Матурски фризури модерни и опуштени

28 март 2017

Конечно се наближува матурата, време кога завршува едно поглавје од  живот и време е да го прославите. Она што можеби вас матурантките ве измачува деновиве е и каква ќе фризура да одберете за таа вечер.

Миленикот  на младата генерација, Даниел Николовски, има неколку предлози и совети за вас:

-Оваа година се многу модерни крупни кадрици и бранови, ниски „неуредни“ или messy пунџи. Ако преферирате плетенки, тогаш изборот е дебела плетенка во било која варијанта. Кога се одбира фризура за матурската вечер, мора да се внимава на должината на косата, бојата, обликот на лицето, затоа што постојат идеални фризури за четвртасто, заоблено, округло или издолжено лице, како и на изборот на облеката. Матурската фризура треба да биде единствена, женствена, ефектна - вели Николовски.

Бранови за долга коса

За разлика од прецизните дефинирани бранови, како што се оние од 1960-тите години, а кои беа модерни последниве неколку сезони, во мода се враќаат опуштените бранови, лесни, ненаметливи. Со оваа фризура вие ќе изгледате опуштено и ќе испратите порака дека не сте се труделе толку многу да изгледате совршено. Ќе дојде до израз вашата младост и бунтовност .

Холивудска класична фризура 

Колку и да ви звучи ова тривијално и излитено, никогаш не се напушта овој тренд на префрлена коса само на едната страна, со  краевите на косата навиткани со фигаро, а темето истапирано. Оваа фризура е тренд години наназад на матурските вечери. Може да ставите некој моден додаток како ваш личен израз. Фризурата ќе ја истакнете уште повеќе ако нанесете црвен кармин, а на очите неизбежниот ајлајнер.

Секогаш модерно опавче 

Класичното кренато опавче за секој ден, полека но сигурно прерасна во вистинска фризура за свечени прилики, затоа што е многу женствено. Може да се експериментира до бескрај, а добро изгледа и со шишки напред. Опавчето може да го збогатите со дополнителни екстензии, кои пак, може да се навиткаат со фигаро на краевите. Бидете сигурни дека цела вечер ќе бидете спокојни .

Фризури за кратка коса 

Девојките со кратка коса може слободно да здивнат затоа што не треба многу да се мачат. Со само неколку свечени детали како што се сатенска лента или метална шнола ќе ви завршат работа и ќе бидете кул вечерта.

Ако имате ултра популарна боб фризура доволно е само да се исфенирате. Можете да додадете некое праменче во откачена боја, асиметрични шишки или соодветен накит, да постигнете ултра тренди изглед. Изборот е ваш!

*спонзорирана објава 

Објавено:
28 март 2017
Категорија: 
Убавина
Прочитано:
6.100 пати