Откажани свадби – искуства на невести и експерти

30 март 2020

Пандемијата ги стави на пауза и сите свечености, со оглед на ригорозните забрани за било какви групирања и масовни собирања. За многу идни младоженци што овој период имаа/т закажано свадбени свечености, тоа значи откажување или одложување на церемонијата. Но, има/ше и такви парови кои се одлучуваат да ја адаптираат прославата на новонастанатата ситуација, одржувајќи ја свадбената свеченост во дневната соба на пример, во присуство на најтесниот семеен круг. Еден пар во Израел ја одржа својата свадба без гости, додека пак друг пар од Германија наместо претходно планираната голема прослава, премина директно на потписот во матичната служба.

Сепак, најголемиот дел свечености се откажани.

Сведоштва на невести...

На оваа тема за Вог зборуваат неколку невести кои што директно го искусиле овој проблем, но и експерти од областа за организација на свечености.

Британи Крафт со нејзиниот партнер имале закажано свадбена свеченост на 15. мај во Тоскана, Италија. Но, со оглед на тоа дека пандемијата го измести глобалниот колосек, а особено во Италија, нивната свадба морало да се одложи.

„Најбитно е дека ние ќе се венчаме, независно како. Тоа се материјални нешта", вели невестата потенцирајќи дека најзначајно е здравјето на нејзиното семејство, на нејзините пријатели, но и колективната здравствена состојба во светот.

Генералниот впечаток е дека младоженците ширум светот, делат исто мислење и емоции: во време на пандемија приоритет е здравјето. Но, факт е дека потрошеното време и пари на подготовки, ги остава во разочарување, покрај неизвесноста која е заедничка за сите.

Ширин Мирсаеди, невеста од Канада, имала закажано свадба на 28. март во Мексико. Но, две недели претходно, била принудена да ја откаже поради новововедените мерки за превентива од ширењето на коронавирусот.

„Сметавме дека не е во ред да ги ставаме нашите гости во опасност и ризик. Одложувањето на свадбата не е толку страшно, кога ќе се земе во предвид целата ситуација со која се соочува светот", го пренесува своето искуство невестата за Вог.

Но, кога оваа тема е во прашање, не се вознемирени само младоженците. Цела индустрија која е поврзана со организација на свадби, трпи големи финансиски штети.

Искуства на организатори на настани

„Никој не би сакал да ја менува закажаната дата, но едноставно тоа моментално не е под наша контрола. Се трудиме да бидеме максимално флексибилни, а тоа го бараме и од нашите партнери и соработници. Но, навистина е тешко", вели Луис Отоја од „ Matthew Robbins Designs" компанија за организација на настани, непосредно пред претседателот Доналд Трамп да ги забрани летовите од Европа.

Како и сите од индустријата и тие се соочуваат со низа рестрикции што влијаат на бизнисот: затворени граници, забрана за забави и групни собирања, привремено затворање на продавниците и снабдувачите со кои соработуваат...

Сите се во неизвесност и исчекување...

Дури и свадбените свечености закажани во втората половина од годината, се во неизвесност, се вели во темата на Вог. Единствено што преостанува е да се следи ситуацијата и да се придржуваме на препораките на надлежните институции. И да се чекаат поубави времиња кога убавите семејни собири и свечености повторно ќе бидат во полн сјај.

Извор: Вог

 

Објавено:
30 март 2020
Категорија: 
Бела соба
Прочитано:
1.417 пати