„Авалон продукција“

Адреналинот е мојот отров!

Интервју со
Бобан Милошески
9 март 2020

Низ годините одлучи да не се појавува често во медиумите, за кои ќе рече дека денес во ерата со интернет и не му се релевантен фактор. Од оние луѓе е што директно го кажува она што го мисли, што често знае да не им се допадне на тие од другата страна на разговорот. Но, таков е. Сака добра музика и луѓе со добар музички вкус. Тој е визионер и професионалец, но помеѓу сето споменато и пред сè, човек кој има семејство, пријатели, има стравови, ставови, размислувања, разговори со себе и со другите. Човек кој е патник низ животот како и сите останати, со свој багаж и со своја среќа.

И токму среќата, визионерството, хаосот како пријател или непријател, професионализмот и колку македонското општество и систем овозможуваат да се изродат такви,  за преценетите особини кај луѓето и секако добрата музика која „Авалон“ ни ја овозможува веќе 28 години, се само дел од темите на кои разговаравме со првиот човек на продукцијата, Бобан Милошески.

А разговорот следи во продолжение:

 

Започна концертната сезона за годинава, веќе неколку концерти се најавија и реализираа. Сепак, подолгорочно гледано, каква сезона нè очекува?

-Минатата година правевме некои работи концептуално, а некои работи сами ни се местат. Лани така се намести да има четири големи меин-стрим светски концерти – Стинг на „Градски“, Лени Кравиц, Ерос Рамацоти и Брајан Адамс. Потоа беа и фестивалите, па концерти како „Хуверфоник“ во Македонската филхармонија, Бреговиќ со светскиот проект „Три писма из Сарајева“... Од сето ова како некое сиже, добив впечаток дека пазарот се засити од овие големи светски меин-стрим имиња, а мислам и дека добив впечаток дека може постојано да имаме овде такви имиња, а реално не е така (се смее).

Многу тешко се доаѓа до такви концерти и имиња.

А за годинава сменив концепт. Сакам да работиме условно кажано помали имиња, но со многу повеќе концерти. Толку ништо нормално не се случува во државава, што ние си зедовме задача барем 30 пати да ги „извадиме“ луѓево од дома, да внесеме не само живост, туку и дух во реално мртвиот град. Тоа е стратегијата. Можеби годинава ќе има исто така и повеќе рок концерти за разлика од претходно, бидејќи мислам дека и го должиме тоа на таа публика. Се разбира дека тука се и навистина џиновските електронски фестиваи коишто дефакто се регионална атракција.

Како што ќе се објавуваат концертите така ќе видите што ќе се случува, ама едно е сигурно: оваа година ќе излегувам повеќе во град (се смее), бидејќи кога излегувам во Скопје, излегувам исклучиво на мои концерти. Се разбира, ова е шега, одам често и во „Синеплекс“.

Ве изненади ли можеби интересот за „БОНД" кај домашната публика?

-Штом сум договорил три концерта, не ме изненадило, би ме изненадило да немаше интерес. Сака публиката тој тип на концерти, сакаат луѓето пристојна сала, каква што е сега Македонска филхармонија, да се облечат, да се дотераат, да си купат пристојна карта, да се осетат луѓето дека се важни, секој за себе, се потрудивме да го подигнеме тоа ниво, а „БОНД" фино се вклопија во тој концепт за годинава.

Неретко се појавуваат коментари дека носите ѕвезди на залезот од кариерата...

-Тоа се најнеуките и најпатетичните коментари коишто некогаш постојат, затоа што ѕвезди на залез на кариера се Бони М и „Вилиџ пипл“, тој тип на изведувачи кои 30 години ништо не снимиле. Ние овде имавме ситуација, да речеме Боб Дилан кога беше тука во 2010 година, дојде со промоција на нов албум со кој беше на прво место на британска и американска топ-листа. Тоа што тој тогаш имал 65 години, не го прави да е на залез од кариерата. И Лени Кравиц и Ерос Рамацоти и Брајан Адамс имаа нови албуми.

