Марија Јаневска

Дисциплината е навика, а не желба

Интервју со
медицински работник и автор
5 мај 2020

Има 27 години. Јавноста ја запозна со книгите „Белешките на Лајла Грејс“ и „Карма“. Популарни изданија, коментирани, оспорувани... Најавува и нова, трета книга, но она на што е максимално посветена денес е  работата во Лабораторијата за генетика и персонализирана медицина, во рамки на болницата „Жан Митрев“. Како вели, овој период на борба со Ковид - 19 бил предизвикувачки и за нивниот тим - професиоанлно, но и приватно.

Токму тоа беше и фокусот на нашиот разговор со младата Марија Јаневска. За тоа што научила таа после овие два месеци интензивна борба и работа, што за неа претставува одговорност, за потрагата по едноставен живот, за „борбата“ да се оддели личното од професионалното, но и како од оваа дистанца и со ова искуство гледа на нејзините претходни дела, прочитајте во продолжение:

Како ти звучи прашањето „како си?“ периодов?

-Периодов често добивав пораки со ова прашање. Најчесто имав еден смислен одговор – малку сум уморна, ама супер сум. Најмалку бев супер, ама полесно беше да кажам дека сум супер затоа што јас, за разлика од многу други имав шанса да помогнам, имав шанса да бидам во малкуте кои правеа нешто. Секој што некогаш се борел со нешто, колку и да е мало тоа нешто, знае дека никогаш не си супер кога си во „војна“. Кога си во „војна“ освен на себе мораш да мислиш и на луѓето со тебе. - А кога ќе дојдеш дома и ќе видиш колку е часот, знаеш дека за 5-6 часа пак треба да се вратиш на работа. Сакаш да си легнеш и да поспиеш ден-два, а не можеш. И ти се плаче.

Секогаш се обидував да се потсетам дека на сите им е тешко, ама тоа што те гледаат дека ти си добро и нив им помага. Често си велев, не пред нив, ако ти се плаче - дома ќе плачеш. Плачењето не е страшно. Тоа е само издувен вентил. Вистината е дека беше тешко, ама сега е подобро. И сега навистина сум супер. Сега сум среќна што успеавме. Ова ме промени премногу.

Како те промени?

-Не дека претходно си го губев времето, но сега дефинитивно поставувам граница за тоа кој може и колку може да ми го троши времето. Ниту сакам некому да му го трошам времето.

Сфатив дека животот често нè става нас „возрасните“ во „бубањ“, и забораваме што вистински сакаме во животот. Така што, решив да не живеам по никакви правила. Сега почесто цртам и пишувам, уживам во сè што се чувствувам дека ме исполнува. Ако ми се јаде, јадам бургер за доручек, чоколадо и вино за вечера. И доколку мислам дека чоколадна торта е совршениот избор за ручек, тоа и ќе го направам.

Порано мислев дека за да поставиш граница за личниот простор треба и да се скараш со некого. Но, сфатив дека доволно е само да кажеш „Извини, не можам“ или „Извини, не сакам“. Објаснувањата се непотребни. Нема потреба од објаснувања и инволвирање на емоции бидејќи тоа е залудно потрошена енергија. Најмногу од сè научив да си го ценам мирот. Сега тој ми е најважен.

Работиш во Лабораторијата за генетика и персонализирана медицина. Како изгледаат твоите денови периодов?

-Сега постепено се нормализира секојдневието. Не сме 24 часа на работа, а го зголемивме и тимот. Поради состојбата имаме смени и дежурства бидејќи лабораторијата мора да работи постојано – сепак нашата лабораторија е прва линија на одбрана на болницата од вирусот. Ни еден пациент без претходно тестирање не може да влезе, барем така беше до сега и се покажа дека таа пракса успешно нè одржа на нозе. Ниту еден од вработените во болницата не беше заразен од вирусот и јас искрено сум горда што сум дел од ваква професионална средина.

