Венчавка во матично - еве што може да ја замени класичната венчаница

24 јуни 2020

Оваа 2020 година сите ќе ја паметиме долго. Ни донесе непредливи нешта, со кои очигледно сè уште не сме научиле да живееме и да ги прифатиме за постоечки.

Речиси сите одложивме по некој план, но меѓу тие што се најдоа во незавидна ситуација се и двојките што ги одложија своите свадбени веселби.

Доколку сепак ве очекува венчавка во матично, а не сакате да носите класична венчаница, ние имаме неколку предлози како можете да изгледате.

Се надеваме дека предлозите во продолжение ќе ви помогнат и ќе ве инспирираат.

Наместо венчаница можете да одберете фустан со покрајтка должина. Миди должините се сè уште меѓу најпопуларните, а можете да се одлучите и за до колена или нешто пократко. Кројот на фустанот одберете го според конструкцијата на телото. Можете да се задржите на белата боја, но и не морате. Поеднакво убаво можете да изгледате во фустан со цветен принт или во некоја пастелна нијанса (розова, сина, лаванда...).

За оние што се модно похрабри, можете да одберете и долг фустан во боја или со принт и тој да биде вашата „венчаница“ за оваа пригода.

Комбинезоните се мошне популарен избор. Со кратка пелерина или со паделка или некој друг детаљ како брош, можат да изгледаат навистина интересно и впечатливо. Ако не сакате едноделна комбинација, тогаш можете да одберете и панталони со горен дел, во иста боја или колор-блок комбинација. Оделата се исто така еден од најпопуларните трендови па дури и за овие пригоди.

Симпатична и романтична може да изгледа и комбинацијата на здолниште од тул и кошулка, а оние што не сакаат премногу официјални стајлинзи, можат да ги комбинираат со маичка со некоја интересна порака или апликација. Ако не сакате тул, можете да одберете здолниште од тантела, или со светки.

Плисираните здолништа и фустани изгледаат елегантно, а можете да ги носите и потоа. За каков материјал ќе се одлучите, тоа зависи од вашиот вкус, исто како и боја.

Всушност, на венчавката во матично можете да си играте со она што вие сте и она што е тренд (нешто што е пожелно да го применувате во секоја ситуација, секогаш истакнувајте го својот (моден) идентитет). Стресот што веројатно го наметнуваат поголемите свадби, официјалните моменти и желбата да носите нешто што можеби дотогаш не сте, не секогаш дозволуваат удобноста и личната естетика да излезат на површина, па еве шанса тоа да го смените.

Сетете се само дека Емили Ратајковски носеше окер одело од „Зара" на нејзината венчавка.

Во продолжение погледнете уште неколку примери.

 

 

Објавено:
24 јуни 2020
Категорија: 
Бела соба
Прочитано:
7.117 пати