Кошаркар

Широко отворени врати во европската кошарка за нашиот кошаркарски талент Кирил Панов

Интервју со
Кирил Панов
29 мај 2019

Со само 14 години, во 2014 година нашиот кошаркарски талент Кирил Панов од родната Струмица заминува за Шпанија, каде сериозно се профилира како зрел, професионален играч за кој интерес ќе покажат тамошните најелитни кошаркарски клубови. После 5 години поминати на професионалните кошаркарски терени во Шпанија, Кирил може да се пофали со огромен успех и врвни достигнувања за еден млад спортист пред кого сега стојат ширум отворени врати во Европската професионална кошарка.
Успешно заокружи четири години во редовите на „Terra Alfaz", каде се истакнува како еден од најдобрите, по што интересот на шпанските екипи за него станува се поангажиран.

Последната сезона, односно неговата петта година по ред во Шпанија, играше за „Estudiantes Cartagena", што за Кирил е сериозна отскочна даска која води до кошаркарските елити во Европа.
Периодов Кирил се врати дома, да се одмори пред новата сезона, а ние го искористивме моментот и имавме чест да разговараме со него. Одблиску ве запознаваме со младиот и талентиран кошаркар за кој веруваме дека најблескавите професионални успеси допрва следуваат.

Кирил може ли да се присетиш каква и кога беше твојата прва средба со кошаркарскиот терен?

-Уште од најрана возраст, на некои 7-8 години, топката и спортот воопшто ми беа предизвик. Можеби една од причините беше и тоа што со моето семејство живеевме во непосредна близина на спортски терен каде секојдневно се организираа спортски настани. Секој слободен момент го користев да бидам дел од истите и на тој начин се роди љубов кон кошаркарската топка, која сè уште трае.

Кој беше клучниот момент кога реши дека токму кон тој терен се насочени твоите професионални амбиции?

-Честопати во тие кошаркарски натпревари, каде во поголем дел учествуваа играчи повозрасни од мене, се случуваше да пополнувам нечие отсуство во кошаркарската игра. На тие рекреативни спортски настани обично доаѓаа и искусни играчи, поранешни професионалци, луѓе кои сериозно се навлезени во кошарката и го разбираат начинот на функционирање и токму тие луѓе го забележаа мојот талент и на некој начин ме поттикнаа сериозно да размислувам за овој спорт и да се вљубам во кошарката.

Во кој клуб беа твоите почетоци?

-Во времето на моите почетоци, во Струмица функционираа неколку локални кошаркарски клубови. Јас се одлучив да се зачленам и активно да тренирам во клубот „Ролинг-08" и всушност тука се и моите први сериозни почетоци во кошаркарскиот свет. Таму за прв пат вистински ја почувствував магијата на кошарката. Првите успеси, победи и мојот сериозен напредок во овој спорт ги искусив токму во овој клуб на кој и денес сум му благодарен, како и на моите први тренери Зоран Гонев и Антонио Иванов.

Имаш само 14 години кога заминуваш за Шпанија. Верувам дека тоа е едно сериозно животно искуство за еден толку млад човек?

-Точно, до моите 14 години сè се случуваше како на филмска лента во светот на кошарката. Она што следи понатаму е искуство што би му го посакал на секој млад човек кој се занимава со спорт.

Како се случи таа ретка животна шанса, да добиеш можност професионално да се развиваш во земја во која покрај фудбалот и кошарката е на завидно ниво?

-Шансата која ми ја дадоа неколку големи шпански кошаркарски клубови е благодарение на мојот неверојатен учинок од речиси 50 поени по натпревар за време на целата сезона. Моите одлични игри не останаа незабележани од страна на големите кошаркарски екипи и академии. Благодарение на социјалните мрежи почнав да добивам понуди од различни менаџерски агенции кои сакаа да ме застапуваат во преговорите со истите (Sevillia, Barcelona, Estudiantes...). Во многу краток временски период добив конкретна покана од Sevillia-Cajasol и Barcelona. Ги посетив и двата кошаркарски гиганти и после кратки преговор, заедно со моето семејство одлучивме од први септември 2014 година да ја прфатам понудата на академијата „Terra Alfaz" која во тој момент беше една од водечките филијали на големата Barcelona. Четири години бев дел од „Terra Alfaz" и во таа академија постигнав сè што може да се постигне во кариерата на еден млад спортист. Во тие неколку години освоив неколку неверојатни, индивидуални признанија, како и големи екипни успеси, како MVP на неколку турнири, најдобар играч во Шпанската лига и заминување на Шпанскиот државен шампионат.

За кој клуб играше изминатава сезона?

-Оваа сезона играв за „Estudiantes Cartagena", млад клуб каде што добив огромна минутажа, одлични услови за напредок и стекнав големо искуство во Сениорска професонална лига која е голема отскочна даска која води до кошаркарските елити во Европа. Во моментот, мојот менаџерски тим е во преговори со неколку клубови кои што засега од професионални причини не можам да ги откријам.

Колку беше задоволен од условите во клубот и како котиравте последната сезона?

-Формулата за успех на шпанскиот спорт воопшто се крие токму во идеалните услови што ги нудат тамошните клубови за секој спортист. Со еден збор, се функционира беспрекорно. Што се однесува до екипниот резултат, клубот сезоната ја заврши успешно и ги исполни сите планови за оваа сезона.

Како изгледа еден твој стандарден, активен ден?

-Со самото тоа што сум дел од најорганизираната кошаркарска земја во Европа, секој ден ми е исполнет со обврски. Тоа подразбира два пати дневно редовни тимски тренинзи, индивидуален тренинг, теретана, посета на физиотерапевт и ако на сето тоа го додадеме и студирањето на еден од шпанските универзитети, може да претпоставите дека еден мој стандарден ден е комплетно ангажиран.

Може ли во неколку реченици да ни ги сублимираш петте години, колку што со во Шпанија. Какви се твоите импресии? Со какви очекувања отиде и дали истите после пет години се остварија?

-За овие пет годин досега, јас успеав да се реализирам и приватно и професионално. Мислам дека одам по вистинскиот пат и моите планови се така и да продолжам, имам огромна поддршка од моето семејство и од луѓето кои професионално и секојдневно ме опкружуваат. Се навикнав на животот во Шпанија, имам огромен број на пријатели, јазикот перфектно го владеам, па дури сум и среќно заљубен. За да биде задоволството комлетно, голема поддршка уживам и од мојата девојка која исто така професионално е дел од спортот.

Какво е твоето искуство со Македонската репрезентација?

-Јас сум дел од Македонската кошаркарска репрезентација во континуитет веќе 5 години, настапувам на Европските првенства и гордо ги бранам боите на нашата земја. Секогаш се стремам да ја претставам нашата земја во најдобро светло и на некој начин да бидам дел од нашите спортски амбасадори.

Кон што целиш во твојата професионална иднина? Какви се твоите размислувања за понатамошниот развој на твојата кариера со оглед на тоа дека допрва ти следуваат најблескавите моменти?

-Сериозно пливам во кошаркарските води од мојата 14-та година и сите мои амбиции и планови се насочени кон овој спорт. Имам одлична база да продолжам со максимум посветеност и со голем оптимизам и позитивна енергија верувам дека моето допрва доаѓа.

 

Објавено:
29 мај 2019
Прочитано:
1.220 пати