Како Зухаир Мурад ги замислува невестите во 2022?

21 декември 2021

Ова не е колекција за идните невести кои преферираат едноставен изглед.

Либанскиот дизајнер Зухаир Мурад во својата визија за невестата во 2022 година даде максимален акцент на гламурот, сјајот и луксузот, посветен на жените кои уживаат во малку драма и го бараат целото внимание за себе.

Од изборот на скапи материјали, до драматичните силуети, невестинската колекција за претстојната година е сѐ, само не минималистичка и едноставна.

А каква би била, кога е инспирирана од совршенството на дијамантот.

Очигледно периодот на изолација и ограничувања, му дошле премногу и на либанскиот креатор, па својата креативна слобода ја истурил во една гламурозна венчална линија во која сѐ е свртено кон максималистичка естетика.

Силуетите во принцеза крој со пренагласен волумен, деликатната тантела, навезените скапоцени камења, воздушестите здолништа, корсетите што дозирано го потенцираат сексапилот и многу, многу сјај – ја поставуваат есенцијата на венчалните креации кои независно од вашиот личен стил, секако ќе ви го одвлечат вниманието.

Кога ќе ја видите колекцијата како целина, прво нешто што ви паѓа на памет е луксуз во неговата најпрефинета форма, нешто што би носеле невестите во кралските семејства, а веројатно тоа е и целта што Зухаир Мурад сакал да ја постигне.

 

Објавено:
21 декември 2021
Категорија: 
Бела соба
Прочитано:
4.530 пати