Такви изјави даваат луѓе кои од Тафталиџе до Центар не одат еднаш во четири години, веројатно тоа е одраз на нивниот ментален склоп. А морам да признаам дека можеби е влијание на тоа што музиката не се перцепира како порано. Тоа е глупост, бидејќи најголемиот радиски хит минатата година беше „Low“ од Лени Кравиц. Ерос Рамацоти имаше успешен албум, исто и Брајан. И Стинг кога дојде првиот пат, имаше нов албум, па и последниот пат кога беше се потруди да направи нешто ново... Така што, интересно е тоа... Потполно е исто кога сме ги донеле Пинк, или „Уан Репаблик“ или Џон Њуман, „Хртс“, па викаат: „Е, овие еден хит имаат, што ќе прават на концерт“. Навикнати сме ние, а и не обрнувам внимание одамна на тоа.

Се научија ли луѓето дека, да Ве цитирам: „Нема јебени гратиси“?

-Јебени гратиси имало и ќе има, но основниот проблем е што до нив доаѓаат и ги бараат како сељачки статусен симбол, луѓе што имаат пари да ги купат. Кога вртат телефони со шише виски пред нив, за да докажат дека можат да најдат карта за Ерос или за Лени.

А од друга страна, ми се случува некои мои школски другари коишто јас ги канам да дојат на концертите а живеат во Охрид, Струга, Битола, ми одговараат: „Немаме пари за гориво“. Верувај, тоа е тоа што ме мачи и затоа сум неверојатно дрзок и безобразен кога некој сам си дозволува да бара гратиси, а може да си дозволи да купи карта. Другото не е нешто страшно. Страшно е што гратисите ги бркаат како сељачки статусен симбол. Јас дури си направив и таква тетоважа, како зезање на таа изјава.

„Авалон“ низ годините стана музички едукатор на нови генерации, донесовте ѕвезди кои претходно сме ги гледале само на телевизија. Се сметате ли и за македонски бренд? Вреднувани ли сте така?

-Не знам што да ти кажам..., да сум создавал критериуми според туѓи вреднувања, „Авалон“ не би дошол до тука до каде што е. Мене секогаш ми било сатисфакција и тоа сум го кажувал, дека кога и Данче беше тука на овој свет, а работевме надвор некаде, кога доаѓавме не велеа: „Доаѓаат Македонците“ или „Доаѓаат браќата од Македонија“, туку „Доаѓа Авалон“.

Мислам дека начинот на работа кој што го востановивме пред сè стана бренд. А дали се вика „Авалон“ или има некое друго име,  е многу помалку битно затоа што ден-денеска целото мое ДНК е внесено во работата што ја работам и тоа не може ни црниот ѓавол да го ископира или повтори.

А „Авалон“ како „Авалон“ дали е бренд, веројатно е, бидејќи после 20 или 30 години може за некого ќе е шокантно дека во оваа држава бил да речеме Сантана или еден Стинг во сала како што е „Борис Трајковски“ и тоа на некое дете ќе му биде чудно, па тогаш родителот ќе му каже: „Е, беше еден Авалон и можевме многу работи да видиме овде“.

Да не се правам лажно скромен, мислам дека има некоја вредност тоа до што сме дофрлиле.

Дали некогаш Ви било жал што ова што го работите овде не го работите во некоја западноевропска земја?

-Верувала или не, единствен човек којшто ми го поставил ова прашање на пат од скопскиот аеродром до Скопје, е Горан Бреговиќ. Ќе го кажам истото што му го кажав и нему. Не ми е жал. Да го работев ова надвор со истиот успех со којшто го работам овде, ќе бев можеби сто пати побогат, ќе имав камиони и авиони, ама тоа ќе беше најобична работа, бидејќи во Западна Европа не е уметност да се работи ова како што е уметност да се работи овде.

Повеќе сакам на моето дете да му останат муабетите коишто ги има во горниот дел на прашањето, како вредност и legacy, а да ја воспитам да биде способна сама да прави пари отколку моето legacy да се брои во пари. Никогаш, ама никогаш не сум размислувал низ призма на парите, а поголем доказ од тоа што сум влегувал во проекти коишто и во најдобра варијанта биле во минус- не постои.

„Авалон“ има години речиси колку и државава. Низ годините се менуваше и таа, се менуваше и „Авалон“, се менуваше културата, а и народот... Што предизвика најсилни влијанија во вашето работење?

