Веќе знаете дека Стјуарт Вајцман е еден од омилените дизајнери на чевли на голем број девојки ширум светот, а во продолжение ви откриваме уште една причина плус за тоа.

Покрај фантастичните чизми над колена со кои предизвика вистинско „лудило“ во неговите продавници и стоковните куќи, дизајнерот сега нѝ презентира нова колекција стилски чевли за идните невести.

Неговите чевли ги обожаваат девојки како Џиџи Хадид, Лили Олдриџ, Роси Хантингтон Вајтли и уште многу други кои секогаш одбираат некои од неговите уникатни модели.

Познатите сандали „Nudist“ се темел на неговата нова колекција невестински чевли во која смести 10 целосно нови и совршени модели.

Секој од моделите доаѓа во три нијанси на бои, односно white satin, argento noir и platinum gold noir.

Дел од колекцијата се класични потпетици кои се избор на многу невести, чевли со платформа, тренди балетанки со врвки, сандали со тенки ремчиња и рамни, целосно отворени сандали.

Како и секогаш, во колекцијата секоја девојка ќе најде нешто по нејзин вкус, без разлика дали е вљубеничка во традиционалното, модерното, винтиџ или пак нешто сосема друго.

Она што е особено интересно е тоа што дизајнерот им дава можност на сите невести да ги персонализираат своите чевли, пишувајќи ги датумот и иницијалите.

Објавено:
6 мај 2016
Категорија: 
Бела соба
Прочитано:
1.840 пати