Репортажа за медицински центар „Цар Самуил“

„Цар Самуил“: Лековита вода, чист воздух и новиот лик на комплексот – благодет за сите сетила

Интервју со
Тимот од хидротермалниот медицински центар „Цар Самуил“
30 јуни 2023

Помеѓу густата шума на планината Беласица од една страна и прекрасниот поглед кон Струмичката Котлина од друга, во источниот крај на селото Банско е сместен хидротермалниот медицински центар „Цар Самуил" уште познат и како Бања Банско.

Лековитата вода, идеалната клима, чистиот воздух и одличната географска местоположба која што вклучува и бројни археолошки и природни атракции, ја праваат бањата привлечен медицински и туристички центар со големо културолошко, и историско значење.

Поради умерено-континенталната клима која преовладува во регионот кој изобилува со 230 сончеви денови во годината, како и богатството со хипертермални минерални извори, ова природно лекувалиште се користи уште од римско време.

Историски развој и Римска бања

Бања Банско е всушност Римска бања, термоминерално лекувалиште кое потекнува од античко време. Откриено е во 1978 година, при копањето на темелите за изградба на хотелот „Цар Самуил". На површина од 1.000 м2 се откриени десет простории со различна намена, налик на денешните СПА центри. Уште во тој период Римјаните ја користеле топлата термална вода на изворот Парило за лекување и бања, но и за затоплување на просториите преку посебен систем од цевки вградени во подовите и ѕидовите на Термата, во кои течела топла вода. Наоѓалиштето „Римска терма" во Банско е еден од ретките сочувани римски споменици од ваков вид во Европа и важи за еден од најатрактивните археолошки локалитети во нашата земја.

Новиот, современ лик на хидротермалниот медицински центар „Цар Самуил", бања Банско

Продолжувајќи ја и понатаму вековната традиција на лекување со термоминерална вода, бањата „Цар Самуил" прераснува во модерен хидротермален медицински центар кој нуди широк спектар на медицински и хотелски услуги и содржини.

Резултат на интензивната реконструктивна работа во изминатите две години е целосно реновиран и модернизиран медицински дел за физиотерапија, проширен и збогатен со услуги и апарати за терапија кои за прв пат се користат во Македонија.

Долгата листа на индикации кои се лекуваа во центарот благодарение на термалната вода, сега е проширена и со поголем ефект во лекувањето, благодарение на напредната технологија што се користи во терапевтските третмани.

За потребите на објектот изградена е комплетно нова дијагностичка лабораторија како и две нови специјални ординации (неврологија и ортопедија).

Лековитата вода за нас е светост

Термоминералните води што извираат од подножјето на Беласица, се најтоплите во нашата земја и се добро познати по своите исклучителни лековити својства.
Во областа на центарот има пет природни извори на топла термална вода. Најголемиот е добро познатиот Парило чии води се користеле и во римско време. Капацитетот на Парило е 42 литри во секунда, а температурата на водата е 72°C. Водата доаѓа од голема длабочина и нема никакви атмосферски влијанија. Истражувањата покажаа дека термалната вода во Банско има лековити својства и помага во лекувањето на многу индикации како:

• гастроинтестинални заболувања, болки во стомакот
• респираторни проблеми
• бронхијална астма
• невролошки заболувања
• крвни нарушувања и хипертензија
• дискус хернија, деформитети на 'рбетниот столб и полиневропатии
• церебрална парализа
• Ревматски заболувања и остеоартритис
• Постоперативни состојби
• Спортски повреди
• Хормонални нарушувања, неплодност и други гинеколошки состојби.

Зошто треба да го посетите Цар Самуил:

-Препознатливите методи на лечење кои ги практикуваат во Цар Самуил станаа синоним за банско лекување во регионот. За тоа сведочат и голем број потврдени успешни приказни на нивни пациенти кои со задоволство повторно се враќаат за да уживаат во благодетите на термалната вода – единствена во Европа по својот состав и лековитост.

-Застарените методолошки пристапи на лекување ги заменуваат со индивидуален пристап и акцент на потребите на пациентот за да го подобрат квалитетот на целокупниот процес на рехабилитација.

- Се разработуваат нови медицински концепти и се применуваат нови дијагностички и терапевтски техники. Нудат широка палета на услуги и терапии правејќи спој на традиционалното лекување и современата технологија за постигнување совршен баланс.

-Со холистички пристап се охрабрува одговорноста на луѓето во подобрување на сопственото здравје преку промена на физичката, когнитивната и емоционалната состојба.