-О, се разбира, љубовта кон музиката, од почеток до крај. Од кога сум го дал „Авалон“ името на фирмата, бидејќи многу сум го сакал албумот „Авалон“ на „Рокси мјузик“, па до ден денешен е така. Од самиот почеток, локомотивата која ја води „Авалон“ е мојата љубов спрема музиката и ако таа престанеше или престане, се разбира дека ќе се изгаси и работата. Музиката секогаш била, е, и ќе биде главно влијание.

Како го оформивте тимот кој работи во „Авалон“? Има ли и музичкиот вкус влијание? 

-Тимот е овие години наназад подложен на промени. Многу работи се релативни, но само една е константа. Не може „шабани“ да работат во „Авалон“.

Колку чини искреноста денес? Имало ли ситуации кога можеби сте посакале да „се гризнете“ за јазик“?

-Никогаш не сум посакал да се гризнам за јазик. Слободата да кажеш нешто што мислиш е нешто највредно во животот. После 28 години работа и 50 години живот, ако не можеш да кажеш што мислиш, тогаш ништо не си направил.

Што е пресудно за успех во работата што ја работите – пари, контакти, добри комуникациски вештини...

-Визијата. Тоа што на другите им текнува денес, тебе треба да ти текне две години пред нив.

Често во јавноста, а врзано за медиумите, се пласира синтагмата: „Што ќе му пласирате на нардот, тоа ќе чита“. Важи ли тоа и за музиката? Нели секој од нас има одговорност, но и можност за избор...

-Апсолутно важи. Ако нападнеш од сите страни и извршиш удар врз сите сетила, особено во мали и неразвиени земји, со релативно ограничен интелектуален капацитет каква што за жал е и Македонија, се разбира дека тоа што ќе го наметнеш дека тоа функционира, посебно кај помладите генерации.

Сега, тука од друга страна, веројатно токму поради тоа, ние како „Авалон“ ги живееме најблескавите моменти, затоа што ние сме нешто како „отпор“, „остров“ во загадено море со тоа што го работиме - што е контра од тоа што е наметнато од медиумите и од, не можам да ги наречам ни колеги ни конкуренција, останатите што го работат ова. Поради тоа, цифрите во последните години се процентуално подобри во Македонија отколку во некои други земји. Ние сме ретките што се на бастионот на нешто што не е кич или пак на нешто што е неверојатно блазирано и извештачено и на што реално како финта, одамна му има поминато времето.

Каде се медиумите во оваа приказна што ја испишува „Авалон“?

-Не сакам да звучи навредливо, но јас сум многу „олд фешн“, за мене медиумите со интернетот престанаа да имаат ама баш било какво влијание. Затоа што, кога има премногу вести на дофат на рака, вистинската вест - не е вест. Може да влезеш на интернет и првата вест е дека некаде имало катастрофа и за жал погинале 50.000 луѓе, а втора вест е „Да су севнуле гаќице Наташе Беквалац“ и веројатно веќе до тој степен сме загадени што кликот оди на гаќите на Наташа Беквалац, а тоа што е вистинска вест, после 2-3 саата конташ дека си ја пропуштил. Така што не обрнувам вниамние. Не се сеќавам кога последен пат сум прочитал некоја рецензија за концерт. Имам некои одредени медиуми кои сум ги купувал како весници, па сега им ги следам онлајн изданијата, ама за жал морам да признаам дека сè доаѓа до мене.

Како се заштитувате од аматеризам?

-Ние не мораме да се заштитиме од аматеризам, бидејќи ние работиме светски проекти. И ако тоа не е на највисоко ниво, би немале можност да ги работиме. Со тој некој наш микрокосмос ние наметнуваме наш стил на работа и се трудиме само тоа, главните проблеми што ги имаме, од инфраструктура и до сè останато, сè е на пониско ниво од потребното, да ги направиме како што треба. И тука се исцрпува фирмава со години наназад, за жал.

Со тоа, и Македонска филхармонија ќе стане истрошен простор...

