Венчаницата на новата шведска принцеза Софија веќе видена

16 јуни 2015

sofija

Изминатиов викенд, светската јавност беше насочена кон Шведска и кралската венчавка на шведскиот принц Карл Филип и Софија Хелквист.

Поранешната ријалити ѕвезда, манекенка и инструкторка по јога и принцот кој е трет по ред на листата за престол, се венчаа во присуство на пет европски кралици, јапонска принцеза и десетици гости од „сина крв“.

Хелквист (30) на венчавката се здоби со титула Војвотката од Вармленд, а светските медиуми секако големо внимание посветија и на венчалниот фустан. Многумина венчаницата на Софија ги потсети на оној на Кејт Мидлтон.

Иако за фустанот на Војвотката од Кембриџ се погрижи модната куќа Александар Меквин, а за фустанот на Војвотката од Вармленд се погрижи шведската дизајнерка Ида Шјоштедт, многумина пронајдоа сличности.

Тантелните ракави, благиот отвор на деколтето, А-формата, како и долгиот „шлеп“ на двата фустана, беа причина за венчалниот фустан на новата шведска принцеза да се каже дека е веќе виден.

Но, тоа не значи дека Софија не изгледаше убаво. Со едноставната, елегантна венчаница, принцезата носеше и дијадема, подарок од кралот Карл XVI Густаф и Кралицата Силвија.

Ако по изборот на венчаница личи на Кејт Мидлтон, по стилот на живеење сигурно не.

И покрај бурното минато на Софија, принцот Филип (36) застана одлучно зад својот избор, дури заканувајќи се дека ќе се откаже од кралското наследство и лоза. За среќа, до такво нешто не дојде, а Софија со потекло од граѓанско семејство стана новиот член на кралското семејство.

На 20 години позираше за машкиот магазин Slic, а во 2005 година беше дел од реалното шоу „Рајски хотел“ во кое натпреварувачите се оскудно облечени и се натпреваруваа кој последен ќе биде исфрлен од луксузното летувалиште. Родена е во Алвадален во Шведска, но истата 2005 година се сели во Њујорк, каде студира сметководство. Работела и како инструктор по јога и келнерка.

-Не жалам за ништо. Сите искуства ме направија личност каква што сум денес. Сега не би ги направила истите избори во животот – изјави Софија за документарниот филм за кралското семејство, кој се емитуваше на шведската национална телевизија.

Хелквист зад себе има и искуство во хуманитарната работа.

Инаку, новите сопружници се познати по спортскиот начин на живот, а од медиумите се окарактеризирани како модерни и отворени членови на кралското семејство, кои може да се видат како јадат пица или се шетаат низ шведската престолнина.

Која принцеза вам повеќе ви се допаѓа?

Објавено:
16 јуни 2015
Категорија: 
Бела соба