Macedonian Monika with a successful YouTube channel for home interior design

Кога е во прашање уредувањето на ентериерот во еден дом, жените се оние кои имаат повеќе идеи и визии за тоа како сакаат да им изгледа дневната соба, спалната, кујната и воопшто атмосферата во домот. Но кога говориме за изработката на сите составни елементи и мебел, природно на сите ни доаѓа да кажеме дека тоа е “машка” работа. Процентуално гледано, и во компаниите кои се занимаваат со оваа дејност, мажите се тие што ги работат овие “груби” работи, барем на нашиве простори.

Денес ќе ви претставиме една млада Македонка, која ги руши стереотипите и на која бормашините, брусалките, пилите и штрафилиците ѝ се главните реквизити во секојдневието и со големо уживање изработува парчиња мебел какви што ќе посака и замисли.

Моника Младеновска Бунтеска, социјален работник според примарна професија и факултетска диплома, не само што ја има пасијата за ентериерно уредување и самостојно си го обликува домот по своја мера и со своите раце, таа е и една од најуспешните на youtube платформата во доменот на внатрешното уредување и DIY проектите, а е со потекло од Македонија. Својата страст за дизајн, рачна изработка и сѐ што е поврзано со уредувањето и стилизирањето на домот, го преточува во видео продукции и ги објавува на својот youtube канал со име Home By Mon.

Како вљубеничка во чистиот ентериер, таа го дефинира просторот во минималистички стил со чист и модерен дизајн, со светли тонови и едноставна естетика. Би рекле дека скандинавскиот стил на уредување е многу близок до нејзиниот израз, но со повеќе доза на топлина. Нејзиниот дом е место каде што секој би се чувствувал смирено и топло, а сепак зрачи со модерни линии и префинет стил.

Она што најмногу фасцинира во домот на Моника, е изработката на елементите од секој дел на домот, чиј потпис е токму нејзиниот. Таа неуморно креира првенствено во идејна форма, а потоа и во процес на реализација, и секојдневно прави трансформации на елементите, просторот и ѕидовите од замисла до финален проект. Сето тоа може да го погледнете на нејзиниот youtube канал каде што освен што може да добиете идеи за вашите идни реновирања на домот, можете да се инспирирате тоа да го направите и сами со минимален влог во алати за работа. Моника, исто така, го промовира и брендот ИКЕА како нејзин Дизниленд, и во многу од видеата може да видите за најновите колекции ламби, столови, маси, теписи, и сето она што ви е потребно за домот.

И како еден многу впечатлив момент, мора да споделиме дека Моника во секое видео го има најслаткиот партнер во нејзините работни авантури, а тоа е нејзиното и на нејзиниот сопруг милениче – кучето Марс.

Уживајте и вие во видета и во сета инспирација што ќе ви ја понуди Моника на линкот

Можете да ја заследите и на инстаграм профилот и да го следите нејзиниот креативен свет на следниов линк

No Comments Yet

Leave a Reply

Your email address will not be published.

en_GBEnglish