-Апсолутно. Ако не се направат уште неколку нови сали. Многу е тешко кога немаш струја во единствената сала тука, треба да носиш агрегати, на концертите на отворено ние од најобични ливади правиме сали, тука е и човечкиот фактор, но и самата функционалност или нефункционалност на градовите и на државите излегува во прв план. Но, искусни сме и веројатно и заради тоа функцонираме во речиси невозможни услови.

Да, но Борис Трајковски е пред сè спортска сала, дали навистина е нивна обврска да имаат доволно струја?

-Колку и да е спортска сала, кога се отвори ја промовираа и како концертна. Колку и да е спортска сала, во центарот на градот струја доволно за во 21 век да има квалитетен звук и светло, мора да има.

Тоа што сè се прави „фушерајски“, тоа е друг муабет. За жал, тоа кај странците не проаѓа.

Да не се ангажираше Даниел 200% од себе пред 7-8 години, таа сала немаше да има нормална акустика како што денеска има. Ама, ете единствена сала е. Што треба сега, да не правиме ништо? Најлесно е тоа алиби, наместо да се интервенира да се исправи. Или стадионот на АРМ каде што сега ги правиме летните настани, исто така нема струја.

Наместо тоа да се исправи, да застане државата, електродистрибуција да го организира тоа, најлесно е само да се каже дека не е твоја обврска. За жал, затоа сме тука каде што сме како општество, навистина опашка на Европа. Тоа е суштината, сето друго е форма.

Со каква мисла станувате наутро и легнувате навечер?

-Верувај ми, сам со себе сум си направил муабет на темава и како што викаат, „чудим сам себе“, неверојатно е што и после толку години, пред да легнам, ме возбудува и ме радува будењето да ги видам резултатите и што ново во работата ќе ми донесе новиот ден. Во тој контекст не сум утнал ниту еден ден, без разлика каде и да се наоѓам во моментот, дали е тоа одмор или не. Неверојатно ама вистинито.

Иако имам проблеми со спиење откако знам за себе, многу од идеите дошле во пет, шест часот наутро, па се трудам да ги меморирам во некој фајл за кога ќе се разбудам, отккако ќе презаспијам, да можам да се сетам на нив, а да не се избришат сами од себе.

Што сметате за свој најголем личен услех?

-Се трудам да го апдејтирам мојот личен најголем успех и секогаш тој да е неконвенционален. Ако се врзеш за голем личен сопствен успех, тоа може да доведе до нереален хедонизам, нереално самозадоволување, што е прв чекор до самозалажувањето кое јас никогаш не сум го имал како особина.

Да речеме, во последно време за мој најголем личен успех го сметам тоа што многу често се случува кога ќе влезам во такси, таксистот на врат на нос да ја смени музиката што ја слушал и да се потруди да најде некоја станица со пристојна музика (се смее). Веројатно се исплашил човекот од „сподобата“ која му влегла во „ауто“, а која ја видел или ја слушнал какво мислење има за музиката која сирот тој си ја слушал пред да влезам.

Денес, како влијание од Запад, често се потенцира како 40-тите се новите 20-ти, а 50-тите нови 30-ти.Што е различно после 50-тата кај мажите?

-Не сум јас вистинскиот човек за ова прашање. Јас и кога имав 20 сум бил истиот како сега кога имам 50. Разликата е во тоа што сега сум многу подобар во работите во кои сум бил добар и кога сум имал 20. За жал, никогаш не сум се чувствувал млад. Моето детство, завршило некаде на 14 години и не сум најдобар репер за овие модерни работи. Се разбира, има тука една, „Срце хоќе, дупе клопоќе“, али некако и моето срце и моето дупе се исти како пред 20 години. Во основа јас сум и ден денес сосема ист за 90 отсто од работите како и кога сум имал 19 или 20 години.

Се покажа ли непроменливоста како добра работа?

-Апсолутно. Знам дека е модерно и дека човек треба да се менува, ама многу работи коишто сум се обидел да ги сменам едноставно не оделе. Се работи за ДНК, за ген. Тоа е работа која ја сфатив во овие зрели години. Да речеме, сфатив дека многу работи коишто како дете сум му ги замерувал на мојот покоен татко влијаеле јас да бидам неверојатно добар во некои работи, во коишто сум добар и денеска. Но тоа е процес и би сакал и Миа сега да биде бунтовник и да се расправа многу често со мене што впрочем тоа и го прави, а до вакви сознанија да дојде на зрели години. Можеби тука е разликата помеѓу младоста, детството и останатите подоцнежни категории кои следуваат со годините.

