Error message

Уметник

Бојан Ковски: Сликањето на човечкото тело ми даде дополнителна слобода во творештвото

Интервју со
Бојан Ковски
10 август 2022

Предизвикот да се создаде уникатно уметничко дело кое ќе го одвојува уметникот од останатите и ќе ги отслика неговите емотивни и мисловни процеси на автентичен начин препознатлив само за него, а притоа ќе танцува со вниманието и љубопитноста на неговата публика е безмалку голем.

Но, се чини дека искуството на уметникот Бојан Ковски (29) во последните неколку години му помогна да го пронајде правиот рецепт за успех. Бојан е ликовен уметник кој покрај тоа што се занимава со класично сликарство и експериментира со рељефно сликарство, пред седум години започнал со сосема нова техника, дотогаш недоволно популаризирана во Македонија. Па дури и денес, тој е само еден од премалата бројка на луѓе кои се занимаваат со сликање на тело.

Со бројни успешни проекти и соработки зад себе, Бојан Ковски претставува инспирација за многумина, а со него позборувавме за почетоците на неговата приказна, најдобрите моменти од досегашната кариера и идните планови.

Твоето име веќе со години одекнува низ уметничките кругови во државава, а како еден од малкубројните уметници кои се занимаваат со сликање на тело, очекувано е твоите дела да привлекуваат големо внимание. Но, да се вратиме кон почетоците. Како започна сè?

• Моите почетоци со уметност врз човечко тело започна многу спонтано, работам фигурација, најчесто актови токму поради мојата работа со тела бев инспириран телото да го искористам како платно. Да се работи на нечие тело е многу поразлично од работа на рамна плоха, самото тело има свое движење и форма која што дава целосно нов поглед на изразувањето.

Почетоците беа прилично тешки затоа што ни јас самиот не знаев што правам, но за сѐ што правиме е потребно учење и искуство за да стигнеме до некој степен на знаење па и тогаш е потребно доусовршување. Техниката се учи и менува со текот на времето како процес на развојот на еден автор, а клучните работи се посветеноста на тоа што го правиме и инспирацијата којашто не движи кон успехот, а тоа се работи на кои што никој не може да не научи туку мораме да ги стекнеме самите.
Во моите почетоци работев со обичен акрил и тоа беше предизвик колку за мене толку и за моделите да ја симнат бојата од нив, но со тек на времето како што се развивав јас и како што учев и можев да си дозволам поквалитетна изработка, дојдов до степен да работам со професионални бои за сликање на тело кои целосно го сменија и изгледот на моите дела.

Што е она што те наведе кон истражување на овој стил на уметност? За тебе, како ликовен уметник со искуство и во традиционалното сликарство, што е она што го прави човечкото тело попривлечен канвас од класичното сликарско платно?

• Воопшто не сметам дека сликањето на тело е на било кој начин попривлечен од сликање на платно, за мене и двете техники се подеднакво дел од мојот уметнички идентитет и моето изразување. Воедно јас не би можел самиот себе да се одделам од едното или другото и двете техники ми се многу блиски и на некој начин се надополнуваат, односно ми даваат оддишка од одредената техника за да можам да направам пауза, а во исто време да не изгубам рутина или константа во она што го работам.

Но, вистинско прашање тука е зошто човековото тело и како тоа е мојот главен субјект на сите мои дела?! Фасцинацијата со човековото тело секогаш била најголем дел во моето творештво и она што го негувам како тема. Сликањето на човечко тело ми даде дополнителна слобода и ми овозможи да гледам на еден поинаков начин кон истото, а воедно да избегам од стандардниот приказ на телото и да стремам да биде поинакво иако формата е иста. Предизвикот беше баш оттргнувањето од стандардот и она за што нашето око е навикнато да го гледа и впуштање кон надреалното и фантазијата за тоа како нештото може да биде претставено во нов дух, да даде нова идеја и нов живот без притоа да ја изгуби формата и деликатноста на човековото тело. Тој предизвик сѐ уште го имам и ми е главниот проблем околу кој што творам, иако идејата за модифицирање на телото и барање на нова форма станува сѐ по зачестена желба и идеја во самиот процес.

Можеш ли да ни откриеш повеќе за процесот на работа, самата техника на сликање, боите кои ги користиш...?

• Процесот на работа е многу интересен за мене, со текот на годините јас си остварив свој начин на изработка на делата како за класичното сликарство така и за сликањето на тело. Уникатноста во ликовниот јазик се најголем предизвик и желба на еден уметник и затоа при мојата работа со усовршувањето со текот на времето гледам да оформам свој печат кој ќе ги направи моите дела препознатливи.

И покрај константното стремење на посебност и уникатност на работата техниката и боите се константни, многу едноставни за работа и лесни за учење единствено нешто што бараат е време, посветенот и многу експериментирање и работа.

Како реагира македонската публика на сликањето на тело? Дали сè уште станува збор за табу тема или пак нештата се менуваат во последно време? Се соочуваш ли со некакви стереотипи во однос на овој вид на уметност?