Иако работам и хумана генетика, поради состојбата лабораторијата периодов беше фокусирана на скрининг на што поголем број на пациенти за новиот коронавирус. Тоа опфаќа изолација на вирусот, поточно изолација на неговиот генетски материјал од пациентот и потоа докажување на неговото присуство со една молекуларна метода наречена Real-Time PCR. Тука е всушност ризикот во оваа работа, бидејќи секојдневно си во директен контакт со вирусот. За разлика од тестовите преку крв со антитела, ние докажуваме директно присуство на вирусот и резултатот е недвосмислен.

На почетокот доколку пациентот кој си го анализирал е позитивен, потсвесно и ти се чувствуваш болен, почнуваш да поткашлуваш, се чувствуваш како да имаш температура и слично. На сите од тимот ни се случи тоа барем еднаш. Иако тоа беше сè во нашата глава, стравот беше реален. Како растеше бројот на позитивни пациенти некако постојаниот стрес си ја направи својата работа и се навикнав. Не можеш вечно да стравуваш дека ќе се заразиш. Сè што можеш да направиш е да бидеш максимално фокусиран и да работиш по сите правила и прописи. Само така ќе се заштитиш.

Колку долго си дел од тимот во Лабораторијата и конкретно која е твојата улога?

-Тука сум две години, но се чувствувам како да сум со нив цел живот. Некако си ја засакав и работата и тимот. Иако сум магистер по фармација, работам молекуларна биологија и хумана генетика. Не дека сум ја напуштила целосно мојата љубов кон фармацијата – постои еден дел наречен фармакогенетика која е честа пракса во нашата лабораторија. Тоа е всушност генетика на лековите, односно како нашето тело индивидуално ги метаболизира лековите и дали еден лек ни делува или не. Верувале или не, сето тоа е запишано во нашите гени.

Но, ова не е најинтересниот дел од мојата работа. Најинтересниот дел е дијагостиката на ретки болести кои се најчесто резултат на генетска грешка. Тоа се пациенти кои со години макотрпно лутаат по здравствениот систем немајќи одговор. Еден мој професор велеше дека 99% од лечењето е точната дијагноза. И нема поголема вистина од тоа. Не можам да ви опишам колку исполнува кога ќе сфатиш дека некому си му помогнал да ја заврши животната голгота.

Да, некогаш откриваме болести кои не можат да се излекуваат и тоа ни паѓа тешко и нам, а најмногу на пациентите и нивните семејства. Но, голем дел од времето, лекот е достапен и едноставен. Сè уште ми е тешко и сè уште се учам да не се приврзувам за пациентите. Не е твое да ти е тешко, тоа е задача за најблиските. Никогаш не смееш да заборавиш дека ти си тука само за да помогнеш. Тоа е најголемата и најтешката мајсторија.

Твојот статус за (не)почитувањето на мерките предизвика големо внимание и стана вирален...

-Интересно е што најмногу сум влијаела врз јавноста тогаш кога сум била искрена и спонтана. Статусот во кој изразив револт поради непочитувањето на мерките за штотуку воведениот карантин се однесуваше на караницата која претходната вечер ја имав со брат ми. Имено, тој и братучет ми истата вечер тргнаа кај другар дома на собиранка на која требаше да присуствуваат дваесетина луѓе. Секако, се вознемирив прилично бидејќи до лани братучет ми се бореше со леукемија и цела фамилија сме околу него дури и по неговото излекување. Брат ми посебно ме разочара бидејќи тој требаше да биде оној кој ќе го спречува да се меша со луѓе на било каков начин. Бев изреволтирана што не разбираа дека не се само тие, дека треба освен на себе, да мислат и на нашите родители кои се повозрасни – мајка ми има проблеми со плуќата и постојано е со пумпици, татко ми е дијабетичар со висок крвен притисок, а слично е и со вујна ми.

Негрижата и игнорантноста од моите најблиски ме направи бесна и тажна. Веројатно со тие искрени емоции се поистоветуваше и јавноста и самиот статус стана вирален.

Со што се соочи ти периодов, кој за сите беше предизвикувачки?

