Убавина