Жефри Нејман и Мартин Микалеф: Успешни сме затоа што ги гледаме луѓето во очи

29 септември 2017

Да се биде фин и културен, а истовремено и успешен во денешно време станува мит. Сепак, брачната и бизнис двојка, Жерфри Нејман и Мартин Микалеф ни го покажаа токму спротивното.

Неодамна престојуваа во Скопје, каде за првпат го промовираа својот бренд М.Micallef, а во рамки на тоа и најновиот парфем Ananda Tchai.

Парфемеријата „Анабела“ беше местото каде на непосреден, духовит и опуштен начин, оваа успешна двојка го презентираше најновото од нивната компанија.

- Привилегирани сме што ја имаме можноста да го посетиме Скопје и тоа за прв пат, а воедно и Македонија, која е прекрасна земја, впечаток што го имам особено гледајќи ги жените што ја претставуваат. Мојата сопруга Мартин и јас сме горди што се дружиме со вас – изјави Нејман.

На шармантен начин, како на нови пријатели што имате чувство дека ги познавате одамна, Жефри ни раскажа како започнала нивната професионална, но и љубовна врска.

-Минатата година славевме 20 години постоење на пазарот. Во мојот случај, за да бидеш добар парфемиер, првин мораш да бидеш лош банкар :). Тоа е мојата прва професија. А Мартин беше сопственик на козметички салон во Кан. Таа е мошне талентирана и горд сум што сум нејзин сопруг. Се запознавме во 1992 и тоа беше експлозија на љубов и страст. И сè уште е. Страста беше толку силна, што сфативме дека сакаме да се гледаме, не само ноќе, туку и преку ден, постојано да бидеме заедно. А тоа беше можно така што ќе создадеме нешто во што и двајцата ќе бидеме вклучени. Првин сакавме да отвориме ресторан, бидејќи и двајцата сме големи вљубеници на храната – раскажува Жефри.

Сепак, патот ќе ги однесе на друга страна.

-После работата како банкар, бев повикан да бидам финансиски консултант во една лабораторија за создавање парфеми во Грас, град што уште го нарекуваат и „градот на парфемите“.  Работата ми овозможи да видам како се прави тоа, бев заинтересиран, зборував и со парфемиерите. Се случувало да ми „остане“ некој мирис во носот и со ноќи да размислувам за него. И еден ден, како што знаете, жените секогаш одлучуваат за нас мажите, Мартин ми рече, зошто не се обидеме да создадеме парфем. И јас се согласив. Микалеф беше доволно познато име, кое супер звучи и немаше потреба да се создава друго – потенцира парфемиерот.

Основните цели и појдовните точки на нивниот нов бизнис биле создавани во дневната соба во нивниот дом.

-Бевме тројца, со куп маркетинг и бизнис планови, и требаше да одлучиме што ќе правиме за да опстанеме во Франција, како сосема непозната компанија за парфеми. Со оглед на тоа дека на Мартин одлично ѝ оди дизајнот, одлучивме дека таа тоа ќе го прави и со шишенцата. Ке остава посебен печат, а тој момент го збогативме со Сваровски кристали. Единствена шанса беше да создадеме сладок мирис и да бидеме поскапи од Шанел. Почавме да го носиме парфемот по некои француски дуќани. Јас за среќа зборувам германски, па почнавме да го освојуваме и германскиот пазар. Учествувавме на саеми и изложби. Потоа, ни се посреќи и успеавме да отидеме на Средниот Исток. Само две-три години по основањето, веќе бевме почитуван бренд со препознатливи мириси, што го користат и кралските семејства во Кувајт, Саудиска Арабија, Дубаи...  – раскажува Жефри.

На прашањето, дали ова е семеен бизнис, двојката ќе каже:

-Па, може да се рече. Во него, покрај нас, се вклучени некои наши роднини и пријатели. Инаку, маме пет деца, кога се запознавме, веќе имавме еден брак зад себе. Од нашата љубов имаме син, кој исто така е вљубеник во страста, но кон готвењето. Тој е шеф и на некој начин тој го прави тоа што ние отсекогаш го посакувавме.

Но, не се откажуваат од вкусовите. Велат, нивните парфеми се токму такви – вкусни.

- Во Франција, за нашите парфеми велиме дека се „гурмански“. И двајцата ја сакаме храната многу, како што и претходно напоменав, па на некој сличен начин ги создваме и нашите парфеми. Вметнуваме вкусови од храна или пијалоци во нив. Ако гледаме и од страна на вокабулар, но и од страна на начин на подготовка, парфемите и виното се многу слични. Јас користам различни нивоа на ванила. Ја обожавам во парфемите и може да се рече дека и тоа е некоја наша препознатливост – смета Жефри.

И после 20 години, тие сè уште сакаат и ги минуваат деновите заедно. Парфемите ги креираат заеднички и со договор. Мартин е одговорна за уметничката работа, развој на брендот и дизајнирањето, додека Жефри за она што е во шишенцата.

-Кога со страст го работите тоа што го сакате, тогаш успехот е неизбежен. Ние сме зависници од работа. Но, никогаш не се жалиме, бидејќи уживаме во тоа што го работиме. И многу патуваме. И покрај тоа што постојано работиме заедно, никогаш не се расправаме затоа што имаме мошне јасни и цврсти цели за работата на компанијата. Сметаме дека тајната на нашиот успех се состои во тоа што сакаме да одржуваме контакт со луѓето. Во денешно време, сè повеќе ја губиме физичката комуникација со луѓето, а ние се трудиме да го одржиме традиционалниот начин, каде можете да ги гледате луѓето во очи и да ги допрете. Се трудиме да останеме смирени и приземјени. Во нашата индустрија за убавина, особено во Франција, има навистина познати создавачи на парфеми. Но, ние сакаме да останеме едноставни. Престојуваме во луксузни хотели, имаме луксузен живот, но она што за нас претставува вистински луксуз е да одиме на пикник со нашите пријатели, да одиме на село, во природа, особено со луѓето што ги сакаме. Тоа е многу важно за нас – потенцира двојката.

Сега се распространети во преку 30 земји од светот.

- Секако, се соочуваме со голема конкуренција, но сметаме дека има место за секого. Ние не сакаме конкуренцијата да ја напрекуваме така. За нас тоа се колеги и пријатели – вели Нејман.

Беше вистинско освежување да се види вљубена и успешна двојка. Иако потивка од него, тој не крие дека Мартин е столбот во нивната врска, жена во која е вљубен исто како и првиот ден.

-Да, јас сум погласен од неа, но тоа единствениот начин мојата личност да дојде до израз – се пошегува на крајот Жефри. 

 

*спонзорирана објава, IT Cosmetics

Објавено:
29 септември 2017
Категорија: 
Убавина
Прочитано:
377 пати