Кога сте дарувани со талент пред кој никој не останува рамнодушен и кога сте свесни за тоа и кога вистински го користите неговиот потенцијал, не постојат граници кои ќе ви застанат на патот во остварувањето и освојувањето на соништата.
Нашата насловна страна е место кое со задоволство им го отстапуваме на младите таленти за кои допрва ќе се слуша и кои се на почетокот на својата авантура кон освојување на бескрајната шир од можности.
Ана Петановска е глас-бисер. Иако има само 19 години, со својот музички талент е далеку во зрелоста. Домашната јавност ја знае како девојката која маѓепсува со својот глас, но минатата година имаше можност да ја слушне и светската, кога настапи на Евровизиската сцена како придружен вокал на нашата претставничка Андреа.
За талентираната Ана дознаваме повеќе од разговорот во продолжение, збогатен со фотографии на кои неслучајно Ана ќе ве потсети на божица, стилизирана во уникатни дизајнерски парчиња на нашиот моден бренд ЕЛЕНА ЛУКА.
Твојата музичка зрелост е многу пред твоите (само) 19 години. Барем таков впечаток човек добива кога прв пат ќе те слушне на сцена. Кога и како светот на Ана стана музика, за да веќе на 19 години така зрело владееш со сцената?
- Од кога знам за себе, јас сум опкружена со музика и ја практикувам музиката секаде можно во своето секојдневие. Нешто што комплетно ме изградило во она што сум денес е поддршката со која сум била неизмерно пропратена. Првенствено, апсолутно морам да ја истакнам огромната потпора од моите родители и мојот брат Стефан Петановски, како и од други многу драги и прекрасни личности кои, на моја голема среќа, ги сретнував и запознавав со текот на времето и кои безусловно ми ја даваа својата поддршка во тоа што одсекогаш сум сонувала да го работам професионално, а самото тоа ми дава „крила" каде и да сум. Првата отскочна даска во светот на музиката би рекла беше моето основно училиште, каде поддршката која ја имав за да започнам и понатаму да продолжам со пеењето и музиката беше навистина многу посебна и силна, би рекла дека од таму датираат почетоците.
За прв пат таму се соочив со моите први натпревари и останати настапи кои уште на таа возраст ми потврдуваа се повеќе дека пеењето е токму тоа што сакам да ми прерасне во начин на живот. Активните и посериозни, јавни настапи се појавија по запишувањето во средно училиште и одтогаш неуморно сум активна на тој музички план каде се комплетира мојата визија. Исто така, како голем фан на телевизиските шоуа, светските концерти, свирките, јавните настапи, фестивали и сл. во огромна мера ми се инспирација во пеењето и сценскиот настап.
Кога стана свесна за својот талент? Посто ли момент, прилика или личност кои ти ја предочија дарбата? Или едноставно му веруваше на твојот инстинкт?
-Уште на почетоците на мојот пејачки пат, во семејниот круг ми потенцираа дека имам некој вид на талент и слух за пеење. Професорите, наставниците во училиштата каде учев исто така доста влијаеа на тоа да разберам на почетоците дека пеењето навистина ми оди, но секогаш сум се водела и од сопствената интуиција. Но, понатаму, веќе и посериозни музичари го потврдуваа потенцијалот во мене што ми е навистина печат и признание за она што го правам.
Јавноста те запозна по фантастично изведените кавери на светски поп и рок хитови, во придружба на твојот брат Стефан на гитара. Па следуваа сценски настапи во живо, по кои публиката беше воодушевена. Кој беше пресудниот момент да започнеш со авторска музика? Што ја сочинува содржината на твојот авторски опус?
-Се разнежнувам секој пат кога помислувам на реакциите на луѓето и на публиката и тоа ми е огромен ветер во грб. Некако одсекогаш сум сакала, но пресудниот момент свои песни беше склоп од неколку ситуации: кога излезе една спонтана соработка за мојата најпрва авторска песна „Can you get away" со Toby, дотогашните проекти во кој Стефан ме вклучи и проектот „Music connects" каде се вклучив во еден од бендовите во проектот наречен „HIgh Frequency" и со кој ги изработив првите свои текстови и мелодии. Дефинитивно таму е пресудниот момент каде сфатив дека дефинитивно ќе творам авторски песни.
Би рекла дека мојот авторски опус е сочинет, жанровски, нешто помеѓу рок, поп, елементи на фанк можеби, но повеќе гравитирам на алтернативната страна со последната песна „Haya".
Колку членувањето во музичкото училиште Ентерпрајз ти помогна и имаше влијание врз обликувањето не само на твојот талент, туку и градењето на твојот карактер и личност?
