Видео: Погледнете ја атмосферата на фантастичната ревија на Елена Лука!

Луксузниот македонски моден бренд Елена Лука ја прикажа новата екстравагантна колекција во вторникот во рамки на модната ревија во организација на здружението „Добредојде", што годинава се одржува по трет пат, овојпат на темата: „Made in North Macedonia: Модни куќи".

Елена Лука го донесе духот на светската модна сцена кај нас, потсетувајќи нè дека модниот дизајн е нослива уметност која во име на индвидуалноста во амбиент на униформираност, треба широко да ја прифатиме.

Атмосферата на модното шоу беше и повеќе од одлична, а ние успеавме да поразговараме со организаторите за темата на годинешниот настан и за тоа како течеа сите подготовки.

Наш соговорник беше и Н.Е. г-ѓа Рејчел Галовеј, Амбасадор на Обединето кралство на Велика Британија и Северна Ирска во Република Северна Македонија, која е голем поддржувач на македонската мода.

Во изјавата за Fashionel.mk, таа ќе каже дека особен впечаток ѝ оставила колекцијата на етаблираната модна куќа Елена Лука, конкретно долгиот син фустан за кој ќе каже дека е соодветен за некој свечен настан и истиот совршено би ѝ одговарал.

„Од она што вечерва го видов, посебно ми се допадна долгиот син фустан од Елена Лука и би сакала да ми се случи некој настан на кој би го носела, бидејќи сметам дека е прекрасен и совршен за некоја свечена пригода. Инаку, би било одлично овој настан да продолжи, па дури и да излезе од границите на Скопје“, изјави амбасадорката Галовеј за нашиот сајт.

Разговаравме и со организаторката и претседателка на здружението „Добредојде Macedonia Welcome Centre“ кое годинава прославува 10 години постоење, Емилија Миладинова Аврамчева, како и со кастинг директорот Снежана Богдановска Сани, а своите импресии од неверојатната ревија на Елена Лука ги споделија и блогерките Александра Трпеска и Ангела Ѓоргиева кои беа облечени во модели од брендот.

Објавено:
1 ноември 2019
Прегледно:
283 пати