Нашата потрага по интересни ликови од градот нè донесе до госпоѓа Надица Трајковска, жена која го живее животот со широка насмевка и добра мисла.
Дама со свој стил, за која годините се само бројка.
Минатото е секогаш интересно за истражување, па затоа со госпоѓа Надица одговоривме на неколку интересни прашања за тоа како беше, како е сега. Оваа дама, која го живее животот со полни гради, ни споедели и неколку совети за помладите генерации.
Госпоѓа Надица, вие сте дама во вистинска смисла на зборот. Што за вас претставува една комплетна жена? Дали можеме да ја дефинираме?
Комлетната жена треба, пред сè, да биде образувана. Образованието е број еден. Потоа важно е да има разни интереси, да сака нови и да ги прифаќа. Жената исто така треба да биде друштвена, љубезна, да ја почитува својата фамилија и да е полна со емоции. Кај нашата генерација водилка беше токму емоцијата, емоција за сè. Не сум сигурна дали се раѓаме со таа емоција, но имам впечаток дека денес кај голем број жени недостасува тоа.
Можете ли да направите една споредба на жената порано и жената сега? Што се променило, а што не?
Има голема разлика. Во моето време се водеше сметка за сè. Да се излезе надвор без кармин беше незамисливо. Така праваше мојата мајка, а тоа ден денес го правам и јас. Се средувам наутро, нанесувам шминка без разлика дали ќе излегувам или не. Можеби ова го наследив од моите родители. Тие беа секогаш средени, се опкружуваа со позитивни луѓе.
Денешното брзо темпо на живот, можеби придонесе жените да не обрнуваат многу внимание на деталите. Едноставно немаат време. Полесно е да се негува минималистички стил, џинс, тренерки, ранче на грб...Поретко младите носат чанти, од она што сум го забележала.
Како го градевте својот стил? Дали имавте инспирација од конкретна личност или сè е дел од вашата имагинација?
Искрено за градење на мојот стил не сум следела никого. Редовно купував списанија Бурди, отсекогаш ја сакав модата, а имам и неколку успешно сошиени парчиња. Порано многу повеќе се шиеше, па јас користејќи ја мојата креативност додавав мој печат на секој стајлинг. Ќе одберев детали од списанијата, ќе скоцкав дизајн и одев кај шнајдерката со мојата идеја. Дури и кога ќе купев нешто ново од странство или од овде, додавав мој печат на облеката. Денес не ми се допаѓа што сè е копија едно на друго. Мојата генерација сакаше да биде уникатна, секоја за себе.
Дали сте за дрес код или слободно изразување, кога станува збор за деловен стил?
Моето работно искуство наложуваше дрес код и јас многу го почитувам тоа. Работев на две места и на двете се знаеше што треба да се облече, а што не смее. Не сум за униформи, сите да бидеме идентични, но почитувам деловен дрес код. Миди здолниште или макси, кошула или блуза со тричетврт ракави, и никако боси нозе. За да се изгледа професионално според мене треба да се има дрес код.
Што претпочитате кога станува збор за уредување на домот?
И за уредување на домот се водам од сопствената желба, од причина што сакам да се вградам себе си во домот. Го следам внатрешното уредување на Elena Luka Home и добивам идеи од тоа што го гледам, но секогаш оставам мој мал печат во речиси секој елемент, бои, детали, одредени парчиња. Не би можела да дозволам некој друг да одбира место мене, но сакам да црпам идеи од добрите креатори.
Споменавте дека сте патувале многу. Направете ни една паралела помеѓу жените во Македонија и оние надвор.
И во тоа има разлика некогаш и сега. Порано, како што напоменав, и кај нас многу повеќе се обрнуваше внимание на изледот, се разбира секој според можностите. Според мене, не е толку до парите, колку што е до креативноста како да се скоцкаат парчињата за да изгледате добро. Од земјите што сум ги посетила, највоодушевена сум била од дамите во Верона и Рим.
Восхитена сум ги гледала постарите жени, како изненадувачки добро умееле да ги комбинираат боите, зелена, розова, тиркизна боја. Толку бев импресионирана и си велев и јас кога ќе остарам сакам вака да изгледам. И во Франција имаше жени што изгледаа навистина добро, но не можам да ја споредам Италија со ниедна друга земја.
Денес македонските жени не се разликуваат многу од оние во Европа. Речиси секаде владее опуштена и лежерна естетика. Сакам да напоменам и дека порано многу повеќе бевме во движење, за разлика од сега кога сè е врзано за компјутерите. Имавме витка линија која што ја добивавме на природен начин. Од она што можам да го видам денес, се поголем број на луѓе имаат проблем со килограмите, па се во помала можност да се стилизираат според желбите.
Денес многу први контакти се сведуваат на онлајн комуникација. Како изгледаше запознавањето и додворувањето пред времето на дигитализацијата?
Мојата генерација имаше неколку места каде излегуваше за средби. Едно од нив беше Џафте корзо, тоа беше маалско корзо. Оттука ја почнувавме турата и ги испраќавме првите погледи кон симпатиите. Кога бевме малку поголеми одевме на кејот на Вардар и интересно беше тоа што веќе во 19 и 30 сите се враќавме дома, заедно. За оние на возраст од 20-25 главно место за средби беше на плоштадот. Тука девојките обично шетаа, додека момците меркаа, седнати на клупи, и се крадеа погледи и воздишки. Секако најважна беше емоцијата, спојот на енергии. Исто така кај Народна банка беше раздвижено, но таму одеа малку повозрасните, тие што имаа над 30 години.
Ние бевме големо друштво и секогаш бевме тука едни за други. Да ги споменам и матинеата, тоа беа еден вид на попладневни забави, игранки кои се одржуваа по средните училишта. Се седеше на столчиња и се крадеа насмевки. Момчињата не канеа на танц и беше навистина убаво. Денес во овој виртуелен свет, не можат да се видат емоциите.
Мене ме воспитуваа со зборовите – срцето да ти заигра, тогаш е оној вистинскиот. Се правеа и домашни забави, кои ни оддалеку не личеа на сегашните, кога се јаде и пие на големо. Ние поминувавме многу поскромно, со лепче, путерче и сок. Секако тука беше и корзото, како неизоставен дел од животот на младите.
Ако треба да ги посоветувате младите за стилот, за однесувањето, за начинот да се има исполнет живот, што би им рекле?
Повторно ќе напоменам дека едукацијата значи многу. Децата мора да се едуцираат, тоа е број еден. Како второ мора да се има култура, манири, почит кон луѓето. Благодарам, извини, те молам, не смеат да бидат непознати зборови. Треба постојано да се употребуваат во соодветната прилика. Фамилијата треба да се почитува, секогаш, и животот да се живее со полни гради.
Колор телевизор чинеше колку една повратна карта до Париз. Погодете што одбрав јас. Париз секако!