Серена Вилијамс ја пее „I touch myself“ како дел од кампања против ракот на дојка

„Серена во топлес издание ја пее „I touch myself““, ова е насловот што веќе неколку дена ги прошета сите светски медиуми.

И додека многумина веројатно имаа сосема поинаква асоцијација за тоа што би можела да биде содржината што се крие зад овој наслов, вистината е дека познатата тенисерка прифати на овој начин да биде дел од кампања за борба против ракот.

Проектот „I Touch Myself“  е инспириран од Криси Амфлет, пејачката која и го отпеа овој хит од 1990, а почина во 2013 година, губејќи ја борбата токму со ракот на дојката.

„Да, ме извадија од комфорната зона, но сакав да го направам ова, затоа што е проблем што ги засега сите жени, од сите раси, насекаде низ светот. Раната детекција на ракот е клучот - тоа може да спаси многу животи. Се надевам дека ова ќе ги потсети жените на тој факт!“, вели Серена за странските медиуми и на својот Инстаграм профил. 

За потсетување, октомври е месецот кога се одбележува борба против ракот на дојката ширум светот. Според „Cancer Research UK“, повеќе од 90 проценти од жените на кои ракот на дојката им е дијагностициран во раната фаза, ја победуваат болеста. Од друга страна, на оние што во поодмината фаза им е откриена болеста, само 15% ја победуваат.

Ако веќе немате навика за почести прегледи и самопрегледи на дојките, октомври нека е месецот кога редовно ќе се проверувате!

Објавено:
2 октомври 2018
Прегледно:
136 пати