-Не сакам да се жалам бидејќи, ќе повторам, од оваа гледна точка сум среќна што ми се даде оваа можност. Само сум фасцинирана од тоа што сè може да направи стравот кај една личност. Пред сè бев принудена да се соочам со себе. Ми беше тесно во сопственото тело. Не ми се верува дека ми паѓаа на памет работи кои се случиле пред пет, шест, па и седум години. Се соочив со сите мои паники, болки и порази. Си ги преиспитав сите одлуки што некогаш сум ги направила и сите личности на кои некогаш сум им завртела грб. Дури и сите оние на кои некогаш сум им дала втора, па и трета шанса. -. Беше и сè уште е неверојатно осамено, но ако нешто сум сигурна е дека ова ме направи посилна. Сега повеќе од било кога знам што сакам и што ме прави среќна.

Што е тоа што го сакаш и те прави среќна?

-Среќна сум што мали работи ме прават среќна. Многу е лесно човек да ме изненади бидејќи знам да се израдувам како дете и на најмали работи. Моите најблиски и заедничките ручеци, сите ритуали со најдобрата другарка, готвење, правење палачинки во ниедно време во пижами, цртање со часови седната на земја и целата со бои..., листата е преголема...

Што за тебе значи она што често го слушаме периодов - „враќање во нормала“?

-Искрено кога и тешкото стана нормално, не знам. Сакам да верувам дека има голема вистина во Дарвиновата мисла дека не опстојуваат најсилните туку оние кои најдобро се приспособуваат на промени. Всушност приспособливоста е знак на силна личност.

Не верувам дека ќе биде исто после ова. Да, кафулињата и рестораните повторно ќе се отворат, ние повторно ќе се дружиме и можеби и ќе заборавиме брзо на овој тримесечен затвор. Но, никогаш нема да ги заборавиме лекциите кои ги научивме. Вистина е дека последниве години заборавивме што навистина вреди и сите некако трчавме некаде. Брзавме. Каде брзавме? Животот секогаш ќе ни фрла „бомби“, без разлика дали е тоа смртоносен вирус, губење на драга личност или отказ од работа. Наше е да најдеме начин и пред сè да ја најдеме новата нормала.

Од оваа дистанцираност, како гледаш на твоите книги?

-Кога ги читам на моменти се чувствувам како да ги напишала мојата помала сестра – толку се наивни и чисти. Искрени пред сè. Ги напишалa тинејџерка која никогаш не била повредена и која имала среќно детство. Таа Марија не знае за пресметливост и за неверство, за повредени ега и осветољубивост. Таа Марија само знае како боли кога ќе те разочара личноста која ја сакаш. Верува во соништа, но не знае дека единствениот човек од кого зависи остварувањето на тие соништа си ти самата. И за жал, таа Марија не знае дека понекогаш љубовта не е доволна.

Веќе најави дека наскоро ќе има нова книга со твој потпис. Темата ќе остане повторно љубов? И со оглед на тоа што новонастанава ситуација ни ги промени плановите на сите, кога би можела да се очекува промоцијата?

-Книгата има толку долга историја што дури не се ни сеќавам на нејзиниот зачеток. Всушност само знам дека кога прв пат влегов во операциона сала и видов како изгледа застанување на едно срце, знаев дека ќе се вика „Асистола“ (тоа е медицински термин кој означува престанок на работата на срцето). Со години ја имав идејата во глава, но некако не седнав да ја смислам и да ја напишам, а верувајте има многу за мислење кога смислуваш цел еден нов свет кој почнал да се развива од еден обичен наслов.

Книгата ме научи многу, не само за љубовта и за тешките одлуки, туку и за шансите кои си ги даваме себеси. Односно шансите кои треба да си ги дадеме, но најчесто не го правиме тоа бидејќи сме премногу сурови со себе. Се надевам дека ќе ги научи нешто и моите читатели.

Искрено, не знам кога ќе биде промоцијата. Сакам да помине сето ова за да можеме на раат да ја испромовираме. Јас мислам дека ќе биде на есен, можеби на некое септемвриско зајдисонце – така некако си ја замислувам во последно време.

