Доктор Златко Пендовски: Уролошкиот преглед е задолжителна, безболна постапка!

Интервју со •
25 ноември 2014

Веруваме дека изминатиов месец видовте повеќе мустаќи од било кога во годината! Покрај тоа што момците тоа го прават за да изгледат позгодни, овој пат имаат и една сосема поинаква, неверојатно освестувачка цел. Во чест на Моември – месецот на грижата за машкото здравје, сите Мо – браќа пуштаат мустаќи, додека Мо – сестрите даваат придонес на различни начини. Последна во низата моемвриски иницијативи беше соработката на дизајнерката Ирина Тошева и креативките Кристина и Марија од Design & Berries кои направија одлични модни додатоци инспирирани од Моември, а средствата од продажбата одат директно во Movember Macedonia и movember.com. Само за нашата публика од посилниот пол, ние направивме ексклузивно интервју со еден од најпознатите хирурзи -уролози во Македонија, доктор Златко Пендовски со кого разговаравме за најчестите машки проблеми и колку е важно за истите да се реагира на време. Она на што тој посочува во најголема мера, се редовните прегледи со кои ќе овозможите рано откривање на сите болести што можат да имаат и трајни последици. По кој знае кој пат, ние како девојки апелираме дека машкото здравје е и женска работа, па затоа не двоумете се токму со овој текст, да ги потсетите вашите момци дека урологот е подеднакво важен како и гинекологот!

Ирина Тошева и Design & Berries
Модели: Бисера и Бојана Илијоски

 

-Колку често мажите во Македонија самоиницијативно посетуваат уролог?

pendovski

Многу ретко се случува мажите да се јават на уролог на контролен преглед без изразени симптоми. Најчесто се јавуваат кога веќе имаат многу изразени симптоми во понапредната фаза на болеста, кога и лекувањето е многу потешко.

 

 

-Кои се најчестите полови болести од кои страдаат мажите на денешницата?

Најчести преносливи болести се инфекција со кламидија трахоматис, како и ХПВ вируси, но во секојдневната пракса се сретнуваме и со инфекции со микоплазми, уреаплазми, вирусни кондиломи, трихомонади, гонореа, ХИВ педикулоза, сифилис и др.

-Која е просечната возраст на која мажите треба да почнат да посетуваат уролог?

Нема просечна возраст на која мажите треба почесто да посетуваат уролог. Кај помладите мажи најчести уролошки заболувања се воспалителните заболувања на мочниот канал и глансот на пенисот, како и на простатата и тестисите. Честа е и појавата на камења во мочните патишта и бубрезите. Од малигните заболувања, туморот на тестисите се јавува меѓу 15 – тата и 40-тата година од животот. Зголемувањето на простата и карциномот на простата се јавуваат најчесто по 45-тата година. Од ова, може да се заклучи дека мажите уште во младоста треба да посетат уролог, а особена неопходност се јавува по 50-тата година од животот.

-Кои се најчестите навики што влијаат на плодноста кај мажите?

Пушењето, алкохолот, неправилната исхрана, изложеност на штетни материи, топли купки, водење неправилен начин на живеење, стрес, недоволен одмор, физичка неактивност, носење тесни панталони, а од заболувањата - проширени вени на левиот тестис, прележани заушки и други инфективни заболувања, воспаленија на пасеменикот и тестисите. Најновите испитувања покажуваат дека 40 – 50 отсто од причините за стерилитет, треба да се бараат кај мажите. Особено загрижувачки е податокот што за последните педесетина години, квалитетот на спермата кај мажите е намален за 50 отсто, што се должи на многубројни причини.

-Кој е правилниот начин за одржување на интимната хигиена?

Едноставно - секојдневно одржување хигиена, со неиритрачки средства.

-Како против ракот на простата и кои се најчестите причинители на болеста?

Редовните контролни прегледи после 45-тата година од животот придонесуваат за рано откривање на ракот на простата, а со тоа се овозможува и многу успешно лечење на истиот. Ова е особено важно кај лица кои имаат фамилијарни предиспозиции.

-Дали се подигна свеста кај мажите за прегледи и дали забележувате разлика по иницијативата Movember?

Мислам дека оваа акција има одредено влијание, особено кај помладата популација. Голем број млади луѓе кои внимаат на своето здравје се обратија за превентивен уролошки преглед во овој период.

-За крај, ваш совет до сите оние мажи кои што сѐ уште не посетиле уролог и зошто е тој подеднакво важен како гинекологот кај жените?

Уролошкиот преглед е многу едноставен, безболен преглед, при што урологот најпрво преку разговор утврдува дали постои одреден уролошки проблем, потоа со палпација (допир) ги прегледува надворешните генитални органи, како и простата. Веднаш потоа прави ехотомографски преглед, со што се откриваат најголем број од уролошките заболувања. Особено е значајно што со вакви прегледи е возможно откривање на болестите во рана фаза, при што нивниот третман е поедноставен и поуспешен.

Вработените во Elena Luka Home се едни од поддржувачите на кампањата... Вработените во Elena Luka Home се едни од поддржувачите на кампањата...

И за крај запомнете – од целата моевриска акција, најмалку важни се мустаќите! Она што е од особена важност, е тоа што задолжително секој „мустаќлија“ мора да изврши уролошки преглед. Покажете им на сите дека сте вистински силни мажи и направете го прегледот, макар истиот бил единствено во овој месец. Во одлучноста, ниту во еден момент не смее да ви попречи срамот, бидејќи со тоа ја побивате сета „мачо“ слика што ја градите за себе... а и дефинитивно превентивните прегледи се во мода!

Објавено:
25 ноември 2014