Уметник

Балансот помеѓу традиционалната уметност и вештачката интелигенција

Интервју со
Симон Калајџиев
20 јуни 2022

Симон Калајџиев е име што периодов имавме прилика често да го слушаме низ скопските уметнички кругови.

Симон е ликовен уметник кој дипломирал на Факултетот за ликовна уметност во Скопје во 2009 година, во класата на професор Рубенс Корубин, а на јавноста ѝ е познат и како стрип цртач и футурист кој веќе со години живее во Токио и работи како архитектонски илустратор за едно од најпрестижните архитектонски студија „Nikken Sekkei".

Кариерата на Калајџиев е збогатена со неколку самостојни изложби, меѓу кои се вбројуваат и „Градопис" (Скопје, 2015), „Кападокија: Отсликувања" (Скопје, 2016), „Drawn to Architecture", групна изложба (Токио, Нагоја, Фукуока, 2018) и „Araknight Gothika" (Токио, 2020).

Тој е добитник на престижната награда што ја доделува Американското здружение на архитектонски илустратори, како и наградата на Светскиот фестивал за архитектура, Лондон и Амстердам, кои му беа доделени за делото „Панорамски приказ на Токио", со димензии 10х2.5 м, на која работел четири месеци.

Во април годинава, по три долги години, Симон повторно се врати во родната Македонија и за време на краткиот престоj во Скопје постави две паралелни самостојни изложби, „Tokyo Glitched" во Public Room и „Arаknight Gothika" во Concept37, а дел од неговите „глич" дела беа изложени и во рамките на Нихон-Џи Фестивалот за јапонска култура.

1. Веќе 6 години живееш во Јапонија. Дали забележуваш разлика во твојот начин на уметничко изразување од почетокот на твојот престој па сè до сега? Дали Јапонија го промени начинот на кој ја доживуваш уметноста?

Токио за мене е неисцпен извор на инспирација. Секој ден сме сведоци на безброј технолошки новитети, мултимедиски чуда што маѓепсуваат и нови архитектонски зданија што еруптираат во градот едни преку други. За мене таа средина е фасцинантна и се одразува во моите дела со енергијата, и со постојаната новост на градот на иднината.

2. Брзиот начин на живот и работа во едно масивно и динамично Токио несомнено би имале некакво влијание врз секој креативен ум. На кој начин Токио и јапонскиот начин на живот влијае врз твојот креативен процес?

Токио е шоу за сите сетила, но е и машина што ти го устројува секој миг од денот во набиен распоред. Во време на забрзан ритам и животен стил творење на отворено en plain air го заменив со en route, творење во движење.

Научив да го користам секој миг во денот за да ги развивам моите техники, мојот стил и да творам свои авторски дела. Стекнав навика да цртам додека се возам во метро кон работа и назад, а често и да цртам на паузата. Поголем дел од моите црно-бели цртежи се нацртани во воз.

Нам уметниците ни е важно да ги одржуваме и традиционалните техники, како цртање на хартија, но и да сме во чекор со сите нови технологии. Јас постојано експериментирам и со дигитална уметност, не само со компјутер туку и со смартфон.

Сите дела во мојот серијал „TOKYO GLITCHED" се изработени со смартфон, дури и без употреба на компјутер. Го користам мојот смартфон да фотографирам делчиња од Токио додека сум во движење, a и обработката на фотографиите ја правам на истиот. Делата во „TOKYO GLITCHED" и самите се небаре во движење. Зградите истекуваат, се провлекуваат, се мултиплицираат. Со рутина творештвото брзо се акумулира. Наоѓајќи ефикасен канал за мојата креативност и крадејќи такви мали мигови успеав да создадам илјадници дела во серијалот а сепак ми останува слободно време за забава, дружење и рекреација.

3. Видливо и храбро играш со креативниот израз и техниките, а твоите две последни изложби „Tokyo Glitched" и „Arаknight Gothika" се дијаметрално различни, од концептуален и медиумски аспект. Дали можеш да ни кажеш малку повеќе за тоа како настана „Arаknight Gothika"?

„Arаknight Gothika" прозлезе од онлајн подвигот #inktober во 2020. Во текот на месецот успеав да нацртам 25 цртежи. Намерно не пишував никаква приказна, ниту наслови за цртежите, градев фантастичен свет само со ликовно изразување. Тоа остави простор да повикам писатели на соработка и да им допуштам ним да ја напишат приказната. Тоа е обратно од вообичаениот процес каде јас како илустратор ја читам приказната па ја изработувам сликата.

Така, од проект во самотија и изолација, „Arаknight Gothika" прерасна во експеримент на соработка и едно поинакво авторство. 14 писатели од Македонија, Јапонија, Англија и Америка приложија по неколку текстови базирани на моите цртежи и првата збирка е веќе во подготовка. Имаме и поезија и проза во повеќе жанрови, комедија, трагедија, хорор, сатира. Особено ми е драго што имаме и музика напишана специјално за „Arаknight Gothika".

4. Особен интерес предизвика изложбата „Tokyo Glitched". Опишани како „уметност во движење", твоите дела се налик рефлексија на реалноста околу нас (далеку од совршена) во едно скршено огледало. Која е идејата зад овој проект?

„TOKYO GLITCHED" има три главни нишки: уметност во движење (објаснето погоре), уметност во самотија и уметност во хаотичност.

