уметница

Девојката што разубавува обувки и ѕидови

Интервју со
Данче Станковиќ
18 мај 2016

Ако сте од оние што сакаат да носат интересни и необични работи, тогаш сигурно ќе ви го привлече вниманието она со што се занимава младата Данче Станковиќ.

Данче Станковиќ

Ја откривме на социјалната мрежа „Фејсбук“, а она што веднаш ни „фати око“ се цртаните, односно сликани платнени патики.

Но, тоа не е сè што Данче знае да го прави. Токму затоа ние одлучивме да се запознаеме со неа и да дознаеме нешто повеќе за нејзината работа. Скромна, оваа 24-годишна девојка за себе вели дека е сосема обична личност, што ја сака уметноста.

-Но, пред сè сум мајка со стремеж да ги искористам моите потенцијали во вистинска  насока – ќе каже Станковиќ.

Уметноста ѝ е голема страст, па ја сака во разни облици и ја истражува. Љубител е на добра музика, а кога не твори, тогаш најмногу ужива во долгите и забавни прошетки со ќерката.

Ќерката на Данче ја има најголемата привилегија да ги има најубавите цртани парчиња

Освен што црта и слика на текстил, таа изработува и ѕидни мурали, а дел од креативноста ја пренесува и на дрво. А сè започнува од детските денови...

-Не можам да одредам од кога уметноста ми влегла под кожа, веројатно од раното детство, кога ја спознав истата благодарение на мојот чичко. Со текот на времето, хобито си прерасна во посериозна љубов, па така денес, со повеќе труд и посветеност да стане и професија на некој начин. Конкретно, љубовта кон ѕидното сликарство ми се случи уште во средно училиште, а интензивно се надоградувам и работам во последниве четири години – потенцира Данче .

За неа уметноста не познава граници и никогаш не е ограничена. Секој нов зафат вели е добар предизвик за еден уметник. А ако се прашувате какви бои користи при работата, Данче открива:

-Сите материјали се соодветни за својата намена. На пример, за ѕидните мурали, како најиздржливи се покажаа обичните фасадни бои, а додека за текстил, дрво, стакло и слично, се работи со посебни бои наменети за истите површини.

Со оглед на актуелниот тренд, вели, сликаните патики се нешто за што постои најголем интерес. За муралите пак, нема посебно време на актуелност, тие се постојано примамливи.

-Најчесто ѕидните мурали ги изработувам за детски соби, тие се покажаа како најбарани, па можам да кажам дека секогаш обрнувам внимание на интересот на децата, нивната возраст. Но, секогаш внимавам муралот да биде уникатен и во посебен уметнички израз. Секоја нарачка ми е нов предизвик, ново искуство. Не само заради изработувањето, туку и заради запознавањето со нови личности. Позади секоја нарачка постои нишка на пријателство и посебна приказна, што мене ми претставува огромно задоволство – искрена е Данче.

Како предност за ваков тип на разубавување ѕидови, обувки или облека, ја истакнува уникатноста.

-Огромна предност во секоја работа, па и во мојата, е уникатноста. Голема плус е тоа што на пазарот може да се најдат обувки и текстил со добар квалитет, а и цената е достапна за сите. Додека предноста кај муралите е тоа што ја поминуваме "ерата" на стикерите, а со достапноста на ваквкте изработки луѓето се сè позаинтересирани за ѕидната уметност – смета младата уметница.

 За тоа што ѝ било најкомплицирано да изработи, ќе каже:

- Секоја изработка си има своја тежина. Сосема случајно се пронајдов во работава, а досега имам изработено околу седумдесет ѕидни мурали, со што не би можела да издвојам тешки и комплицирани изработки. Можам да кажам дека е олеснително кога луѓето соработуваат и имам простор за манипулација со изработките, односно простор за измени и прилагодување на просторот наменет за сликање.

На крајот нè интересираше што планира за идниот период. Амбициозна е, но и доволно реална за да не прави големи слики во главата. Затоа, во свој, скромен стил ни даде одговор кој нè освои:

-Уметноста е најдобра кога е случајна. Сепак, поради карактерот на оваа работа, сите планови ми се како да ја задржам истата,  а за да биде така времето и трудот се надевам ќе си го направат своето.

А ние ѝ посакуваме многу успех на тој пат!

Објавено:
18 мај 2016
Прочитано:
6.036 пати