Ако пред неколку децении жената беше помалку или повеќе дефинирана од стереотипите, денес работите се малку поинакви.
Жената стана моќна и успешна, жената стана лидер, жената стана иноватор и поттикнувач на промени.
На наше задоволство, ја имавме честа да зборуваме со навистина успешна жена Христина Спасевска, професорка на ФЕИТ и проректор за настава на УКИМ.
Професорке, Вие сте една успешна жена, која што несебично го пренесува своето знаење на студентите. Според вас не постојат машки и женски професии, туку само лесни и тешки. Дали е тоа навистина така?
Корените за поделба на професиите на машки и женски се многу длабоки и вродени во нашата перцепција, уште од мали нозе. Со изборот на боја на облека кај новороденчето, со разликување на играчки за момче и девојче, и така во целиот период на развој на младите, се нагласува традиционалното гледиште за родова поделеност. Тоа продолжува и понатаму, кога избираме професија или пак треба да направиме баланс помеѓу работните обврски во семејството и со нашите партнери, кое за среќа, новите генерации сѐ повеќе го практикуваат.
Со брзиот технолошки развој и дигитализацијата, се нагласува можноста машките професии да станат подостапни на жените, што води од сфаќањето дека жената е физички послаба или затоа што треба во голема мера да се посвети на семејството. Тоа е теза која не ги отсликува вистинските атрибути на професиите. Едноставно, професијата може да биде тешка, да бара големи умствени, физички и временски ангажмани, подеднакво за мажите и жените. Ако таа професија се сака или не мотивира нас како личности, нема причина да не се избере. За прифаќање на овој концепт ќе треба уште време, но секако на наша страна се сите општествени и технолошки промени.
Ќе кажете дека ние жените сакаме во исто време да се посветиме на науката, но и на семејството. Дали според вас, жената може да биде подеднакво успешна на повеќе полиња?
Секако! На тоа укажува и бројот на жени кои за професија ја избрале науката, т.е. академијата. Најголемите очекувања за градење на кариера и брз напредок, од нас се бараат токму на почетокот, кога сме млади и во периодот кога треба да станеме економски стабилни, па и да оформиме семејство. Можеби затоа останало размислувањето дека жената не може целосно да се посвети на оваа професија, која навистина бара континуирани лични вложувања.
Секој може да биде успешен во повеќе полиња. Ги учам моите студенти дека, независно од нивниот пол, водилка за успешност треба да биде изборот на полињата кои навистина ги сакаат и ги прават среќни. Тогаш, многу полесно ќе ги совладуваат препреките што наидуваат во животот.
Како Ви се роди желбата за науката? Дали имаше некоја пресвртница во вашиот живот или од секогаш сте сакале да бидете дел од иновациите?
Многу често се случува родителот, или пак добриот професор да бидат клуч за избор на професија. Кај мене се случи токму тоа. Ја засакав физиката уште од мали нозе покрај мојата мајка, а во гимназијата во Струмица имав исклучителен професор по физика. По запишувањето на Природно-математичкиот факултет во Скопје на насоката применета физика, едноставно работите како да тргнаа по својот природен тек.
Но, изборот на академска кариера во областите од физиката значеше носење на клучни одлуки. Најпрво да бидам добар студент за да може да останам на универзитетот, потоа дел од моите истражувања да ги правам во странски лаборатории, а своето напредување по докторатот да го продолжам токму таму. Важно за мене беше да имам тим со кој ќе соработувам и во него секогаш да има млади луѓе. Со цел постигнување на научни резултати, објавени во референтни списанија, неопходно во развојот на еден млад научник е да работи на проекти кои опфаќаат големи меѓународни тимови.
И самата велите дека во нашата држава, врвната науката сѐ уште припаѓа на мажите во целост, а предизвик на жените е да ја променат таа слика. Како оди досега тоа, дали има промена и во која насока најмногу?
Најверојатно за совладување на овие предизвици треба да се насочиме кон охрабрување на најдобрите студентки, преку истакнувањето на успешни примери кои ќе ги мотивираат за своја професија да ја избираат академијата. Постојат многу активности и иницијативи на меѓународно ниво кои се насочени кон жените во науката, особено ако тие се од земјите во развој, и нивна поддршка во градењето на научна кариера.
Исто така, постојаното истакнување дека врвна наука се работи само со меѓународна соработка, ќе вроди плод кај младите девојки и жени во науката за постигнување исклучителни резултати.
И покрај обемните обврски, сигурно наоѓате време за оддишка. Што е тоа што ве исполнува во слободното време?
Најпрво тоа е моето семејство и времето поминато со него. Сакам да патувам и да бидам во кругот на моите драги пријатели. Се трудам да најдам време, барем дел од викендите да ги поминам во планина или во мојот роден град, но не секогаш успевам во тоа. Го сакам филмот и музиката, кои често ме оттргнуваат од секојдневицата. За жал, немам некое постојано хоби, кое секако би ми било голема оддишка. Исто така, преку лајонизмот сум вклучена во голем број хуманитарни акции.
Но, она што навистина ме исполнува, е мојот долгогодишен волонтерски ангажман во промоција на природните и техничките науки кај младите, прво како претседател на Народна техника на Македонија, а сега на Инженерската институција на Македонија. Особено ми значи кога младите, со кои сме се среќавале на натпревари ќе се определат во овие професии, или ако со најразлични воннаставни активности го градиме нивниот кариерен развој за да станат успешни професионалци.
Дали може да издвоите некое постигнување на кое сте особено горда?
На ова прашање не оставам место за дилема, секако тоа е мојот син. Се надевам дека како мајка придонесов тој да биде добра личност и успешен човек. Професионално сум горда на соработката со моите колеги, со кои заеднички воспоставивме нова акредитирана лабораторија за радијациона физика на Факултетот за електротехника и информациски технологии. За ова навистина требаше многу заеднички ангажман во последните десетина години, да се тргне од почеток и со неколку проекти од програмите на Меѓународната агенција за атомска енергија и Хоризонт 2020 да се обезбеди опрема, обуки и услови за престој на елитни странски универзитети. Денес лабораторијата е акредитирана и не само што се користи за научни истражувања, туку и за потребите на нашето стопанство во делот испитување на храна третирана со јонизирачко зрачење.
Овие активности беа препознаени од Министерството за образование и наука и од минатата година сме носители на проект за нова опрема со која ќе се прошири опсегот на акредитација на лабораторијата за дозиметриски мерења.
Постои ли меѓусебна солидарност помеѓу жените во науката? И дали ја добивате потребната поддршка кога станува збор за нова идеја и нејзина реализација?
Јас би нагласила дека треба солидарност и соработка помеѓу научниците, затоа што врвната наука бара интердисциплинарност и исклучителна финансиска поддршка, како за истражувањата, така и за меѓународното вмрежување, без кое нема успех. Меѓународните проекти и работата во големи тимови од повеќе земји секако се клуч, каде преку размена на искуства и знаења може да се достигнат одлични резултати.
Но, од особено значење за примената на науката, што е и нејзина суштествена цел, т.е да се соработува со компаниите. Само така може новото научно достигнување да биде применето, па да се добијат нови производи или подобрат индустриските процеси кои понатаму ќе овозможат поквалитетен живот за сите нас.