Нежни венчаници од израелската дизајнерка Лихи Ход со акцент на грбот

1 јули 2020

Оваа 2020 година се покажа и не така среќна за оние што веќе ги имаа закажано своите свадбени веселби. Доколку сте од оние што презакажаа датум, или пак свадбата секако ја планирате за следната година, овој текст може да ви послужи како инспирација.

Денеска ви ја претставуваме колекцијата венчаници за есен 2020 година од израелската дизајнерка Лихи Ход. После завршувањето на престижно модно училиште во Израел, таа заминува во Париз и се вработува во модната куќа „Диор“ и работи покрај Џон Галијано.

После неколку години се враќа во Израел каде работи за неколку тамошни познати брендови, а во 2010 година одлучува да отвори свој бренд кој ќе биде специјализиран за венчаници.

Два пати (2014 и 2016) успева да ја освои наградата за „Најдобар дизајнер на венчаници во Израел“, а за своите креации ќе рече дека се спој на безвременска елеганција инспирирана од минатото и ноншалантен, шик став како слика на сегашноста.

Тоа важи и за актуелната колекција, каде посебен акцент става на грбот. Креациите се изработени од луксузни материјали - свила и нежна тантела. Венчаниците се нешто помеѓу познатиот „принцез“ крој и елегантните „сирена“ кроеви. Романтичната и нежна нота е сеприсутна, па ако ја преферирате таа естетика, тогаш несомнено може да се инспирирате околу изгледот на вашиот венчален фустан.

Во продолжение погледнете го резултатот:

Објавено:
1 јули 2020
Категорија: 
Бела соба
Прочитано:
3.168 пати