Лорде и MAC козметика во заедничка мисија за убавина

11 март 2014

Ова беше прилично успешна година за Лорде. Не само што оваа 17 годишна пејачка се закити со две Греми Награди, таа исто така како свој следен ангажман ја најави соработката со брендот за декоративна козметика MAC.

Пејачката следејќи ги стапките на нејзините колешки Ријана и Лејди Гага, ќе издаде лимитирана колекција на  шминка во соработка со најголемиот гигант за козметика MAC, која на пазарот ќе се појави на петти јуни. Веста за проектот таа ја објави и на својот Твитер профил и предизвика лавина од позитивни коментари на нејзините обожаватели.

Брендот за убавина ги креираше изгледите во поглед на шминката за турнејата на Лорде, заедно со make-up артистот Амбер Дредон, кој мошне често и помага на пејачката во изборот на драматичните кармини за нејзините настапи.

Лорде е воодушевена од можноста за соработка со еден од водечките брендови за убавина и постојано потенцира колку многу и се допаѓаат MAC производите и понудите.

„Јас ја обожавам козметиката на MAC, уште од дете. Се сеќавам колку штедев за да можам да си дозволам да го купам мојот прв MAC кармин и на крајот им го позајмував на уште дваесет мои пријателки. MAC има чувство за промоција на силна и чиста естетика и тоа е она што најмногу ми се допаѓа. Навистина ми е чест што можам да работам на со нив на овие производи, кои што и јас секојдневно ги користам. Се надевам дека и тие ќе бидат задоволни од мене“, изјави младата пејачка.

Лорде е позната по својот готски изглед. Таа ги нагласува своите усни со темни нијанси на кармини како темно виолетова и црна, но фокусот е ставен и на силното потенцирање на веѓите и очите. Па така за сите љубопитни фанови кои сакаат да дознаат ексклузивни детали што ќе содржи линијата за шминка потпишана од Лорд со сигурност може да се потврди дека темните кармини, моливите за очи и веѓи ќе бидат на прво место. Исто така поради проблемите со акни на лицето со кои се справува младата пејачка, се претпоставува дека етикетата ќе лансира и кремови чија цел ќе биде полесно справување со акните, што е всушност проблем на голем број тинејџери и млади луѓе.

Објавено:
11 март 2014
Категорија: 
Убавина