Приказната на овој пијанист е нешто најубаво што ќе прочитате денеска

Колин Хагинс е пијанист кој работи и живее во Њујорк. И успева да расплаче многу луѓе, но на најубав можен начин.

Четири пати неделно тој го пренесува своето пијано тешко преку 36 килограми од местото каде што живее до различни паркови во Њујорк, најчесто Вашингтон Сквер Парк и им овозможува на луѓето да уживаат во музиката и така повеќе од 10 години...

Сосема случајно во 2017 година ќе започне со една пракса која ќе им овозможи длабоко, катарзично уметничко искуство на слушателите. Имено, тој им дозволува да легнат под инструментот, за да можат да ја доживеат музиката на ново ниво.

„Кога ќе се доближите до пијаното, всушност можете да ги почувствувате вибрациите. Не го слушате само звукот, туку и го чувствувате. На тој начин се создава едно интимно и моќно искуство“, вели Хагинс.

Според неговото искуство, шест од десет слушатели го завршуваат искуството во солзи или со липтање.

„Кога уметноста, од било кој вид, е соодветно презентирана пред луѓето, тие „копаат“ длабоко во себе, на места со емоции на кои не одат често. Емоциите можат да бидат и огромни, како да доживувате емотивна катарза со терапевт“.

Дури и актерот Алек Болдвин посведочил на такво искуство.

„Тој се шеташе во паркот, после операцијата на колкот. Сè уште закрепнуваше и јас го поканив да легне под пијаното. На крајот, и тој пушти неколку солзи“, раскажува Колин.

Инаку, тој е самоук, а пијано свири од тинејџерските денови, значи повеќе од 20 години. Во парк го нема само кога временските услови го спречуваат, за да не го оштети пијаното.

Порано работел како музичка придружба на балет, но откако станал уличен уметник, вели дека средбата со уличните минувачи многу повеќе го исполнува.

„Наградата е неспоредлива. А исто така, заработувам доволно за да ја платам киријата и да имам скромен живот. Мојата цел е да им овозможам уникатно музичко искуство на што повеќе луѓе, сè додека не умрам“, вели музичарот.

Целата приказна погледнете ја во видеото.

Објавено:
23 јули 2019
Прегледно:
194 пати