13 ѕвезди што класичната венчаница ја заменија со неконвенционална

14 мај 2020

Постојат жени кои не се замислуваат како принцези на својата свадба. Нивниот стилски израз е силен и несекојдневен, впечатлив и неконвенционален, а сакајќи истото да го имплементираат и во невестинскиот изглед, посегнуваат по креации за кои не би се одлучила баш секоја невеста.

Токму таквите невести се во фокусот на овој текст. Во продолжение ќе видите 13 познати дами кои одлучиле да отскокнат од стандардното и да бидат неконвенционални невести.

Погледнете:

Брижит Бардо (1959)

За нејзиниот втор брак со францускиот актер Жак Шари, актерката се одлучи да носи трукирано фустанче до колена, со ракави, кои исто како и околувратникот беа украсени со тантела. Здолништето е широко, а половината нагласена. Интересно е што овој фустан е направен од материјал со кариран дезен, со што дефинитивно отскокнува од стандардите и сега, а уште повеќе кон крајот на 50-тите.

 

Елизабет Тејлор (1964)

Жолт фустан беше изборот на Елизабет Тејлор кога стапуваше во брак по петти пат. Нејзиниот избраник овој пат ќе биде Ричард Бартон, а фустанот ќе биде надополнет со цветен украс во коса. Но, тоа нема да биде првпат актерката да носи венчаница во боја. На нејзината четврта венчавка, тогаш со пејачот Еди Фишер, таа носи елегантна нијанса на зелена. 

 

Ракел Велч (1967)

Како и Брижит Бардо, така и Вечл ќе одлучи за пократок фустан. Нејзиниот избор е плетено, односно хеклано мини бохо фустанче, кое може да се смета и за еден од предвесниците на она што денес се  нарекува „гол фустан“.. 

Шерон Тејт (1969)

Актерката Шерон Тејт беше уште една од оние што не се замислуваат на свадбата во долг фустан. Нејзиниот избор е мини - фустан со долги ракави, волуменозни во рамениците, модел што одлично би поминал и во денешно време, со оглед на трендовите. Невестинскиот изглед ѝ е заокружен со цветови во косата и чевли на ниска потпетица.

 

Одри Хепберн (1969)

Истата година, по втор пат се мажи модната икона Одри Хепберн. На првата свадба носи конзервативна венчаница со потпис на Балман, па за втората ќе се одлучи за краток фустан во розова боја, која ќе ја дизајнира специјално за неа, нејзиниот пријател Живанши. Со едноставен крој, но интересна јака и качулка, односно марама, го привлекува вниманието.

 

Бјанка Џегер (1971)

Една од најубавите жени во шоу-биз индустријата Бјанка Џегер, веројатно и не претпоставувала дека нејзиниот „пет до дванаесет“ невестиснки избор ќе биде еден од највпечатливите и дека ќе испише историја. За свадбата со Мик Џегер во 1971 година, таа ќе направи комбинација од бел блејзер со потпис на Ив Сен Лорен со бело тесно здолниште, а сето тоа во комбинација со шешир со бели цвеќиња. 

 

Сара Џесика Паркер (1997)

Актерката е во онаа ретка група на невести што избрале црна венчаница, дизајн што го потпишува Морган Ле Феј. Таа во 1997 година се омажи за Метју Бродерик, избор за кој подоцна ќе рече дека можеби и требал да биде поинаков: „Никогаш не фантазирав за тоа каква венчаница ќе носам. Никогаш. Но, се сеќавам дека во еден момент се запрашав: „Господе, ќе ме побара ли тој некогаш за жена?". „Не сакавме да привлечеме внимание на било каков начин, бидејќи како на актери, тоа постојано ни се случуваше. Метју го купи првото одело на полицата, а јас првиот фустан што го здогледав. Но, да се мажам повторно, би ги направила работите поинаку. Ќе облечев стандардна бела венчаница, каква и требаше да носам на тој ден. Нешто во стилот на Оскар де ла Рента, со џебови под половината, горен дел украсен со монистра и огромно здолниште од тафт и сатен.

 

Гвен Стефани (2002)

Кога се мажеше за Гавин Росдејл во 2002 година, Стефани носеше необична венчаница со потпис на Џон Галијано. Се работи за уникатен фустан, со раскошно здолниште кое во долниот дел беше пинк. Стефани подоцна ја донираше креацијата во лондонскиот „Викторија и Алберт“ музеј.

 

Дита фон Тис (2005)

Дита секогаш предизвикувала внимание со својата појава, па нејзините впечатливи модни избори некако ни одат во склад со нејзината појава (за јавноста). На венчавката во 2005 година со Мерилин Менсон ќе се одлучи за раскошен фустан во нијанса на аметист, која за неа ќе ja дизајнира Вивиен Вествуд. Знаевте ли дека Кристијан Лубутан ја има официјализирано венчавката?

 

Соланж (2004)

За својата свадба во 2014 Соланж се одлучи да носи комбинезон во боја на слонова коска, со подлабоко деколте и плашт. Креацијата ја потпишува дизајнерот Стефан Ролан.

 

Емили Ратајковски (2018) 

Познатиот модел за својата свадба пред две години, се одлучи за окер одело од уличниот бренд „Зара“. Тоа беше навистина несекојдневен избор и мошне евтин во споредба со некои други, но таа во едно интервју за „Венити Фер“ ќе изјави дека никогаш не се замислувала како класична невеста. „Никогаш не ми се допаѓаше идејата да носам бела боја на свадбата, затоа што јас не сум чиста, невина жена. Јас сум жена која има карактер, искуство и живот“.

Објавено:
14 мај 2020
Категорија: 
Бела соба
Прочитано:
5.830 пати
Извор: 
Harper's Bazaar