Блуз бенд

Блузот како начин на живот – Crossroad Blues Band

Интервју со
Crossroad Blues Band
21 април 2016

Уживателите на добрата блуз музика и на свирките во живо, сигурно имале можност да присуствуваат на одличните журки на Crossroad Blues Band. Прилепчаните кои веќе 20 години ја пропагираат блуз идеологијата, го подготвуваат нивниот трет по ред студиски албум, а во меѓувреме активно настапуваат низ градовите во Македонија, но и на Балканот. Бранко Нешкоски-Бане (гитара), Александар Дворчанец-Сале (вокал и усна хармоника), Зоран Настески (тапани) и Александар Шилоски-Шило (бас), ја сочинуваат четворката за која блузот е начин на живот. Со Сале разговаравме за 20-те години активното присуство на блуз сцената, за блузот како начин на размислување, за нивниот животен стил, како и за македонската реплика на блуз музиката. Читајте во продолжение.

Две децении CRBB ја шири блуз и рок идеологијата помеѓу својата публика која патем ја сочинуваат различни генерации. Што го одржува вашиот позитивен дух сите овие години?

-Пред се љубовта кон музиката како начин на изразување на нашите естетски чувства, а потоа љубовта кон блузот како одредена форма на музичкото изразување што ни дава слобода да се изразиме на вистинскиот начин. Важен сегмент што опстануваме толку многу години е и потрагата и пронаоѓањето на сродни души кои го сонуваат истиот сон. Ние ја имавме таа среќа што се собравме луѓе со различни професии, со генерациски разлики, но од ист град и со исти музички вкусови и еве не... веќе 20 години!

Зад себе имате два студиски албуми, а во подготовка е и третиот. Кој е „заедничкиот пресек" за музиката на трите албуми, а во однос на што се разликува?

-Првиот албум (Tutun Blues) го снимивме пред 15 во студијата на МТВ со авторска музика на македонски јазик. Но, официјално албумот никогаш не е издаден во форма на ЦД или било каков финален производ. Вториот албум (Still living the blues) го снимивме во 2014 година со обработки на подзаборавени блуз нумери на кои верувам ни самите автори не се сеќаваат. Третиот албум (Градско дете) што треба да излезе во текот на месец мај годинава, е со дел авторски нумери од првиот албум со нов аранжман, а дел се сосема нови. Заеднички именител на целокупниот материјал е македонската варијанта, македонското поимање за блузот како еден од најдобрите американски извозни производи (покрај Кока Кола се разбира). Разликата е во свирачкото искуство пред и потоа, што е нормално. Додека е жив, човек учи, па така и ние.

Вашата музика „пропатувала" низ голем број фестивали. Кои ви оставиле особен впечаток?

-Во овие 20 години сме свиреле низ целиот Балкан: Бугарија, Србија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово. Сме учествувале на Умаго блуз фестивал во Умаг, на најголемиот музички фестивал на плажа во Бургас на блуз сцената, Mojo Blues Festival, на Скопскиот блуз фестивал и на многу други. Но, покрај свирките по фестивали кои и не се баш чести (еднаш или два пати годишно), нашата сила е во клубските свирки по клубската сцена низ целиот Балкан каде се слуша ваков тип на музика. Тука мислам дека сме најсилни, имаме директен контакт со публиката и ја разменуваме нашата со нивната енергија.

Во ова време на пропагирање кич во секоја област вклучувајќи ја и музиката, поседува ли алтернативната сцена одбранбен механизам?

-Блузот е зачетник на цела популарна музика на 20, па и на 21 век, па според тоа е се само не алтернатива. Во ова време на измешани критериуми на вреднување на нештата, тешко е да се бара рецепт за одбрана. Најдобриот механизам и најголемата сатисфакција за нас како музичари е кога со своето музицирање и енергија ја доближуваме нашата музика не само до ортодоксните љубители на овој стил туку и до оние недефинираните во музичка смисла. И во тоа верувајте имаме успех!

Има ли публика блуз сцената во Македонија?

-Се разбира не колку што ние би сакале, но таа што ја има е верна и со изострени критериуми и пред неа не можеш да се фолираш. За ваквата ситуација многу често се дебатирало, „кој е крив, а кој прав" и не би сакале да ја шириме темата. Важно секој што сака да слушне нешто поинаков звук, може да си најде соодветно место на сцената, претежно во Скопје, а и во другите поголеми градови во Македонија.

Имиџот и животниот стил на светските рок и блуз ѕвезди секогаш биле интригантни за јавноста. А како изгледа вашето секојдневие и кој е заштитниот печат на вашиот личен стил?

-Секојдневието и сцената се разликуваат во секој случај, па и затоа се вика шоу-бизнис. Имено, задачата на артистите, музичарите е да направат публиката да се забавува, а од друга страна артистот за да биде забележан, треба со нешто да се одликува: со инструментално или вокално умеење, со одредени движења на сцената или со помалку или повеќе провокативна облека и тој тоталитет го сочинува имиџот на некој бенд или уметник. Се трудиме да се следиме основните принципи на шоу бизнисот, но сепак ние сме сосема скромни. Во секој случај имаме дистинкција кога сме на сцена и во секојдневното опкружување.

Кои музички легенди ве инспирираат во вашата работа?

-Легендите на блуз музиката: BB King, Ерик Клептон, питер Грин, Џон Мејл и многу други.

Кој музички фестивал е вашиот престиж?

-Имаме голема желба да свириме на „Crossroad festival", каде настапува кремот на блуз сцената на светот... Но, тоа е желба, а до тогаш ќе бидеме задоволни и со нашите фестивали каде се свири блуз.

 

Објавено:
21 април 2016
Прочитано:
533 пати