Во едно интервју изјавивте дека после долги години научивте да живеете во сегашниот момент. Што значи тоа за Вас?

-Последниве две три години имам голем прогрес по тоа прашање. Но, еве до кој степен сум јас контра. Јас кога наполнив 50 години, направив „бакет лист“ на работи за кои сум стопроцентно сигурен дека нема да ги направам во овој живот, а не листа на работи кои морам да ги направам и да тргнам во безмилосна трка која несомнено ќе се претвори во патетична за да ги направам. Отидов контра. И тоа ми ја смири душата. И ме „уфура у фазон“ дека веќе  ништо не морам и веќе никаде не брзам. Обично луѓе го прават ова на +70 во денешно време, а јас го направив на 50 и тоа беше тригер во воведот на живеење на сегашноста. Подобро некогаш да научиш нешто отколку никогаш.

Што би му кажале на момчето Бобан?

-Па, да биде момче. Би му кажал да биде момче, но реално со некои работи што му се случувале во животот на момчето Бобан можеби тоа не ни било реално. Тоа се убедувам да и го објаснам на ќерка ми, но за жал таа е „мали Бобан“ во многу сегменти, за кои сум сигурен дена некогаш ќе ѝ биде криво, но како што веќе споменав неколку пати, „крвта не е вода“ е една од ретките народни поговорки или измислици кои се ама баш 100 посто точни и би требало да се секогаш во мода.

Одат ли оваа професија и здравјето рака под рака?

-Не знам што да ти кажам, ама изгледа подобар сум од другиве, помладиве во фирмава (се смее). Тие некако повеќе ми паѓаат психички, а и физички, особено некаде во втората половина на август, кога веќе немаат што да работат и не знаат што со себе и со стресот на којшто се навикнати од изминатиов период. Инаку, се разбира, не можеш да си конвенционален и стереотипен и да ја работиш оваа работа.

Адреналинот како дел од оваа приказна?

-Адреналинот е мојот отров! Да можам да бирам за што би одел на рехабилитација, би одел на рехабилитација од адреналин. Без адреналин јас сум реално болен, нефункционален и се претворам во мрчатор којшто е одвратен прво за самиот себеси, а потоа и за сите други што се околу него.

Но, ако во секунда дојде нешто што е поврзано со работата и се вбризгне потребната доза на адреналин, сè се менува од корен. Тоа е мојот начин на живот добри 20 години и во моментов не сум спремен да се обидам да го променам тоа.

Хаосот низ годините ви стана пријател или непријател?

-Има една британска изрека: „Без стрес, мојот живот е празен“. А хаосот е придружник на стресот. Ама, ако немаш хаос, немаш ни креативност во оваа работа. А често креативноста излегува од хаосот. Ако ти е сè smooth, автоматски сè ти станува lazy, па тоа станува cosy, и ако не ти мрда ниеден дамар не можеш да одиш напред.

Која особина кај луѓето ја сметате за преценета?

-Добрината ја сметам за најпреценета особина кај луѓето. Секогаш кога сум бил добар, од многу од оние кон кои сум бил добар, сум бил третиран како да сум глупав. А за да биде човек глупав, мора да е многу поглупав од тоа што сум јас. И тврдам дека добрината е прецената како особина, бидејќи во неверојатен број од случаите  е злоупотребена.

Се сметате ли за среќен човек?

-Дали сум среќен или не... Мислам дека сум премногу реален за да можам да кажам дека сум среќен, за жал. Сметам дека и среќата е преценета и тие што се фураат дека нон-стоп се као среќни, во основа се понесреќни од тие што се реални. Се фолираат и се самозалажуваат.

А исто така, за да се самозалажувам, треба да бидам многу поглупав од она што сум. За мене реално не важи она „боље бити глуп, него несреќан“.

Објавено:
9 март 2020
Прочитано:
4.667 пати