теквондист

Ако сакаш да си најдобар, нема место за емоции

Интервју со
Дејан Георгиевски
1 септември 2021

Во моменти како оној на 27 јули, сфаќаме колку сме желни за радост, за победа. Колку ни е потребно да почувствуваме дека во нешто сме добри, најдобри, дека и ние можеме, дека сме еднакви со остатокот од светот.

И токму тој 27 јули Дејан Георгиевски испиша историја, освои сребрен олимписки медал, кој како што велат многумина, за нас сјае посилно и од тоа што сјае златниот.

Овој 22-годишен скопјанец успеа да предизвика неколку работи - да посакаме сите да гледаме теквондо, иако веројатно повеќето не ни знаевме во што гледаме, да се сплотиме во радоста и гордоста и во исто време да нè фасцинира неговата смиреност, во моменти кога среќата е нескротлива.

Токму со неговата приказна го започнуваме овој септември. Мотивирачка. Победничка. Олимписка.

Мирен, скромен и борбен. Така вели би се опишал, ако мора.

Но, ако сакаш да си најдобар, нема место за емоции.

На теренот за борба можеби не, но на оној животниот сепак да.

За емоциите, љубовта кон спортот, начинот на живот и успехот, зборувавме со Дејан Георгиевски. Се најдовме во хотелот „Лимак“ и при таа прва средба низ глава ми поминува мислата дека она што го видов на телевизија го гледам и сега - момче кое не зборува многу, но покажува со дела.

Со огромна почит кон оние што стојат спроти него, беше расположен да соработува за сè, иако ќе признае дека фотографирањето и не му е меѓу омилените активности.

-Дејан, како си? Слегнаа ли конечно емоциите и обврските после доаѓањето дома?

-Да, сега веќе сум при крај со обврските што ги имав по враќањето од Токио и сега ми останува само да се посветам на спортот.

-Колку ти се смени секојдневието после Олимпијадата, како изгледа еден твој ден сега?

-Не смее да се смени ништо. Имам уште многу пред мене. Имам уште два олимписки циклуси, и допрва треба да ја радувам македонската публика. Инаку, тренирам два пати на ден, често одмарам, по малку се дружам, читам, гледам филмови... како и секој нормален човек.

Љубовта кон теквондото започнува во средно училиште. Тогаш сфаќа дека ќе му се посвети комплетно.

-Во училиштето имаше презентација на спортот, во организација на теквондо клубот „Бутел“. Јас и брат ми случајно видовме и отидовме да видиме за што се работи. Беше многу возбудливо и атрактивно за нас, па затоа решивме да се запишеме. После една година, ни се приклучи и сестра ми.

-Сите сте мошне талентирани спортисти, се работи за ген?

-Веројатно станува збор и за гени, но сепак мислам дека клучот е во нашата упорност и секако тренерите на Теквондо клуб „Бутел".

Не можев да не го прашам во што е магијата на овој спорт според него.

-Некои го нарекуваат спорт, а некои велат дека е боречка уметност. Какво е твоето размислување? Теквондото ги спојува конфронтацијата, борбата и почитта. 

-Теквондото е уметност, во исто време е многу елегантен и многу контактен. Јас мислам дека најголем дел од магијата поврзана со него е во мојот клуб. Тоа е една врвна организација која едноставно ве тера да се покорите на овој убав олимписки спорт. Инаку, теквондото пред се' е боречка вештина, доаѓа од Кореа и првите почетоци се јавуваат уште пред новата ера, но поконкретно се развива во периодот на почетокот на 20 век со други имиња (бак, тек јон, хваранг до). Во втората половина на 20 век се јавува како теквондо и нагло се модернизира и прераснува во модерен боречки спорт. Има врвна техника и во тоа лежи неговата атрактивност - објаснува Дејан.

И тука некако дојде и разговорот за емоциите. Речиси и да немаше емоција на неговото лице во текот на борбите, го прашав како успева да ги скроти емоциите во моменти кога адреналинот силно работи, кога си свесен каде си и за што се бориш и дали тоа му успева и во приватниот живот:

-Јас сум како сите луѓе. Се радувам, тажам, но кога станува збор за врвен спорт, кога станува збор за Олимписки игри, кога сакате да бидете најдобар на планетата - тука нема простор за емоции. Доколку емоциите ве победат на така важни настани, вие тогаш не сте уште способен за врвни спортски резултати. Во преден план да биде рационалноста и фокусот, бидејќи сè останато ви пречи. 

-На што размислуваше додека стоеше на пиедесталот?

-На мојот клуб, семејството, сите во Македонија... И постојано му благодарев на Господ.

-Што ти е најважно во животот? На што си најмногу горд?

-Многу работи ми се важни, но некако најважна ми е токму вербата во Господ. Тој ми дава сила. И не сакам да бидам горд, но ако треба да одговорам, горд сум на целиот македонски народ. 

И народот е горд на Дејан. Но, неговиот успех воопшто не дојде преку ноќ, како што можеби дојде вниманието кое го доби после натпреварите во Токио. Олимпискиот медал доаѓа како резултат од континуитет од четири години во кои Дејан освојува пет европски медали, второ место на медитерански игри и секако - години напорен тренинг и работа.

-Кој е најважниот совет што си го добил од тренерите и воопшто во животот?

-Да бидам секогаш скромен, дури и кога сите други се горди.

-Постоеше ли интерес за тебе од новинарите од странство, од другите олимписки учесници?

-Да веднаш после финалето, дадов неколку интервјуа за странски новинари, дури имавме и официјална прес-конференција за медиуми од странство. Честитки пристигнаа од сите странски тренери и спортисти.

И помеѓу другото и тоа е големината на спортот. Да им пружиш рака на подобрите од себе и да признаеш дека има и подобри.

А Дејан беше меѓу најдобрите.

Помеѓу другото, драго му е што овој негов успех може да поттикне интерес и кај децата и младите, да се заинтересираат што повеќе за спортот и да почнат да тренираат.

-Боречките спортови генерално, не се скапи. Треба да се има само желба и мотив. За се' друго ќе се најде решение. Јас сум сведок за тоа - нагласува Дејан.

-Ако да речеме, за 10 години повторно се сретнеме да зборуваме, што би сакал дотогаш да постигнеш?

-Два златни медали од Олимписки игри.

И ние од сè срце му го посакуваме тоа, бидејќи заслужува и навистина треба да бидеме среќни што имаме вакви примери.

 

Објавено:
1 септември 2021
Прочитано:
1.185 пати