Домашниот моден бренд Елена Лука стартува со нов проект насловен како ELENA LUKA WORLDWIDE. Во рамките на новостите кои ги подготвуваат овој период, а се однесуваат на присуство на естетиката на модната куќа надвор.
Гостинка во петтата епизода е прекрасната Ана Станиќ.
Пошироката публика ја запозна преку групата „Моби Дик", но повеќе од две децении има фантастична музичка кариера. Малкумина знаат дека дипломирала на ФДУ на филмска продукција и дека тоа е нејзина подеднакво голема љубов.
Во интервјуто за ELENA LUKA WORLDWIDE зборува токму за соло-кариерата, за почетоците во музиката, но и модата, шопингот како лек, успешните жени и нејзините омилени македонски песни.
Дел од разговорот во продолжение:
Бевте дел и од групата „Моби Дик", а имате и соло кариера години наназад. Полесно е да се биде дел од тим или сега од овој аспект?
-Апсолутно соло, јас сум голем индивидуалист. Не стојам добро со авторитети. Подготвена сум да понесам одговорност врз својот грб, да одговарам за грешките, но и да бидам сама заслужна за своите успеси. Таква сум и тоа го открив многу млада. На пример, во тимски спортови не ми одеше добро, но во индивидуалните се снаоѓав одлично. Далеку од тоа дека не сум тимски играч кога е односот со моите колеги во прашање, или музичарите, да не бидам сфатена дека не сум дружељубива и дека имам лоши односи со луѓето, но кога работам нешто во што цела се вложувам, тогаш е подобро сама. Од „Моби Дик" носам многу искуство, убави спомени и тоа беше едно огромно училиште, но за мене е веќе минато и нешто што ме воведе во она со што денеска се занимавам. Не би го менувала развојниот пат, тој ме направил таква каква што сум, но драго ми е што не траело подолго од тоа што траеше и што веќе со 24 години успеав да се искажам преку нешто само мое и тоа ми беше многу важно.
Експериментирате во однос на музиката и жанровите, но колку модно се осмелувате да експериментирате, особено имајќи предвид дека имате едноставен, но автентичен стил?
-Не сакам да експериментирам, се држам до класиката. Кога ќе се појави некој тренд, сакам да го вметнам преку детали. Низ годините научив дека најдобра инвестиција е онаа во класични, безвременски модни парчиња. Некогаш ми е срам да кажам, но прилично сум искрена и си зборувам се', во мојот гардеробер имам и носам парчиња и по 15-20 години. Чувам облека, умеам да ја носам, купувам квалитетно и скапо и тоа трае. И згора на тоа се работи за модна класика и нема причина да го фрлам. Се трудам паметно да купувам. Со години одев на распродажби во странство. Во „Вог" прочитав еднаш совет од некоја многу позната модна личност - ако одите на распродажби, тогаш купувајте класика, во спротивно ќе ги фрлите парите.
Се врзувате ли емотивно за облеката?
-Да, апсолутно. Имам многу гардероба. Многу носам, но има и што ми стојат по 10 години. Но исто така, ми се случува да извадам некое такво дамнешно парче и да ме види некој моден познавач и да ми искоментира дека е прекрасно, а јас едвај чекам да кажам дека го имам десет години. На тоа сум горда. И многу се врзувам за работите. Ми се случува да подарам нешто на некоја другарка, после некое време да видам како го носи и да сфатам дека уште ми се допаѓа. Еднаш ми се случи да ѝ продадам една чанта на другарка, знаевме да си правиме распродажби по поволни цени и после две години да си ја откупам и тоа за повисока цена, бидејќи сфатив дека ми треба и дека уште ми се допаѓа :))
Која македонска песна може да разбуди многу емоции во Вас?
-„Македонско девојче", ја обожувам таа песна. Има многу песни кои многу ми се допаѓаат. „Калеш бре, Анѓо" е исто така една од нив. Многу ја сакам македонската музика, пред две години имав покана да бидам гостин на „Вечер на македонска кујна" и морам да признам дека иако не сум „тип за кафеана", го земав микрофонот и пред сите ја отпеав „Калеш бре, Анѓо". Навистина многу убаво ми беше и многу се радувам што имав можност да уживам и во македонската песна и во македонската храна.
Вие сте жена борец во секоја смисла, а како гледате на тоа дека во светот сè повеќе завладуваат успешни и моќни жени?
-Се восхитувам на женската храброст, борбеност, способност. Не можам да се поврзам со оние сурови бизнис жени што грабаат без оглед на се', јас ги почитувам жените што имаат страст и кои таа страст и ентузијазам ги шират околу себе и одат напред. Драго ми е што и Елена е таква жена, хуманиста, што води толку работи истовремено и сакам да ѝ упатам голем поздрав. Многу ѝ благодарам и драго ми е што го водевме овој прекрасен разговор и што гледачите во Македонија после долго време ќе имаат можност да слушнат нешто од и за мене.
View this post on Instagram
Целиот разговор можете да го проследите во видеото во продолжение: