По објавувањето на свршувачката со Алекс Родригез, сите ги интересира како ќе изгледа четвртата венчаница на Џенифер Лопез.
Со оглед на тоа дека изјави дека би сакала да се венча во црква, бидејќи до сега не го направила тоа, почна да се шпекулира дека ќе одбере луксузна венчаница од „Версаче“ или Зухаир Мурад, со кои најчесто соработува кога треба да се појави на црвен килим на некој настан.
И да, Зухаир Мурад беше изборот, но за снимањето на најновиот филм со Овен Вилсон и Малума, насловен „Marry Me“.
Ова не е првпат таа да носи венчаница на филмското платно, тоа сме го гледале неколку пати, но дефинитивно е најлуксузната венчаница која Лопез некогаш ја носела.
За потсетување, зад себе има три брака.
Свадба број 1: Едноставна венчаница
За првиот со Охани Ноа, венчавката се одржа во Лос Анџелес во февруари 1997 година. Џенифер тогаш носеше едноставен фустан од нежна тантела кој ја следеше линијата на нејзиното тело. Косата ѝ беше собрана во голема пунџа со цветови и имаше огромен бидермаер. Двојката се разведе во 1998 година, па бракот не траеше ни година дена.
Свадба број 2: Фустан на „Валентино“
После раскинувањето со Пафи, Џеј Ло почна да се забавува со поранешниот танчар Крис Џад. Врската заврши со брак. Тие се свршија во 2001 година, само три месеци по раскинувањето со Пафи, а се земаа неколку месеци подоцна, истата година. Свадбата за тоа време беше формална и луксузна. Лопез носеше венчаница со потпис на „Валентино“ со тантела која имаше 3Д апликации и огромен вел. Двојката се разведе во 2002 година.
Свадба број 3: Фустан на „Вера Ванг“
После разделбата со Џад, Џенифер беше во врска со Бен Афлек. Нивната врска беше постојано на мета на јавноста. Кон крајот на 2002 година тие се свршија, за 18 месеци подоцна, само четири дена пред свадбата, Бен да ја откаже венчавката. После тоа раскинување, Лопез продолжи да верува во љубов и да ја бара кај Марк Ентони. Во 2004 година ги повикаа пријателите на забава во градината, а всушност кога пристигнаа сфатија дека се повикани на свадба. Двојката успеа да им се сокрие на медиумите, но сепак излезе информацијата дека Вера Ванг била задолжена за венчаницата, која повторно е од тантела. Во горниот дел тесна, а под колената се шири. За да се сокрие од папараците, Џеј Ло, носеше и бел чадор, па од нивната свадба не постојат многу фотографии. Двојката во бракот доби две деца, близнаците Ема и Макс, а се раздели во јули 2011 година.
Свадба број 4: ?
Медиумите шпекулираат дека свадбата со Алекс Родригез ќе се случи следната година, но дали тоа предвидување ќе биде точно и дали Џенифер навистина овој пат ќе се венча во црква и каква венчаница ќе одбере, останува да видиме.