Мелани Зарка ги открива тајните на парфемите на Жан Пату

10 мај 2017

Приказната за дизајнерот Жан Пату делумно веќе имавте можност да ја проследите на нашиот сајт.

Но, ние ја имавме честа да слушнеме и нешто повеќе „од прва рака“, па неодамна во нашиот град се дружевме со шармантната Мелани Зарка.

Мелани Зарка

Таа ни откри нешто повеќе за нејзината работа како менаџер на продажба, кои се најголемите предизвици со кои се соочува, како и за тоа зошто парфемите на Жан Пату се едни од најскапите во светот и во што се состои тајната.

-Јас сум Мелани Зарка од Франција, но веќе неколку години живеам во Лондон. Во моментов работам за „Designer perfums“, како менаџер на продажба. Тука сум за да зборуваме за Жан Пату и неговиот бренд, во рамки на соработката која се одвива со „ИТ-козметикс“ – ни рече на самиот почеток Мелани.

Со интересен француски нагласок и непосредноста, како и приказната, Зарка направи да уживаме во разговорот. Пред да го започнеме официјалниот дел, дознавме дека ужива во нашето „домашно“ кафе, бидејќи е силно, но признава дека може да го пие само со многу шеќер.


Првпат ли се среќавате со Скопје?

-Не, всушност ова е моја втора посета на Скопје. Првпат бев минатата година. Сè сеќавам дека тогаш многу се градеше во близина на плоштадот, но сега е прекрасно. Поводот овој пат е Жан Пату.

Жан Пату


Зошто оваа приказна е интересна?

-Жан Пату првин бил дизајнер. За жал, умира млад, во 30-тите години од животот. Потенцирам за жал, бидејќи се работи за голем визионер, човек пред неговото време.  Сигурно ви е познато дека тој е креаторот на плисираните здолништа за тенисерките. И генерално, во однос на моделите и материјалите што ги користел, бил далеку пред повеќето негови современици. Бизнисот го отвора непосредно пред Првата светска војна, но бидејќи ќе мора да оди да учествува во неа, го затвора. По враќањето на мирните времиња, повторно започнува со работа. Пату имал многу клиенти во САД. Во 1929 година, се случува голема економска криза и тамошните клиенти не знаеле како да му платат за неговите креации. Но, тој прави еден совршен гест, што само ја покажува неговата големина. Имено, се одлучува да создаде перфем и тоа да биде негов подарок за нив, во знак на благодарност што се негови клиенти и покрај тоа што во моментот немале можност да потрошат средства на неговите креации. Така го создава „Joy“.


Ова е еден од најскапите парфеми во тоа време. Во што се состои тајната?

-Да, тоа е најскапиот парфем во светот во тоа време, но и сè уште е. Тајната е во состојките од кои е направен, а за цената придонесува и шишенцето со златно ланче во делот кај капачето. Најзастапени состојки во „Joy“ се јасмин (jasmine of grasse) и специфичен вид роза (rose de meaux), кои ги краси неверојатен квалитет. За тоа говори и податокот дека розата што се употребува за овој парфем е десет пати поскапа од некои други што се користат за други парфеми. Во Македонија е достапен и парфемот и тоалетната вода. За некои други пазари, односно за посебни или потенцијални клиенти постои и верзија на „Joy essence“. Инаку, нашата компанија во Париз има продажен салон, како и лабораторија каде штос е создаваат паремите, меѓу кои и производите од брендот „Жан Пату“. Морам да напоменам дека Жан Пату и Габриел Шанел биле современици и не само тоа. Тие одлично се познавале. Но, за жал, тој умира пред неа, па не сме во можност да уживаме во други негови креации. Можеби и натпревар помеѓу нив двајца или заедничка соработка.

„Joy“ - омилениот парфем на Џеки Кенеди


Може ли овој парфем да ја разбуди страста и кај младите дами и девојките?

-„Joy“ не е единствениот парфем. После него се создадени „Sublime“, и „1000“. „Joy Forever е последниот парфем на куќата лансиран пред неколку години, поточно во 2013 и тој е посебно креиеран за девојки. Факт е дека сите парфеми можат да ги користат сите жени, но овој се создаваше наменски за помладата популација. За неговото создавање се употребени истите состојки, но се комбинирани на поинаков начин, па затоа овој парфем има поцветна нота и е полесен.


Значи, идеален за актуелната сезона?

-Да, одличен е и за лето, но уште повеќе одличен за сите што не се љубители на т.н. „тешки“ парфеми. Тој не мириса како „Версаче“ или некои други популарни летни парфеми. Неговиот мирис е навистина специфичен и не толку чест, што го прави уште попосебен.


Постои ли и машка верзија на парфемот?

-Единствениот машки парфем е „Patou Pour Homme“ (првично создаден во 1980-тите, а потоа и во 2014),и е дел од колекција „Jean Patou Collection Heritage“ (лансирана 2014 година). Освен него, колекцијата е сочинета и од „Еau de Patou“, создаден во 1970-тите што доживеа голем успех, како и „Chaldee“. А за „Chaldee“ постои посебна мала приказна. Во 1936 година, претседателот на Франција првпат воведува платен одмор за работниците, па луѓето тоа го користеле да одат малку на море, да се сончаат. А Пату, како вистински визионер, во тоа време го создава маслото за сончање наречено „Chaldee“, кое многу бргу станува популарно меѓу народот. Луѓето уживале во мирисот, по што е создаден и парфем под истото име.


Компанијата во која работите е застапник и за други познати парфеми...

-„Designer Parfums“ е семеен бизнис, основан во 1980-тите. Точно, нашето портфолио вклучува неколку брендови. Дел од нив ги поседуваме, како овој „Jean Patue“, потоа „ Aigner Parfumes“, „Scherrer“, кој исто така бил француски дизајнер...Но, за неколку поседуваме и лиценци, меѓу кои за парфемот „ARI by Ariana Grande“ на Ариана Гранде која е мошне популарна во моментов, потоа парфемите на Наоми Кембел, „Porsche Design“, „Ghost Fragrances“ – мошне популарен парфем во Британија... Последната соработка од пред неколку недели е остварена за лиценцата на парфемите на Џенифер Лопез, но за тоа сè уште не би зборувала многу...

Кој е најголемиот предизвик да се биде менаџер на продажба за ваква компанија?

-Работам на повеќе пазари и секој се разликува од другиот. Секако дека успехот на секој од нив е еден од предизвиците, но најголемиот веројатно е да се одржи страста и свесноста за убавата работа и да ја ширам приказната за одличните производи. Затоа што се работи за Франција од една страна, а од друга за помали пазари, па не секој знае за парфемите, да се разбуди интересот на луѓето за парфемите, историјата на парфемите, што е многу интересно, е голем предизвик исто така. Ова го работам речиси 3 и пол години и навистина се пронајдов. Морам да споменам дека сум единствената жена, останатите колеги се мажи и над 45 години, па не е едноставно секогаш, но верувам дека одлично се снаоѓам.

А кој е најголемиот бенефит?

-Тоа што можам да јадам различни јадења (се смее).

 

*спонзорирана објава

Објавено:
10 мај 2017
Категорија: 
Убавина
Прочитано:
294 пати