Возови“ на „Меморија“ добија модерна видео приказна

Групата „Меморија“ вчера на Факултетот за драмски уметности го промовираше новиот видео-запис за хитот „Возови“. Песната се најде на вториот албум на групата издаден во 1991 година, а членовите на групата сега повторно нè запознаваат со неа.

Видеото, кое го изработи „Томато“ продукција, е со ероткска нота и ќе ги „заскокотка“ гледачите, а главната улога во него ја има младата актерка Јана Стојановска.

Средбата на новинарите со членовите на култната македонска група, беше воедно и вовед во она што ќе се случува на 18-ти ноември, датум резервиран за концерт на „Меморија“ во „Метрополис арена“ во Скопје.

-Пробите се веќе во тек, енергијата е на одлично ниво и ветуваме дека својот максимум ќе го дадеме на 18-ти ноември – изјави Петар Георгиевски – Камиказа.

Тој откри дека публиката што ќе дојде на 18-ти ноември, ќе има можност да ужива во одлична музика и изненадувања.

-Она што можам да го кажам сега е дека ќе имаме и гости. Но, нема да бидат од странство. Остануваме доследни на домашната музичка сцена, па ќе имате можност да ги слушнете и „Зијан“ на сцената на „Метрополис“ – вели Камиказа.

На него се надоврза и Бане Поповиќ:

-Сега сме созреани и реализирани личности. Ја свириме музиката исклучиво од љубов. Сега сме во можност да направиме песните да прозвучат како некогаш што сме замислиле, а не сме биле во можност.

Членовите најавија дека по концертот ќе започнат и со работата на албум, а постои можност и за концерти и во неколку други градови низ Македонија.

И до следната средба со нив и нови детали за претстојниот период, уживајте во песната и записот за „Возови“.

Извор: Vis Memorija

Објавено:
12 мај 2017
Прегледно:
219 пати