Природни и лесни маски што ќе и овозможат нов живот на вашата коса!

18 септември 2014

Колку и да изгледа добро и квалитетно вашиот регенератор за коса, таа постојано е сува, а и никако да ги спасите оштетените врвови. Токму поради нив, колку и да ја средувате, вашата коса постојано изгледа неуредно и без сјај, а постојано мора да ја подместувате каде и да одите.

Кога козметичките производи не ви помагаат, на сцена настапуваат природните состојки и сето она богатство што се содржи во истите.

Предноста кај домашните маски за коса е тоа што секогаш ќе имате свежа маска со проверени состојки што вие самите ќе ги одберете.

Можеби авокадото и не е вашето најомилено овошје или можеби пак дури и никогаш не сте го пробале, но затоа истото е голем пријател на вашата кожа и коса.

Исечете едно авокадо на половина и извадете ја семката и „месото“. Ставете ја смесата од авокадото во длабок сад и измешајте ја со едно јајце и малку маслиново масло и сето тоа добро измешајте го додека не се соединат сите состојки. Ваквата смеса држете ја на косата 10 – 20 минути и потоа измјте ја со топла вода. Уште по првиот третман, разликите ќе бидат видливи.

Доколку сметате дека маската од авокадо не ви е многу практична, бидејќи истото е малку скапо за да можете постојано да си дозволите да го ставате на косата, имаме уште една природна маска, подеднакво функционална.

Веруваме дека во вашата кујна секогаш имате мед и маслиново масло. Измешајте три лажици маслиново масло и две лажици мед и потоа маската нанесете ја на косата веднаш откако добро ќе ја измиете со шампон. Оставете ја маската да стои на косата 20 – 30 минути и потоа, уште еднаш измијте ја со шампон.

Известете нѐ за резултатите!

Објавено:
18 септември 2014
Категорија: 
Убавина