Анита Несторовска: Создавам накит што мора да се почувствува

Интервју со •
6 март 2014

DSC_9657

Младата Анита Несторовска сосема случајно почнува да изработува накит, за кој првин мисли дека е невозможно да успее да го направи. Со голема волја и труд, таа сè повеќе се усовршува и создава (најчесто) ѓердани кои привлекуваат внимание, што поради својот изглед, што поради комплексноста на изработката.

Приказната за создавањето накит кој го обединува под називот Any Jewelry Designs, со техниката наречена bead and embroidery започнала пред нешто помалку од година и пол. Сепак, задоволна е од начинот на кој што се развива, а ќе биде дел и од Модниот Викенд Скопје, што ќе се одржи во април.

-Се започна со мојата дипломска работа, која беше за естетско доживување. И тогаш истражував на сите полиња, барав дизајнери и случајно налетав и на дизајнери на накит. Многу ми се допадна и си реков, додека  ја правам дипломската, ќе се обидам да правам и накит, што воедно ќе ми биде релаксација, ослободување од стресот, а ќе создавам и нешто убаво – вели Несторовска.

Таа додава дека била воодушевена од  bead and embroidery. Со оглед дека не можела да најде овде некој што изработува таков накит, со помош на туторијали почнала да ја осознава техниката.

-Едно со друго си оди, па покрај начинот на изработка, почнав да се интересирам и за материјалите од кои се изработуваат, за полускапоцените камења. Првото парче накит што го направив го подарив на другарка. Потоа, сакав да бидам уште подобра, но да имам нешто и за мене, па направив уште едно. Но, и тоа не беше совршено, имаше кончиња што виреат, не умеев сè уште да ја постигнам цврстината. Потоа почнав да екпериментирам со форми, да истражувам за минерали, во меѓувреме да работам сè поинтензивно и сега успевам да го создадам сето ова што го гледате тука и уште многу други парчиња – задоволна е Анита.

DSC_9715

Со оглед дека е самоук изработувач на накит, постојано се информира од странски дизајнери кои што се занимаваат со изработка на ваков тип накит меѓу кои  Хајди Кумли, Шери Серафини, Ѓузел Бакеева на чија работа посебно се воодушевува, потоа  Кошанез. Гледа и следи што прават тие, па се труди да го научи и спроведе во дело.

- Сите луѓе посветени на ова се максимална инспирација, и кога луѓето би ја виделе нивната работа, би се насочиле повеќе да изработуваат ваков накит. Во оваа техника најчесто се користат стаклени монистри, но ние немаме таков избор кај нас. Во странство имаат и delica beads - тоа се мошне деликатни, специфични стакленца, и сите се со иста димензија. Па, доколку сакате да направите нешто перфектно, ќе ги користите само тие. Но, сепак се трудам да создадам нешто убаво од понудата тука, а дел набавувам и од Истанбул. Користам и полускапоцени камња, стакло, а понекогаш и пластика, доколку сметам дека соодветствува – објаснува таа.

Како изгледа еден процес на изработка, како и тоа што е најспецифично за обработка и изработка, Анита одговара:

-Првин цртам модели, односно ја цртам формата и правам шаблон. Ако имам кабишони, тоа се камења со рамна позадина, а одозгора испакнати, првин ги редам нив. Потоа тие се шијат, а на крајот се додаваат и други монисти. Што се однесува до тоа што е најспецифично за изработка, би кажала опшивањето токму околу кабишоните, затоа што мора да се внимава да не се изгуби формата на каменот, а и обликот на шаблонот, а притоа се да биде зашиено цврсто. Целиот накит се изработува рачно и со шиење. Нема никакво лепење или шиење со машина. Само рачна изработка. Затоа некогаш ми треба и по месец дена да изработам едно.

DSC_9765

Иако во почетокот работела само овални форми, Анита сега е похрабра и експериментира. Најмногу побарувачка има трендовските форми, за долгите ѓердани, а многу ги сакаат и светкавите и оние во сребрени нијанси.

Сепак, без оглед на тоа што е во тренд, секое парче си носи своја приказна.

-Можеби секое баш и нема наслов, но е исполнето со емоции. Во секое од парчињата има дел од мене и мојата емоција. Така, веднаш може да се забележи и по формите и боите кога сум била помеланхолична, мирна, а каде хиперактивна на пример – вели Анита која се инспирира од музика, луѓе, различни култури како индиска, мароканска, но и од архитектурата како и од креациите на Зухаир Мурад.

Токму тоа го одвојува и како нешто што го одвојува нејзиниот накит од останатите.

- Специфичен е. Луѓето го носат она што е во тренд. А за да носиш нешто вака специфично треба да го доживееше како дел од себе. Сметам дека тие што се љубители на ваков накит ќе се препознаат. Знам дека синџирите се во мода и многу блескави парчиња накит, но сфатив дека ситните детали и монистрите се приказната што јас сакам да ја пишувам и презентирам.

DSC_9732

Иако и самата обожува накит, нејзините изработки ги носи најчесто кога треба да се промовираат.

-Кога имам мој накит на себе, најчесто носам во земјени нијанси. Инаку, без накит не излегувам од дома. Носам алки што ми се подарок од драги луѓе, а исто така и без часовник, обетки, ѓердан. Марамите се исто така составен дел од мојот стил. Кога почнав интензивно да се интересирам за оваа работа, сите мои пријатели беа запознаени со тоа, бидејќи постојано им зборував за тоа (се смее). Така, имам и неколку драги подароци изработени во оваа техника, меѓу кои и еден паричник од Египет и ѓердан од Грција – открива Несторовска.

Интернетот ѝ помага нејзината изработка да биде видена што подалеку. Така, добила и понуда од Africa fashion week во Бразил да учествува.

-Бев многу возбудена и среќна. Но, не беше реално изводливо да отидам. Сепак ова што го правам е сè уште на ниво на хоби, иако би сакала да прерасне во нешто поголемо.

Токму тоа е и една од нејзините големи неостварени желби. Иако е дипломиран Философ, и љубовта кон оваа наука сè уште ја гаи, сепак катче каде што ќе може да го изложи она што го работи моментално е нејзиниот сон. Исто така, посакува да ги види нејзините парчиња во комбинација со домашни дизајнерски парчиња.

DSC_9781

А следното на кое што е посветена е учеството на Моден Викенд Скопје.

-Среќна сум поради учеството. Во рамки на претстојниот Моден Викенд ќе има изложбен салон, каде што ќе има всушност изложба на накит и продажба. Покрај овие, сите што ќе дојдат ќе можат да видат и некои мои нови парчиња, на кои сум моментално насочена и посветена.

Мотото кое ја води низ животот, а и работата е дека да владееш со себе е најголемата власт. Тоа е патот кон успехот.

-Ако владееме со мислите, изборите што ги правиме, можеме да постигнеме многу нешта – вели Анита, а ние се надеваме дека желбите и замислите ќе ѝ станат јаве.

Објавено:
6 март 2014