- Табуата и стереотипите почнуваме да ги градиме уште од најрана возраст и најчесто првин од родителите, а потоа од другарчињата од училиште и тоа така се пренесува со генерации наназад. Најчесто тие остануваат со нас цел живот и тоа за мене е знак на неедуцираност. Верувам дека општеството може да биде отворено за било кој вид уметност или било кое општествено прашање. Уметноста многу ретко може да се допадне на секој, но јас никогаш не би судел дело според мојот вкус.

Верување во стреотипи или табуа според лично или колективно верување без претходно да истражиме за истото е невозможно за едуциран човек којшто има за цел да се гради себе, со тоа односот со стереотипите коишто се фрлени врз мојот начин на творење не ги земам сериозно, а уште помалку ми сметаат на моето творештво. Мојата уметност и лично јас сум бил ставен во многу групи коишто се стереотипизирани од општеството, но одлучувам да верувам во мојот круг на луѓе и да се опкружувам со заедницата која што ме разбира, поддржува и е желна да научи повеќе за секој човек, а верувам дека новите генерации се повеќе и повеќе ги рушат овие бариери наметнати од општеството во кое живееме. Стереотипите се само болест на простата маса.

Се чини дека природата и митологијата се најчестиот мотив во твоите дела, но како ти самиот би го опишал својот стил?

-Мојот стил би го опишал како дел од животот којшто поминал на којшто не се сеќавам, ама сум среќен што имам спомени кои сум ги оформил во дела.

Што или кој претставува најсилна инспирација во твојот креативен процес?

• Движењето. Опседнат сум со движење и флуидност во секое мое дело. Инспирацијата и идеите колку од мојот приватен живот доаѓаат и од теми кои што гледајќи низ призмата на градење на човечката мисла, се едни од главните на коишто се темели модерното општество, минатото и иднината во која живееме, тоа се идеалите кои што јас како автор сакам да ги претставам пред мојата публика. Во моите дела, без разлика дали на тело или на платно, митологијата поврзана со човековите чувства има за цел да зборува и да пренесе порака на гледачот, не мојата порака која што јас ја имам пренесено на сликата и себе си творејќи ја, туку пораката која што гледачот ќе ја види за себе, она што спојот на неговите чувства и ум при гледање на сликата ќе го создадат како приказна за неговото доживување.

Минатата година, твоето портфолио се збогати за уште неколку успешни проекти, меѓу кои и ангажманот на спотот на песната „Ми" од Дино Мерлин. Можеш ли да ни раскажеш повеќе за ова искуство, како и да ни кажеш од колкаво значење е оваа соработка за тебе?

• Режисерката Кукла Кешеровиќ исконтактира со мене на Инстаграм, а по неколку разменети пораки дојде до посериозен муабет и комуникација со продуцентите на спотот, по што следуваше и целата соработка натаму. Идејата на спотот беше лоцирана во убавината на фантазијата на режисерката и е директно поврзана со текстот на песната на Дино Мерлин. Сите идеи, целиот концепт на ова дело е уметноста на Кукла Кешеровиќ, која ја склопи целата екипа што работеше на спотот и ги даде сите насоки, на што треба да се фокусираме и како најдобро да го одработиме нашиот дел.

За време на сликањето имаше толку многу позитивна енергија, така што и јас се исклучив од мојата реалност и по четири часа работа самиот се изненадив од сработеното. Мојата задача беше многу едноставна, да се појавам таму и да ја завршам работата со бодипејнтот.



Меѓу другото, во 2021 година, ти се претстави со изложбата „Метаморфоза", чија цел беше да ги поттикне посетителите да размислат за своите промени, да се запрашаат како се менуваат, но и што би сакале да променат кај себе. Како изгледа твојата „метаморфоза" од почетокот на твојата работа па до сега?

• Од кога почнав да работам со уметност до сега времето помина многу брзо, дури ни јас самиот не можам да се препознам во тоа каков сум бил пред пет години. Времето за мене е многу релативна работа и не можам да го дефинирам како појава, но затоа развојот од дело во дело го гледам како метаморфоза во мојот свет. Мојот личен развој е директно поврзан со професионалниот и сметам дека двата не можат еден без друг затоа би рекол дека овие пет години ме научија премногу и не доволно, секогаш може повеќе затоа имам поголеми очекувања од себе во наредниот период.

На кој проект до сега си најгорд? Која е твојата дефиниција за успех?

• Немам проект на којшто сум најгорд, секој а изложба, дело, перформанс имаат посебно место во мене, нешто на што сум најгорд е мојот личен развој и како јас се надградувам себе со текот на времето.


На што работиш во моментов и што е следно што можеме да очекуваме од тебе во брза иднина?

• Во моментов спремам нова изложба со масло на платно која некаде при крајот на годинава ќе биде изложена во Софија. Оваа изложба е продолжување и воедно еволуирана верзија на "Panta Rhei" изложбата којашто се случи во 2019та година во Скопје. Но, за повеќе околу ова ќе треба да почекаме и да видиме како ќе помине самата изложба, сега за сега и јас сум во исчекување да дознам повеќе околу тоа што јас ќе направам во следниов период од моето творештво.

Локаcija: Makka Bar (@makka.bar)

 



 

Фотографиите со Бојан Ковски се направени во Makka Bar во Скопје.

Објавено:
10 август 2022
Прочитано:
409 пати