Колку траат кремите за сончање?

29 јуни 2016

Едни од најактуелните производи периодов се секако кремите за сончање. Сите обрнуваат внимание на факторот на заштита, составот, но малкумина и на рокот на употреба.

И покрај тоа што имаат подолг рок на траење од некои секојдневни намирници на пример, колку реално ќе биде рокот на траење на кремата зависи од тоа како ја чуваме.

Според доктор Георгиос Иманидис, професор по фармацевтска технологија на Универзитетот за применета наука на северозападна Швајцарија, доколку ги чуваме на суво и студено место, како што е плакар или фиока, може да траат и до десет години.

Поголемиот број од произведувачите на овие креми, тврдат дека со правилно чување, во оптимални услови, овие производи ќе имаат дејство три години.

Сите ние често ги носиме кремите и на плажа, или ги оставаме во врели автомобили, чанти...

-Кога кремата за сончање ќе се загрее, нејзините компоненти побрзо се разградуваат. Тоа пак, придонесува до скратување на рокот на траење, дури на шест месеци – потенцира др. Иманидис.

Кремите за сончање во својот состав имаа неоргански состојки, како цинкоксид и титаниумдиоксид, кои го спречуваат горењето на кожата на сонце. Тие го впиваат и одбиваат ултравиолетовото зрачење кое, доколку не би ги користеле кремите, ќе продрат директно до кожата. За убавиот мирис, во овие производи се вметнуваат и природни масла и алое.

Според стручњаците, кремите содржат и емулгатори, кои го помагаат мешањето на водата и маслото. Според Ригоберто Адвинкула, професор на Универзитетот во Кливленд, токму емулгаторите се првите состојки што се распаѓаат на сонце. Без оваа состојка, водата и маслото ќе се раздвојат, со што кремата послабо ќе се врзе за кожата. Но, тоа не значи и дека ефектот е намален. Во таков случај, доволно е малку посилно да го „протресете“ шишенцето со кремата и масата ќе биде покомпактна.

Колку кремата е подолго изложена на неповолни услови, како сонцето, толку побрзо ќе се разградат и другите компоненти, а тогаш ќе почне да губи и ефикасност.

Сепак, според Иманидис, кремите за сончање ќе останат креми за сончање, само што со текот на време ќе ја изгубат јачината на дејствување.

На пример, кремата со фактор 55 со тек на време може да се претвори во крема со фактор 40 или 30.

Факторот пак упатува на тоа колку долго една личност може да биде на сонце, а да не изгори. Така, ако сте од оние што кожата почнува да ви гори за десет минути, по користењето на фактор 30, можете да останете на сонце 30 пати повеќе, односно 300 минути.

Сепак, релативно малку луѓе ставаат крема онолку колку што е потребно, односно колку што произведувачите препорачуваат. Препораката е да се ставаат два милиграма крема по квадратен сантиметар на кожа. Тоа значи дека, за секое изложување на сонце, треба да намачкате количество на крема доволна да исполни една чашка ракија.

Доктор Иманидис препорачува и дека е пожелно да се става нов слој на крема секои два до три часа, ако се потсетиме дека кремите сите ги чуваме на сонце и со тоа помалку и се ефективни.

Според сите овие упатства, едно шишенце крема од 60 до 90 милилитри може да трае две до три недели.

Објавено:
29 јуни 2016
Категорија: 
Убавина
Прочитано:
2.148 пати