Кира Најтли: Јас сум девојка што оди во крајности!

28 февруари 2018

Актерката Кира Најтли е новото заштитно лице на парфемот на „Шанел“, „Coco Mademoiselle“. За парфемот ќе каже дека е свеж и дека ослободува, но во интервјуто за американскиот „Ел“ зборува и за убавината, навиките, шминките...

 

Дел од разговорот ви пренесуваме во продолжение:

Како твојот пристап кон убавината и негата се смени во текот на кариерата?

-Веројатно носам многу помалку шминка отколку кога почнав да се занимавам со оваа работа. Навистина уживам во соработките со прекрасни визажисти, фризери, кои создаваат прекрасен изглед. Но, затоа, кога не сум на “должност“, дури не ја ни четкам косата, а шминка речиси и да не носам. Девојка сум што оди во екстреми, но и двете крајноси ми се допаѓаат.

Зошто носевте повеќе шминка кога беше помлада?

-Уживав во испробувањето а нови, различни изгледи, да бидам различна личност. Кога се барате себеси, добро е да се “шарате“ наоколу со начинот на кој изгледате, односно со промената на коса или шминка. Тоа е патот на истражувањето. Како што старееш, сè подобро се чувствуваш во сопствената кожа и посигурен си во тоа што ти се допаѓа, а што не. Сега точно знам што сакам, на начин на кој порано не знаев.

Не само на сцената или во филм, туку и приватно сменивте многу фризури. Која Ви беше омилена?

-Ми се допаѓа „залижаната“ коса, како и краток боб, бидејќи е лесен за одржување. Но, ми се допаѓа и кога косата ми е долга. Таа меѓу фаза, кога косата не ви е ниту кратка ниту догла навистина ме нервира, па затоа најчесто не додржувам и ја кратам. Но, во моментов ми е толку долга косата, што верувам дека во одреден момент ќе посакам повторно да се ишишам.

Би носеле ли повторно машка фризура?

Не, мислам дека не. Тоа не беше среќен избор, иако беше лесен за одржување. Но, тоа не беше тоа што јас го посакував.

Сте се нашле во улога на историски ликови, со неверојатно интриганта убавина и изглед. Би сакале ли некој да биде актуелен повторно во 2018?

-Интересно е тоа што, кога толкувам „модерни“ улоги, за таа “природна“ убавина и изглед потребни се часови и часови работа. Сметам дека црвени усни, тренд што мислам дека посебно е актуелен во 1930-тите и 1940-тите, секогаш е добредојден, особено ако сте болни или имате лош ден. Ништо не може да ве орасположи повеќе од црвен кармин.

Кој е најпристапниот производ од Вашата рутина за убавина?

-Искрено, немам некоја посебна рутина. Но, на пример, шминката ја вадам со сапун и вода. Сакам да поедноставам сè и тоа најмногу што можам. Не користам посебни средства за чистење, млека, тонер... Одам на масажа за лице и на чистење два пати годишно и чувството е секогаш супер, но повторно, работам со многу шминка, па кога немам обврски, не сакам да имам ништо ниту на лицето.

Кој е најдобриот совет за убавина што би го дале на помладата тебе?

-Не грижи се за грешките што ќе ги направиш и забавувај се!

Се чувствувате ли како да сте правеле грешки?

-Да, секој прави грешки. Начинот на кој што ги одгледуваме младите жени, да се плашат да згрешат и дека мора да бидат секогаш совршени – тоа е невозможно! Сметам дека на тој пат кон совршенството има многу нервоза и стрес и не треба ни воопшто да се трудиме да ја достигнеме совршеноста. Грешките треба да нè ослободат!

Објавено:
28 февруари 2018
Категорија: 
Убавина
Прочитано:
646 пати
Извор: 
elle.com