Совети за нега на коса на плажа

19 јули 2013

Сигурно со голема возбуда чекате да заминете на летен одмор, но треба да знаете дека сонцето, солената вода и пливањето во базен ја сушат косата, па на влакната им е потребна екстра нега. Еве како според советите на светски познатите стилисти и фризери ќе ја заштитите косата за време на врелите летни денови.

 

Кратењето на косата е правило број еден

За почеток ви е неопходна добра летна фризура. Кратењето е првиот чекор за постигнување на совршена фризура, а со тој процес влакното се обновува, косата има своја форма и нејзиното одржување е полесно. Затоа, пред да заминете на годишен одмор, посетете го вашиот фризер за да ви даде тип-топ облик за цело лето.

 

 

Редовно употребувајте балзам и регенератор 

Линијата на балзами или маски за коса кои ги користите треба да ги понесете со себе одмор. Тие се едни од приоритетите на листата кога е негата на косата во прашање. Балзамот може да го користите после секое миење, а барем еднаш неделно во текот на целото лето препорачуваме да користите појак регенератор. За да постигнете поинтензивен ефект после неговото нанесување завиткајте ја косата во крпа или пластична фолија. Оставете го да постои некое време за да може да навлезе длабоко во скалпот и да ги обнови влакната од коренот до врвовите. Ако вашата коса е сува, тогаш мијте ја со благ шампон за да не предизвикате алергиска реакција. Ако не можете да најдете поблаг шампон, тогаш со вода разблажете го тој што го имате.

 

 

Покријте ја косата додека сте на сонце

Ништо не може да ја заштити вашата коса или бојата од сонцето, па затоа покривајте ја во секоја пригода. Користењето на шапки, капчиња и марами ќе направи да изгледате шик и неодоливо на плажа. Друга опција е да користите некои од препаратите со заштитен фактор. Треба само да ја напрскате косата, но да ве предупредиме дека тие не можат да ја заштитат косата од сончевите зраци како што тоа го прават шапките и марамите. Сепак, изборот е ваш!

 

 

Избегнувајте ја употребата на апарати за сушење на косата

Потрудете се за време на летниот период што поретко да користите фен, пегла за коса или фигаро. Комбинацијата од топол воздух или горењето на косата од пеглата дополнително придонесуваат за нејзино оштетување и сушење. Ако морате да го употребите фенот, поставете ја неговата јачина на минимум и држете го барем на растојание од дваесет сантиметри од вашата коса.

 

 

Серуми користете во мали количини

Специјалните серуми или капките за коса користете ги онолку колку што сметате дека ви се потребни. Овие препарати се користат во зависност од текстурата на косата, па така онаа коса со потенки влакна бара помало количество на капки. Користете ги само за да ги освежите краевите на косата, а тоа ќе ја заштити од брзо мастење.

 

 

Практични летни фризури

Пуштената и долга коса е мошне незгодна за одржување додека сте на плажа, посебно доколку е мокра, се мрси на ветрот се лепи на рамениците и грбот, а делува и мошне неуредно. Едноставна пунџа или несредена плетенка е идеалното решение за да ги скротите немирните долги влакна. Можете да сплетете и две плетенки, а зошто да не и три, направете некоја штосна фризура. Бидете креативни и секој ден смислувајте нови начини, форми и облици за вашата коса. За вечерни излегувања, можете да си дозволите и малку гламур, па така украсните шноли се идеално решение.

 

 

 

Објавено:
19 јули 2013
Категорија: 
Убавина