Успешно второ издание на Health, Fitness & Wellness Expo

27 септември 2016

Љубителите на здравиот животен стил, како и оние што имаат желба тоа да станат, изминатиов викенд имаа можност да бидат дел од второто издание на Health, Fitness & Wellness Expo во „Александар Палас“.

Во текот на трите дена, речиси 60 изложувачи за фитнес, козметика, храна, спортска опрема итн., ја презентираа својата понуда, а посетителите имаа можност да се информираат за сѐ што ги интересира.

Свеченото отворање во петокот го одбележа и перформансот на трократниот првак во слаклајн (Slackline) од Шпанија – Карлос Мерајо Гарсија. Изненадување за сите посетители беше и гостувањето на шампионот во слеклајн од Естонија – Таури Вахасар. Ова е веќе добро развиена дисциплина ширум светот, во која постојат натпревари и спортисти кои професионално се занимаваат со неа, во чекор со светските трендови, а македонската публика што беше присутна во „Александар Палас“ со воодушевување го проследи нивниот настап. Похрабрите имаа шанса да се обидат и да видат како изгледа да си на местото на Карлос или Таури, макар и некоја секунда.

Програмата во текот на сите три дена беше богата и исполнета со разни презентации и награди. Од дегустација на здрава и органска храна, природна и органска козметика, бокали и филтри за вода, спортски програми и справи за вежбање, медицински и ортопедски помагала, третмани, физитерапевтски масажи, до суплементи, пробиотици и разни корисни анализи - посетителите на овој тродневен настан имаа можност да ги дознаат сите информации за здрав и подобар живот на едно место. Покрај изложувачите, учество земаа и голем број на спортски клубови, центри за здравје и масажа, организации кои се залагаат за здрав живот и здравата исхрана и тоа не само од Скопје, туку и од другите градови од Македонија

Во овој дел, свое учество имаше и фитнес студиото Play Fit Move, кои покажаа на кој начин се базирани нивните функционални тренинзи. Ги предизвикаа присутните, а оние во најдобра форма и ги наградија.

тмот на „Play Fit Move“ со наградените

Сепак, тоа не е сѐ што тие го нудат и презентираат:

-Клубот е формиран годинава и отворен за сите што се љубители или сакаат да се запознаат со „Зумба“, „Урбанајз“, „Зумба голд“ и функционални тренинзи. „Зумба“ е доволно позната и распространета, „Зумба голд“ е вид на зумба за оние со послаба кондиција, додека „Урбанајз“ е најнова денс-фитнес програма во комбинација со хип-хоп и бангра, па со самото тоа мошне се разликува од зумбата. Оние пак, што сакаат да посветат внимание на развивањето на силови способности, на координација, моторичките способности и слично, можат да одберат функционални тренинзи – вели Емилија Апостолска, инструктор по „зумба“ и „урбанајз“.

Таа посочи дека овој тип на презентација е одличен бидејќи повеќе луѓе можат да добијат информации за она што им буди интерес, како и на лице место да посведочат на презентации, без разлика дали се работи за спорт, масажи, храна или друг сегмент од она што го сочинува здравиот животен стил.

Оние пак, што сѐ уште не се одлучиле да вежбаат, а сепак сакаат да изгледаат убаво, на саемот можеа да се информираат и за најновите козметички трендови.

Докторката Весна Ѓорѓиеска, од центарот за медицинска козметика и естетика „Дерма Бела“, посочи на важноста од негата на телото и лицето.

-Негата што ќе ѝ ја пружите на кожата, односно на целото тело и лицето, во голем процент ќе придонесе за ваше подобро функционирање и секако, изглед. Она што ние на овој саем сакаме е посетителите да ги запознаеме со терапиите што ги работиме, а што вклучуваат LPG модул, со кој се релаксира мускулатурата на грб и врат, подобрување на циркулацијата во мозокот. Потоа, третирање на спондилоза, честа последица од професијата што вклучува многу седење, или принудна положба во текот на работата. Исто така, сите заинтересирани можат да се запознаат и со апаратот, кој на стопроцентен природен начин прави хормонски баланс во организмот и отстранува масни наслаги и целулит на места каде што ниту една диета или третман не може да продре.

Организаторите не ги заборавија ниту најмалите, кои допрва треба да се запознаваат и да го сакаат здравиот начин на живот. Токму затоа, за нив беше создаден посебен „Kids Corner“, каде секој од трите дена имаше петчасовна програма, што вклучува работилници за подобрување на моторички вештини, но и за поттикнување на здрави навики, како и едукативни активности.

-Она што започна како идеја сега веќе има второ издание, на што сме посебно среќни и горди, а има тенденција да прерасне и во една убава традиција. Се надеваме дека успеваме да им ги обезбедиме потребните информации на граѓаните и да ги поттикнеме уште повеќе да го сакаат здравиот начин на живот – изјави и организаторката, Огнена Ристовска.

Огнена Рисовска

Во продолжение погледнете дел од атмосферата на второто издание на HFW Expo. 

фото:www.differentphotography.mk

Објавено:
27 септември 2016
Категорија: 
Убавина
Прочитано:
382 пати