- Се креираат индивидулни рехабилитациони и рекреативни програми во зависност од потребите на пациентот. Со современи методи се третираат сите видови на дегенеративни, невролошки, посттрауматски, ортопедски и генетски болести како и сите видови фрактури.

-Користејќи ги благодетите на термалната вода нудат и третмани за рекреација и одржување кондиција кои можат да ги користат спортисти, рекреативци, па и цели семејства кои сакаат да уживаат во топла и пријатна атмосфера.

Покрај терапевтските третмани на располагање се и два терапевтски базени со топла термална вода, опремени со најсовремени терапевтски реквизити и еден рекреативен полуолимписки базен.
Центарот нуди и балнео третмани во комплетно реновиран балнеотераписки дел опремен со вкупно осум кади за различни видови на хидро третмани како подводна масажа, хидрогалвански струи и различни видови термални купки.

Најзначајниот сегмент во долгогодишното постоење на „Цар Самуил" е тимот на стручни медицински лица со долгогодишно искуство и висококвалитетна стручност, кои тука функционираат како семејство.
Како нова содржина во палетата на услуги на „Цар Самуил", се ексклузивните третмани за различни медицински и естетски намени кои се изведуваат со најиновативна технологија, а кои веќе им се на располагање на клиентите.

Комплетно реновиран центар за свечености и настани

Ексклузивниот Event Center „Agatha hall" кој функционира во рамки на комплексот „Цар Самуил" од неодамна е официјално отворен за различен тип на свечени или корпоративни настани.

Со модерен и елегантен ентериер, капацитет од 600 гости, професионалното озвучување и осветлување, Центарот гарантира беспрекорно организирани настани од секаков вид.

Како што велат од „Цар Самуил" , за своите гости ја подготвуваат и највкусната храна, со фантастичен избор на менија, а доживувањето го прави комплетно, прекрасното природно опкружување.

Сообраќајна комуникација

Бањата Цар Самуил е сместена 12 километри југоисточно од Струмица. Близината и до Бугарската и до Грчката граница истовремено, ја прави крстосница на важни патишта. Сообраќајно Банско и Струмица се поврзани со добар асфалтен пат од две страни и тоа преку селото Куклиш и преку селото Муртино, а северно преку Радовиш и Штип е поврзано и со Скопје.

Атрактивна околина која нуди можности за активен туризам

Во близина на Цар Самуил се наоѓа атрактивна пешачка патека која ви нуди можност за рекреација и пешачење во прекрасна, живописна природа и чиста еколошка средина. Патеката води до местото т.н „Мала чешма" каде може да се освежите со чиста, студена вода и да се релаксирате во тишина. Тука може да уживате со сите сетила во бујната зелена вегетација, да ги почувствувате интензивните мириси на цвеќињата и да дишете чист воздух со полни гради.

Уште една културна знаменитост во близина на бањата е Манастирот „Св. 40 севастиски маченици" што се наоѓа по патот што скршнува од бањата кон центарот на селото. Манастирот ги примил своите први монаси, кои дошле од Водочкиот манастир на 1 септември 2001 година. За неполни две години се подигнати нови конаци и обновена е малата црква посветена на две светителки со името Параскева: на Преподобната чиишто мошти денес почиваат во Јаши (во Романија) и на Преподобната маченичка Параскева (од Рим).

Во плодната струмичка котлина, во близина на Банско под планината Беласица се наоѓа и Моноспитовското блато, последното мочуриште во Македонија кое некогаш се простирало на површина од 5.000 хектари и било дом на праисториски растенија и животни. Денес, овој уникатен природен музеј во атарот на селото Моноспитово е распространет на 400 хектари и претставува засолниште на ретки видови флора и фауна. Неповторливо е чувството да се биде тука и да се почувствува мирисот на папратот и трската, да се ужива во различните водени цветови и да се слушне звукот на барските птици. Токму со таква намена пред четири години беа изградени платформи, дрвени патеки и куќички за набљудување на птиците.

Ве очекуваме!

Со почит кон традицијата. Во чекор со модерното. Со помош на природата. Во служба на медицината.

 

Објавено:
30 јуни 2023
object(stdClass)#456 (8) { ["nid"]=> string(5) "30548" ["ga_count"]=> string(4) "1091" ["ga_count_week"]=> string(1) "0" ["ga_count_day"]=> string(1) "0" ["ga_count_start_date"]=> string(10) "1436911200" ["ga_count_week_start_date"]=> string(10) "1690668000" ["ga_count_day_start_date"]=> string(10) "1691186400" ["fb_count"]=> string(1) "0" }
Прочитано:
1.091 пати