Љубов v.s патетика?

-Како „растам“на моменти почнувам толку жестоко да се дистанцирам од патетиката баш затоа што е толку озлогласена помеѓу луѓето. Некако стана модерно сите да се правиме силни. Всушност, тоа е толку погрешно. Ако добро размислам мислам дека не постои вистинска емоција без барем малку патетика.  Што е љубов ако не стравуваш? Што е страст ако пеперутките во стомакот не ти станат ајкули? Годините немаат никаква врска, ние сами ги носиме ајкулите на суво. Сами си ги убиваме пеперутките.

Преку книгите велиш, се соголуваш емотивно, но од друга страна ќе речеш дека луѓето или те сакаат или те мразат, бидејќи не сакаш да те познаваат. На прв момент контрадикторно звучи, а зборуваш и за исклучително силни емоции, каде што средина не постои...

-Минатата недела еден дечко ми кажа дека „гардот“ ми е толку голем што сум го качила на столче за да е повисок од мене :). Не знам дали некогаш ќе се разберам себеси. Авторитативна сум, имам висок „гард“, негативно судам и за најмалата грешка. Сама правам да бидам доживеана како ладна личност. Зошто? Затоа што веројатно другата страна е престрашна. Секогаш е полесно да мислиш негативно и да бидеш позитивно изненадена, отколку да бидеш разочарана. Не знам колку животи има нашето срце, ама сигурно нема девет.

Сакам да верувам дека некогаш некој ќе го урне тој гард и дека нема да биде страшно.

фото: Владимир Георгиев

Каков е твојот начин на живот?

-Опседната сум со постојано подобрување. Мислам дека ми е тоа вродено од мала. Секогаш нешто може да биде подобро, секогаш има нешто ново што сакам да направам, што сакам да постигнам, напишам, завршам. Верувам дека дисциплината е навика, а не желба. Мотивацијата нема врска со дисциплината. Ако нешто сум сигурна тоа е дека животот е прекрасен.

Имам желба да живеам едноставно ама мислам дека сум далеку од тоа. Барем се трудам да бидам реална.

Што е она што те кочи во едноставниот живот по кој копнееш?

-Стравот дека нема да го искористам животот до максимум. Потрагата и навлегувањето во сите „длабочини“ ми носи и компликации. Не за џабе велат дека најбезбедно се плови по површината и во плиткото. За жал убавините доаѓаат кога го доживуваш она што е ретко и ризично. Секогаш кога премногу се посветуваш на нешто, тоа нешто станува дел од тебе, а сè што е дел од тебе е најчесто и твоја слабост. Наше е да одлучиме дали сакаме да имаме слабости.

Низ каква призма ја гледаш реалноста? Каква е таа во твоите очи?

-Каква и да е, реалноста е убава. Само таа и ја имаме. Сето друго е илузија. Тоа ми е од мајка ми. Најважно е да ги држиме и двете нозе цврсто на земјата. Океј, разбирам, од време на време можеме да летнеме во облаците. Ама да се потрудиме да не заборавиме да се вратиме на земјата. Чисто да се преиспитаме и да го испланираме следното летање.

Што е за тебе одговорност?

-Знам дека е тежок збор, но исто така знам и дека одговорноста ослободува. Во моментот кога ќе ја прифатиш, ти стануваш слободен човек. Ти си одговорен за сите постапки, сите избори. Животот е во твои раце. Не верувам дека има поголема слобода од тоа. Неодамна ја прочитав новата книга на Винка Саздова и на првата страница има цитат од Руми кој вели „Зошто остануваш во зандана кога вратата е ширум отворена?“. Толку луѓе живеат несреќни, заглавени на исто работно место кое го мразат, во врска или брак во кои не се среќни, само затоа што не сакаа да превземат одговорност за своите постапки. Вратата е секогаш отворена, решетките постојат само во нашите глави.

Од Универзитетска библиотека беше прогласена за „Најчитан автор“. Прилично млада го доби признанието, кое за тебе претставува - што?

