Кожата на лицето нека ви биде приоритет за заштита од сонцето

31 јули 2014

Речиси сите секоја  година со нетрпение го чекаме летото, да заминеме некаде на одмор каде ќе можеме по цел ден да уживаме во летните задоволства под сонцето. Тоа е навистина убаво, но сепак треба вистински да внимаваме кога се изложуваме на сонце. Тоа важи за целото тело, но дерматолозите советуваат дека особено внимание треба да обрнеме на лицето. Тоа е најчувствителната зона на телото и сончевата емисија на честички може да има фатални последици кои можат да предизвикаат и трајни оштетувања на кожата, како што е случајот со создавање на флеки, а тоа секако не сакаме да се случи. Затоа денес ќе ви ги претставиме неколкуте совети за да ја заштитите кожата на лицето од сончевите зраци. Легендарниот холивудски дерматолог, докторката Патриција Векслер може да се пофали со 25 годишно работно искуство. Таа е жената која прва почна да го аплицира ботоксот кај своите клиенти, но и омилена докторка на многу холивудски ѕвезди. Еве кои се нејзините совети за тоа како да го заштитите лицето од сонцето.

Според Векслер, кремата која ја нанесувате на вашето лице за заштита од сонце треба да има фактор помеѓу 30 и 45. Препаратот треба да го нанесувате на секои два часа додека сте изложени на сонце. Исто така докторката додава дека кремата со фактор треба во својот состав да содржи витамински комплекс како и состојки кои се на природна база. Што помалку хемикалии на лицето, толку подобро за вашата кожа. Сепак во лето на нашето лице во никој случај не му треба слој на „тешка“ крема која само ќе ги „затвори“ порите на кожата. Затоа внимавајте и редовно читајте ги упатствата на производите.

Втор совет на кој го посочува дерматологот е фактот за изборот на хидратантни креми. Хидратантните креми кои ги користиме во зима може да бидат претешки за во лето, па можно е да има потреба од одбирање на полесни производи за кожата во лето.

Не заборавајте и на третиот чекор. Секој ден правете му благ пилинг на вашето лице. Чистете го со млаз вода и нежно тампонче за да ги извадите мастите од кремите и ситниот песок кој секако се „залепил“ на кожата во текот на денот. Потоа нанесете лесно средство за да ја освежите кожата.

Кога станува збор за шминка, докторката Векслер советува да користите специјална шминка за лице која дава ефект на исончана кожа, наместо средство за самопотемнување. Нема да ви остави траги по лицето и ќе исчезне за неколку дена. Пудрата е целосно забранета во лето, кожата мора да дише.

Сепак како последен совет, Векслер укажува и на тоа што да направите доколку ви се појави осип. Осипот од високите температури и пигментацијата можат да бидат третирани со салицилна киселина и хемиски пилинг.

 

 

 

Објавено:
31 јули 2014
Категорија: 
Убавина