Антонио Фрањевски: Скејтерството е мојот начин на живот

Интервју со •
12 јули 2013

Инспирирани од двата последователни фестивали кои неодамна се одржаа во Скопје,  Скопје Стрит Фестивал кој оваа година го имаше своето деби и Баскер Фестот кој веќе неколку години живее и пулсира во духот на скопскиот плоштад, решивме поблиску да ве запознаеме со урбаниот начин на живот и стрит културата во Скопје.

 

 

За таа цел се одлучивме да го посетиме домот на момчето кое веќе девет години активно се занимава со екстремно возење на ролери и со полни гради го живее сонот на урбано Скопје. Станува збор за Антонио Фрањевски, кој покрај професионалниот ангажман како скејтер, работи и како менаџер на скејт опрема за белградскиот бренд JC (Џеј Си).

 

 

„Приказната кога за прв пат се вљубив во овој спорт, кој не можам да го наречам само спорт, тоа за мене е една симбиоза од желба, агресија, начин на живот, култура и традиција, започна пред девет години, кога во моето маало дојде една екипа од момци кои возеа ролери, изведуваа трикови, акробации....Тоа беше љубов на прв поглед. Се сеќавам дека тогаш ги купив и моите први ролери „giga T-20-fitnes“,, им ги извадив средните тркалца и така почна се. Почнав да учам, почнав едноставно да живеам во светот на скејтерството“, вели Антонио.

 

 

Го прашавме дали балансот е битен сегмент за да се биде добар скејтер, а тој децидно се согласи и додаде дека балансот најтешко се постигнува, но со тек на време, со многу труд и волја и многу повреди и гребаници, може да се постигнат одлични резултати.

 

 

„За да се биде добар скејтер не треба само баланс, туку и умешност да се вивнеш во воздухот, вртејќи се, правејќи трикови и необични акробации, а за тоа треба да поседуваш и талент, и да веруваш во тоа што го правиш. Главен фактор за успех и напредок е да имаш услови, каде ќе ја реализираш таа твоја желба, а ние сè уште немаме скејт парк. Обично возиме по скопските улици, места каде има гелендери, мермерни столбови и споменици. Тоа е навистина голем проблем и се надевам дека во иднина ќе се реши, како би можел јас и сите други да оствариме поголема шанса за просперитет и афирмација на овој спорт“, заклучува скејтерот.

 

 

Следејќи ги последните модни крикови и светски трендови, кои се повеќе црпат инспирација и за основа го земаат уличниот стил, го прашавме Тони како треба да изгледа еден скејтер, што носат и како го креираат модниот склоп на нивното секојдневие.

 

 

„ Па откако станав претставник за скејт опремата на белградскиот бренд JC чија палета на производи покрај ролери и делови за истите вклучува и облека како маички, панталони, ремени, морам да признаам дека овој бренд има големо влијание во креирањето на мојот стил. Знаете стрит стилот многу тешко се негува кај нас со оглед на фактот дека на пазарот постојат голем број брендови, но ниту еден не произведува специјална облека за скејтери. Генерално се снаоѓаме, јас лично ако најдам некое парче гардероба кое ми одговара на стилот во некоја продавница кај нас го купувам“, изјави Фрањевски.

 

 

Не ја следи светската мода, ама затоа ја следи модата на Rolerblade. Модна икона му е неприкосновениот скејтер Крис Фармер, за кој вели дека во последно време го разочарува со стилот кој го промовира.

„Проблемот е во тоа што последниве години скејт стилот доживеа доста трансформации. Се исчисти, стана пософистициран. Имено, широките панталони кои ги врзувавме под колковите, се заменија со тесни цевка панталони кои најчесто се во црна боја, а маичките се широки, со рамен крој и интересни апликации“, кажа Тони.

 

 

Вели дека обожава комбинации на модни парчиња кои не се монотони, му се допаѓа кога модните инсталации содржат некаков контраст и колоритност во себе. Секогаш во кежуал, практичен, скејт стил, тој понекогаш знае да додаде и малку гламур во својот моден свет. Па така, не чудете се ако го видите во сако и кошула.

 

 

„Неколку пати до сега сум се соочил со осуди од страна на средината за тоа како се облекувам. Искрено не можам да кажам дека ги игнорирав таквите коментари, па затоа еднаш излегов со панталони и кошула од дома, ама после 15 минути ги спуштив панталоните ја извадив кошулата, не можев да се трпам, тоа едноставно не бев јас. Не глумам лошо момче, тоа е едноставно мојот стил“, вели Антонио.

 

 

Нешто без кое не може и дефинитивно е негов моден фетиш се капчињата, шапките и качкетите, а честа да го преуреди неговиот плакар би ја имал само брендот USD (Universal Skate Design).

Го прашавме што мисли за Скопје Стрит Фестивал и Баскер фест, затоа што реално сега тие се единствените места каде можат и имаат свои претставувања.

 

 

„Од моето лично искуство не сум премногу задоволен од организацијата на Скопје Стрит Фестивал, но ќе се пофалам за учеството на Баскер Фест, успеав да стигнав до финале и го освоив второто место. Што да кажам освен дека ентузијазам, желби и идеи постојат ама реализацијата е лошо предводена, бидејќи реално гледано ова се единствени манифестации кај нас преку кои можеме да ја подигнеме свеста кај народот дека во Скопје има стрит култура“, констатира Фрањевски.

Неговиот совет и апел до сите е да го негуваме урбаниот начин на живот, да ја почитуваме стрит културата и повеќе да вложуваме во скејтерството.

 

Објавено:
12 јули 2013