-Немав ни 25 години... Паметам дека и тогаш го кажав ова, но тоа е вистината. Државната плакета за мене беше само љубовта на моите читатели во физичка форма. До ден денес кога ќе помислам на тој момент се чувствувам сакано. Моите зборови стојат на нивните полици, моите зборови имаат место во нивните домови. Тие ми ги отвориле своите врати бидејќи во еден дел од животот тие се поистоветувале со она што јас сум го напишала и тоа им помогнала на еден или друг начин. Има ли поголема среќа од тоа? Кратко потоа имав тежок период кога престанав да пишувам. Некако се помирив дека можеби тоа е тоа. Тогашното момче еден ден ме седна и ме праша зошто. Немам време, велев. Ми рече дека толку многу девојки пораснале со моите зборови што им должам на сите нив да пишувам. Дека дури и да имам само еден читател на овој свет, му должам нему да ги напишам моите приказни и да ги изнесам во светот. Себично е да ги задржам само за себе. Секоја приказна ја заслужува својата шанса.

Како го користиш просторот на социјалните медиуми?

-Никогаш не сум знаела како да одговорам на прашања за социјалните медиуми, но знам дека сакам да бидам искрена и да бидам јас таква каква што сум. Тоа значи дека ако имам став за нешто, ќе го бранам; ако нешто не ми се допаѓа, ќе го кажам; ако некому му смета било што, баш ми е жал. Интересно е што социјалните мрежи се како нашите дворови, балкони и тераси. „Комшиите“ можат само тоа да го видат и ако јас денес сакам да пијам вино и да слушам музика на „мојата тераса“, тоа и ќе го направам.

Со други зборови, нема да си го филтрирам карактерот. Како мала се трудев да се вклопам, но одамна не го правам тоа. Да, низ годините не сум толку избувлива како порано, но сè уште стојам на тоа дека ако сите те сакаат сигурно правиш нешто погрешно.

Какво влијание сакаш да оставиш со сето она што го правиш/работиш?

-Не сакам да влијаам со зборови, сакам да влијаам со дела. Токму заради тоа и не реагирав никако пред 6-7 години кога после промоцијата на „Белешките“ бев актуелна на твитер. Највистински се влијае кога на луѓето, посебно на младите, ќе им покажеш како живееш. Сакам да им покажам што ме мотивира, што ме инспирира, сакам да ги охрабрам да се борат за своите желби бидејќи мене ми било кажано многу пати да не летам во облаци. Ми кажале дека никогаш нема да напишам книга, а кога како мала викав дека сакам да станам научник (за малата Марија тоа значеше да работа во лабораторија) – тоа беше смешно. Еве, на 27 години некако успеав да ги побијам сите работи за кои некогаш некој ми рекол дека не можам.

Рецептот е едноставен. Истрајност. Доколку си уморен, можеш да се одмориш, ама не и да се откажеш.

фото: Idea Lab

Во една пригода, пред неколку години, рече дека веруваш во бајки. А сега?

-Хах, ме фати во тесно. Не знам. Со сите околности кои ми ги дал животот јас сум една многу среќна девојка. Дури и кога сум тажна, знам како да бидам среќна. Тагата е нормален процес на „растење“. Да, има некои работи за кои сè уште ми треба време да бидам повредена и да ги одболувам. И си го давам тоа време. Кога сме тажни учиме колку и зошто е важно да сме среќни. Кога доаѓаат такви моменти во животот не сакам да се правам силна и да го брзам тој процес. Ако сум тажна, не значи дека барам време за да простам. Тоа си доаѓа сакале ние или не.

Бајка е силен збор, тежок збор. Бајка е синоним за емотивна утопија, а животот е далеку од совршен. Можеби ќе дојде ден кога ќе најдам нова дефиниција за бајка и повторно ќе верувам во неа. До тогаш ќе уживам во сите несовршености кои ги нуди животот.

Објавено:
5 мај 2020
Прочитано:
3.304 пати