Џеј Ло ги објави првите официјални фотографии: Една невеста и три фантастични венчаници од Ралф Лорен

24 август 2022

Џенифер Лопез е невестата на годината. И ако постоеше било каков сомнеж дека е тоа така, вчера ги разреши дилемите откако објави дел од официјалните фотографии од нејзиниот невестински изглед за свадбената церемонија која се одржа викендов во Џорџија и по втор пат му кажа ДА на Бен Афлек.

Во официјално соопштение до медиумите Џеј Ло ги откри деталите: освен гламурозната венчаница што ја носеше на официјалниот дел од церемонијата, таа вечерта облекла уште два ексклузивни венчални фустани потпишани од Ралф Лорен.

Една невеста и три фантастични венчаници.

Првиот кој имавме можност да го видиме сите на „папарацо" фотографиите, е всушност официјалната венчаница, за која Ралф Лорен откри дека се работи за деликатна креација, изработена рачно.
„Околу 1000 рачно исечени парчиња и 500 метри материјал, беа искористени за да се создадат карнерите, рачно сошиени и за да се креира волуменозното, романтично здолниште", се вели во официјалното соопштение на луксузниот моден бренд.

Фото: John Russo

Венчаницата е со висока јака и она што остави особен впечаток во целиот изглед е драматичниот вел, долг околу шест метри.

По официјалниот дел од церемонијата, Џеј Ло направила мини модно невестинско шоу, облекувајќи уште две венчаници дизајнирани специјално за неа од Ралф Лорен.

Едната во сирена силуета, целата обложена со бисери и Сваровски кристали, во неколку слоеви од органза.

„На втората венчаница работеа 30 луѓе, над 700 часа, за рачно да се навезат сите детали, бисери и кристали", споделува Лорен.

Третата пак, со минималистичка естетика и нота на сексапил, е во елегантен крој што ја следи силуетата, со изразено деколте украсено со скапоцени камења, а фокусот е на голиот грб што му ја дава совршената доза на сензуалност.

Двојката викендов организираше свечена церемонија во присуство на семејството и пријателите на нивниот имот во Џорџија, откако претходниот месец се венчаа во Лас Вегас.

 Фото: OntheJLo.com, Instagram

Објавено:
24 август 2022
Категорија: 
Бела соба
Прочитано:
1.521 пати