Ко-основач на Buro247.rs

BURO е моето второ семејство

Интервју со
Мирослава Дамјановиќ
30 септември 2019

Пред половина година, семејството на популарната онлајн медиумска платформа BURО која што е присутна во 11 земји на четири континенти, се зголеми за уште еден член. Се работи за ексклузивното српско издание на познатиот онлајн магазин. По тој повод нашата редакција успеа да стапи во контакт со тимот на BURO247.rs и да добиеме ексклузивно интервју со „првата дама" на онлајн магазинoт, ко-основачот Мирослава Дамјановиќ. Со оглед на тоа што оваа влијателна, моќна и исклучително професионална дама, ретко дава интервјуа, да се има за соговорник е вистинска привилегија. Нејзиното богато искуство во модниот свет ни начна изобилство на теми за разговор, но фокусот го ставивме на нејзината функција во BURO247.rs, на концептот на нивната работа со оглед на тоа дека се член на глобално влијателно медиумско семејство. Но, во разговорот Мирослава ни откри и детали за нејзиниот личен стил, за нејзинот поглед на балканската модна сцена во споредба со светската, како и за новите професионални предизвици.

Половина година од лансирањето на српската верзија на етаблираната медиумска платформа BURO. Задоволни ли сте од тоа како стартувавте?

-Исклучително сум задоволна. Реакциите за BURO се навистина позитивни, како од јавноста и партнерите, така и оние што ги добивам приватно, од пријателите.

Каков е концептот на српското издание на BURO? По што се разликува од останатите верзии?

-Секое издание на порталите BURO е посебно. Она што за нас е битно е да ги поврземе квалитетните содржини на глобално и на локално ниво и да ги поместуваме границите.

Кој е тимот што стои зад BURO247.rs?

-Покрај мене, ко-основачи се и Ненад Јањатовиќ, кој е и издавач на BURO, а и Милан Ѓачиќ, кој е и главен и одговорен уредник. Во тимот се и Јелена Каракаш, (Digital editorial director), Манда Јаворина (уредничка на мода и убавина), Давид Гажо (арт директор), Марина Стајиќ (одговорна за маркетинг) и Теодора Јеремиќ (уредничка на култура).

На кои читатели им се обраќате? Koja e Вашата публика?

-Нашата публика ја сочинуваат сите кои знаат да препознаат квалитет.

Како е да се биде во „чевлите" на Првата дама на еден толку значаен и влијателен медиум? Кој е најголемиот предизвик со кој се соочивте/соочувате?

-Се трудам во секоја ситуација во животот да се поставам природно, онаква каква што сум. Јас секогаш сум Мирослава и кога се наоѓам пред предизвик ги слушам своите инстинкти. Можеби би било најдобро да го прашате мојот тим кој секогаш настојува да ме заштити од ситуации за кои знаат дека нема да ми одговараат.

Која е Мирослава Дамјановиќ професионално, надвор од обврските со BURO?

-Мојот живот секогаш бил динамичен, мирувањето и стоењето во место не се моја карактеристика. После повеќе години во кои бев посветена само на своето семејство, сега почувствував дека е време и за деловни предизвици. Пред четири години отворив бутик хотел во Котор (Црна Гора) каде уживам да го поминувам летото, но почнувајќи од оваа година поголем дел од времето ќе го поминувам во Белград со BURO кое е всушност моето второ семејство.

Со Вашето семејство живеевте во Сеул. Една сосема поинаква димензија споредено со Балканот. Колку опкружувањето таму влијаеше на Вашиот личен животен стил и имиџ?

-Во Сеул поминавме десет прекрасни години, од вкупно 12 во Азија, а сега се вративме во Белград. После толку време поминато на некое место, невозможно е да не понесете ништо од тоа место. Едноставноста е клучен термин кога ќе помислам на естетиката на Јужна Кореја, па и мојот стил доживеа некои промени во таа смисла. Многу ги сакам корејските дизајнери кои си играат со минималистичките форми на невообичаен, речиси архитектонски начин.

Каков е Вашиот став за Балканската модна сцена? Каде сме во однос на светот?

-Ја сакам индивидуалноста и обожувам да носам дизајни на домашни дизајнери. Навистина имаме дизајнери кои по ниту една основа не заостануваат во однос на тоа што се случува во светот. Поддршката за домашната модна сцена ми е навистина многу важна од различни причини. Верувам дека имаме да понудиме голем квалитет. Затоа во мојот плакар секогаш може да најдете парчиња со потписот на: Милица Опачиќ, Марија Тарлаќ, Михано Момоса, Верица Ракочевиќ, Тамара Радивојевиќ...

Како би го дефинирале Вашиот личен стил?

-Како еклектичен и само мој. Не би го дефинирала како минимализам, но имам тенденција кон едноставност и удобност кои никако не смеат да бидат банални.

Според Вас која е најзначајната модна револуција што направила видливи општествени промени?

-За мене тоа е комплетниот опус на Ив Сен Лоран. Ако се вели дека Коко Шанел ја ослободила жената, Ив Сен Лоран е тој кој ѝ дал моќ.

Што Ве исполнува и инспирира приватно?

-Моето семејство. Прво тоа што го имам дома, па потоа семејството што ми е на работното место.

Минатиот викенд се случуваше „Weekend Media Festival" што се одржа во Ровињ. Со какви впечатоци се враќате од таму? Кои се тенденциите во светот на комуникациите и медиумите?

-Ова беше мое прво присуство на „Weekend Media Festival", а секој почеток е возбудлив. Тимот на BURO има тенденција секоја своја работна обврска да ја претвори во задоволство, па така беше и овој пат. Мислам дека сите промени се во насока на што подиректна комуникација помеѓу оние кои ги креираат содржините или услугите и корисниците, за што пресуден фактор се социјалните мрежи. BURO има големи планови на тоа поле, но уште не смеам ништо да откривам.

Каде ја гледате иднината на модата? Сметате ли дека „eco-friendly" концептот ќе го заземе своето заслужено место во модниот свет?

-Како што може да видите и на нашиот сајт, BURO будно ги следи сите тенденции и случувања на полето на одржливата и еколошката мода. Ова е комплексна тема на која не може да се даде одговор во една реченица или пасус. Промени дефинитивно ни се потребни и тоа не се однесува само на модната индустрија. Мислам дека нештата се движат во вистинска насока, само можеби не доволно брзо колку што ние посакуваме.

Какви се Вашите проекции за BURO Србија? Кои се Вашите амбиции за претстојниот период?

-Имаме големи планови, а за нив ќе дознаете кога ќе дојде вистинско време, затоа следете и читајте нè.

Фото: Приватна архива

Објавено:
30 септември 2019
Прочитано:
512 пати