-Благодарение на Ентерпрајз, ја имав една од најзначајните и најубавите прилики на пејачки, музички и творечки план. Преку нив учевствував двапати на еден интернационален проект „Music connects" каде се оформуваа бендови, се работеше на техники на пеење и свирење конкретни инструменти, се креираше материјал кој на крајот од манифестацијата се презентираше како продукт. Тоа искуство во изобилство ми го оформи музичкиот и пејачкиот карактер и многу влијание имаше и врз моето функционирање со бенд, на начин што научив и извлеков многу примери и работев со професионалци, како и тимот на Ентерпрајз, кои ми служеа за огромен пример за многу работи и прашања поврзани за музиката.
Имаш искуство и со Евровизиската сцена, како придружен вокал. Што ти донесе ова искуство?
-Од каде да започнам. Пред сѐ, остваривме незаменлива близина со сите од делегацијата со коишто до ден денес сме во постојан контакт. Сцената, техниката, комуникацијата со другите артисти, професионализмот, фановите, споредните настани, пробите, и многу други фактори сметам дека се многу значајно искуство за еден млад пејач, со кое на моја голема среќа се здобив кога се вратив од Торино. Не се објаснува колку импресиите силно ме држат се до сега, особено како голем фан на Евровизија уште од најмала возраст. Најголемата задача, одговорност и тежина секако дека ја има главниот вокал, а тоа беше Андреа која неуморно и храбро се справуваше со сите ситуации и се носеше со целата одговорност, беше огромно задоволство да се биде таму во нејзиниот тим. Оваа можност беше исполнување на еден сон за мене.
Во кој стадиум на својот професионален пат си периодов? Студент си на Институтот по психологија, но музиката е твојот постојан сопатник?
-Изминатата година матурирав и сега сум студент бруцош на Филозофскиот Факултет при УКИМ, на институтот за Психологија во Скопје. Во моментов сум активно фокусирана на себе, повеќе сум насочена кон своите авторски материјали, креирање на планови и следни чекори, творам и пишувам, ангажирана сум во неколку пропратни проекти, а последното големо искуство со големи подготовки беше отворањето на овогодинешната Златна Бубамара заедно со мојот брат Стефан Петановски што беше уште една голема отскочна даска.
А секако, јавните настапи се секогаш тука.
Во која насока сонуваш да се развива твојата музичка кариера?
-Сонот е да сум на големата сцена пред публика која ги пее моите песни. Тоа е навистина сонот, а воедно пропратно да ја усовршам техниката на пеење. Големи концери, патувања, турнеи, соработки, авторски материјали, албуми, публиката, возбудата во стомакот пред настап - тоа е визијата.
Си имала прилика досега да соработуваш со етаблираниот моден бренд ЕЛЕНА ЛУКА. Што значи кога еден млад изведувач добива таква сигурна поддршка на сцена во однос на сценскиот имиџ и визуелизација? Колку тоа влијае на твојата самодоверба и на комплетната слика? Колку ти значи ваквата поддршка?
-Ваквата поддршка значи навистина премногу. Според мене, за еден соло изведувач многу е важна самодовербата. ЕЛЕНА ЛУКА навистина се огромен грб и благодарение на нив се чувствував вистински необјасниво убаво. Ваквата потпора е многу важна компонента затоа што не само што влијае на самодовербата и сигурноста на изведувачот, но и се комплетира сликата кога тој излегува на сцена. Сето ова е големо нешто кое не треба воопшто да се занемари, а ЕЛЕНА ЛУКА се извонреден бренд кои се толку автентични што буквално секој човек може да се пронајде себеси во нивната облека и да се чувствува комотно, како што беше и случајот со мене.
И нашата денешна фотосесија добива силен моден карактер, благодарение токму на соработката со ЕЛЕНА ЛУКА. Целата визуелна тема на нашата фото приказна циркулира околу таа дизајнерска автентичност и величественост која совршено ти прилега. Се почувствува на момент како божица?
-Апсолутно! Се чувствував навистина на момент како да сум влегла во тој карактер на божица од митолошкиот свет, а особено дека парчињата на ЕЛЕНА ЛУКА оставаат без зборови како и секогаш, навистина величенствени и посебни и пресреќна сум што токму јас бев во нив и што се здобив со ова навистина прекрасно искуство со вас!
Што е твојот свет кога не е музика?
-Доколку би станала наутро и повеќе немам свет со музика ќе се чувствувам како навистина да повеќето работи во мојот живот немаат поента. Музичниот свет е веќе огромен, незаменлив дел од мојот карактер и начин на функционирање. Комплетно би ми се изгубила комфорт зоната бидејќи пеењето е тоа каде што јас најмногу сум вистинската јас. Музиката и пеењето ми се веќе толку вградени што просто без нив би била некоја дијаметрално различна личност.