Здрави маски за лице што ќе ви ја освежат кожата оваа зима!

25 јануари 2017

Во последните неколку години здравата храна е апсолутен хит во светот, а оттаму и козметиката поврзана со сите тие здрави намирници.

Конкретно, во светот се појавија мали брендови чие производство се базира исклучиво на правење вегански производи за нега на лице и тело, како и декоративна козметика.

Откако успехот на малите брендови беше неминовен благодарение на популарноста на веганската козметика, и големите ги следеа нивните чекори.

Со оглед на тоа што сите вакви производи имаат навистина висока цена, во продолжение ќе погледнете неколку интересни пилинзи и маски за лице што може да си ги направите во домашни услови.

Јагоди + чиа семе + кокосово масло + шеќер

Ова веројатно звучи како идеална комбинација за совршен џем, но кога на истата ќе ѝ додадете кокосово масло, тогаш го имате најздравиот пилинг на светот. Оваа маска е идеална за кожа подложна на акни, а истовремено состојките ќе ја прочистат и нахранат со бројни витамини. Потребно е во еден сад да измешате ¾ шолја кокосово масло, 1 ½ шолја шеќер, неколку свежи јагоди и една лажица чиа семе. Добро измешајте ја смесата да се соедини и нанесете ја на лицето.

Овесни снегулки + бадемово млеко + сода бикарбона

Овој пилинг е идеален за секој вид кожа. Комбинацијата од овесни снегулки, сода бикарбона, зелен чај и бадемово млеко ќе ги отстрани мртвите клетки од кожата и ќе ја смири и хидратизира. Потребни ви се ½ шолја овесни снегулки, ½ шолја сода бикарбона, содржината од две кесички зелен чај и една шолја бадемово млеко, сето тоа добро измешајте го и нанесете до еднаш или два пати во текот на денот.

Банана + кафен шеќер

Наместо да ги фрлите бананите кога ќе потемнат, искористете ги како состојка за една супер маска за лице идеална за секој тип на кожа, особено комбинирана до масна. Во еден сад добро изгмечете една банана со третина шолја кафен шеќер. Оваа маска е полна витамини и минерали, а кожата ќе ви биде благодарна за тоа.

Цимет + ѓумбир + морска сол + маслиново масло

Една од најпопуларните состојки на пилинзите за тело секогаш е морската сол. Истата со леснотија ги отстранува мртвите клетки од кожата, а нејзините состојки ја негуваат кожата. Во еден сад ставете една мала шолја морска сол и една шолја маслиново масло, па додајте ½ лажица ѓумбир во прав и ½ лажица цимет за пилинг што ќе ве релаксира и ќе ви ја поттикне циркулацијата.

Објавено:
25 јануари 2017
Категорија: 
Убавина
Прочитано:
3.523 пати