Делата се избработени врз глетки од Токио, метропола во која живеат околу 30 милиони жители. Но во делата или воопшто нема луѓе или по една изолирана фигура. Уметноста често се создава во креативен мир и изолација, но изолацијата и самотијата во која работев на серијалот „TOKYO GLITCHED" беше глобална, акутно пандемиска, но и хронично секојдневна состојба во милионските метрополи во 21от век.

 

А намерната хаотичност припаѓа во тековното движење наречено Вејпорвејв (VAPORWAVE), поджанр на електронска музика и стил во ликовната уметност кој се појави во 2010-тите и сеуште расте во сé поголем феномен на глобалната дигитална културна средина.

Вејпорвејв делата се намерно изобличени до крајниот степен на неподносливост до кој сеуште може да се зачува убавина и интерес. Субкултурата околу Вејпорвејв движењето зазема амбивалентен, саркастичен сатиричен став кон конзумеризмот, капитализмот, поп културата, дигиталните технологии и интернетот. Едновремено покажува и фасцинација и згрозеност од естетиката на агресивниот маркетинг на минатите неколку декади. Дречливи бои, носталгични чуства, тропски растенија во саксии, кич декор на ентериер од трговски центри се во судир со корумпирани дигитални слики, најава на трулите вредности и нестабилната основа на конзумеризмот, едновремено чуство дека сме заслепени и загрозени.

Ова движење е воедно и фасцинирано од Јапонија и економскиот бум на Токио во 80те и 90тите, естетиката на раните видео игри и сајберпанкот.

5. Твојот пристап кон креирање на овие дела е различен и уникатен од аспект на тоа што користиш софтвер на твојот смартфон за да дојдеш до посакуваниот резултат. Како би ја „оправдал" оваа техника, како и употребата на AI во уметноста, пред оние кои тежнеат кон традиционалното творештво и сметаат дека дигиталната уметност не е уметност?

За сите глич-арт дела користам неколку апликации на смартфон. Често барам нови апликации и ги тестирам. Со тие што најмногу ги користам сум во директна комуникација со девелоперите и тие ми прават алатки и опции за моите потреби на мое барање. Секогаш се изненадени од мојот стил и дека јас наоѓам некој свој израз и свој начин да ја користам апликацијата. За мене е интересно да го најдам совршениот баланс помеѓу мојата намера и контрола и непредвидливиот резултат од апликацијата.

Во последно време експериментирам и со генеративна уметност создадена од AI. „Midjourney“ е еден начин како имам пристап до компјутерска неуро-мрежа. Уметниците се во шок од AI уметноста и се чуствуваме како да започнува револуција. Налик на тоа што го предизвикала појавата на фотографијата своевремено. Но новите технологии инспираат нови начини на творење.

Како да се користи вештачката интелигенција и што значи тоа за уметноста се прашања што деноноќно ги разговараме во глобалната уметничка сцена. Сега за сега AI е само уште една мала алатка во атељето на уметникот. Но секако постојат стравови дека оваа технологија ќе го надмине квалитетот на човечкиот труд и талент не само во ликовната уметност, туку и во музиката, книжевноста, филмот, инженерството и на крај и во кодирањето, односно програмирањето и да ги засени и самите инженери кои сега работат на тоа.

Тоа ќе биде епохална промена на општеството налик на индустриската револуција – односно комплетирање на дигиталната револуција и почеток на вистинско компјутерско општество. Дали наскоро ќе достигнеме техничка сингуларност или самосвесни слободни компјутери сè уште нема согласност меѓу експертите, но дека вештачката интелигенција многу брзо ќе овозможи сосема нови начини на производство, планирање, управување и живеење е сосема несомнено и неодложно.

6. За време на твојот краток престој во Скопје, беше поканет да одржиш презентација на Универзитетот Американ Колеџ Скопје на тема: Архитектонска илустрација. Можеш ли да ни кажеш нешто повеќе за тоа искуство?

На Американ Колеџ го споделив моето искуство како илустратор и работата со тим во најголемото архитектонско биро во Јапонија. Нашите илустрации го покажуваат објектот во употреба, а често дел од задачата е да предвидиме како ќе се смени животниот стил за неколку години и да покажеме како ќе се користи објектот во иднина.

Архитектонската илустрација е одличен пример за тоа како и покрај компјутерската технологија, се вреднува рачната работа. Рачно изработената уметност е сведоштво за човековиот труд и мисла.

7. Дали работиш на некаков нов проект во моментов? Што можеме да очекуваме да видиме од тебе во блиска иднина?

Подготвувам нова изложба во Токио и објавувањето на зборникот „Arаknight Gothika". На страна од тоа, имам голем интерес за примена на био-инженеринг во домувањето и архитектурата. Мојот придонес како уметник со бујна фантазија е повеќе насочен кон нови визии, истражување на проекти што се чинат невозможни и кои се за повеќето дизајнери незамисливи. Подготвувам илустрации за футуристички населби на неколку теми и планирам да објавиме каталог во соработка со колегите и со други инженери, истражувачи и футуристи.

Доколку сакате да погледнете повеќе од делата на Калајџиев, посетете ги следниве линкови:

Simon Kalajdjiev Behance 

Simon Kalajdjiev Twitter

Simon Kalajdjiev Instagram

Kaladjiev Art Instagram

 

Објавено:
20 јуни 2022
Прочитано:
620 пати