Падот на температурите претставува вистински тест за нашиот имунитет. Затоа е важно да консумираме здрава храна која е богата со хранливи материи. Ги издвојуваме зимските намирници кои се одличен избор за во студените денови, како со својата нутритивна вредност така и со вкус. Доколку овие намирници бидат дел од вашата трпеза со сигурност ќе уживате во бројни здравствени придобивки.
Кељ
Ова лиснато зелје е присутно во зима и е богато е со витамини А и Ц, магнезиум и антиоксиданти како лутеин и бета-каротен, кои го поддржуваат имунитетот и го намалуваат воспалението. Една чаша сварен кељ содржи 4,72 грама влакна, околу 17% од вашите дневни потреби.
Спанаќ
Друг издржлив зеленчук кој вирее во зима е спанаќот кој е богат со витамини Ц и Е, како и антиоксиданси кои ги штитат клетките од оштетување. Богат со фолати, железо и калциум, една чаша сварен спанаќ обезбедува 19,5% од дневната потреба за витамин Ц и 26% од витамин Е.
Компир
Компирот има способност да се складира со месеци без да ја загуби својата хранлива вредност. Тој е богат со влакна, калиум и Б витамини. Еден среден компир (црвен) покрива 20% од дневните потреби за калиум, кој е важен за регулирање на крвниот притисок и нервната функција.
Морков
Студот го поттикнува морковот да го претвора скробот во шеќери, што го прави посладок. Богат со витамин А, една чаша свеж морков обезбедува 119% од дневната потреба, поддржувајќи го здравјето на очите и намалувајќи го ризикот од разни заболувања.
Пашканат
Овој коренест зеленчук успева во мраз и добива поблаг вкус. Богат е со влакна, витамин Ц, калиум и фолати. Една чаша сварен пашканат обезбедува 22% од дневната потреба за витамин Ц, придонесувајќи за здравјето на дигестивниот систем и намалувајќи го нивото на шеќер во крвта.
Праз
Празот, дел од семејството на кромидот и лукот, нуди блага, слатка арома и е богат со витамин К, манган и антиоксиданси како флавоноидите. Диетите богати со флавоноиди се поврзани со намален ризик од срцеви заболувања.
Зелка
Зелката има долг рок на складирање, таа е богата со витамин Ц, фолати и антиоксиданси како антоцијанините, кои можат да го намалат ризикот од срцеви заболувања. Црвената зелка е особено богата со овие заштитни соединенија.
Карфиол
Отпорен на мраз и лесен за складирање, карфиолот е нискокалоричен, со малку јаглехидрати, но богат со хранливи материи како фолати и витамин Ц. Неговите антиоксиданси, како глукозинолати и фенолни киселини, го прават популарен избор за оние што следат нискојаглехидратни диети.
Зеленчукот кој е присутен во зимата е вистински рудник на хранливи материи.
Вклучете ги овие разновидни намирници во вашите оброци за да уживате во сезонските вкусови, додека го зајакнувате вашето здравје за време на студените месеци.
Извор:health.com