Дуке Бојаџиев: Тишината понекогаш е најубавата музика!

Интервју со •
13 февруари 2015

На само еден ден пред Денот на вљубените, Македонецот со њујоршка адреса, Дуке Бојаџиев ќе одржи целовечерен концерт во Македонската опера и балет. За концертот да биде уште поспектакуларен, ќе му се придружат неговите колеги и музички сопатници меѓу кои и безвременскиот вокал Крсте Роџевски, Матијас Кунцли на перкусии и Исмаил Лумановски на кларинет. Диригент ќе биде одличниот Борјан Цанев, а верни придружници на сите нив ќе им бидат талентираните музичари од Македонската филхармонија. За сите негови обожаватели кои не успеаја да набават карти на време, фантастичниот музичар со светска кариера ви закажува уште две средби во Скопје и тоа во недела во Кино Фросина (МКЦ) од 19 и 21 часот. На самиот ден од големиот концерт со Македонската филхармонија, Дуке Бојаџиев беше сосема љубезен да ни одговори на неколку прашања што се вистинска увертира за она што можете да го очекувате од него оваа вечер. Ја имавме и честа да присуствуваме на пробата со Македонската филхармонија каде тие не' подготвија за спектакуларниот концерт за кој веруваме дека допрва ќе се раскажува.

До вечерашната средба, уживајте!

Ако за „Љубовта е патот“ инспирација беше Вашата животна приказна, што е инспирацијата за „Сон, Верба, Љубов“?

Сѐ почнува со Сон, во кој треба голема Верба и многу Љубов за да стане реалност. Тоа е за мене една суштина на животот која му дава смисол. Трите фактори се потребни за реализација на себе и за исполнет живот.

Филмска, класична или изворна музика?

Фузија од трите, тоа ми е највозбудливо. Инспирацијата сама доаѓа и нема жанровски параметри, туку е понесена од емоцијата. Кога емоцијата е успешно преточена во форма (звук, слика, поезија...) која може да допре до човечкото срце, станува уметност.

Може ли во неколку зборови да се опише чувството да се настапи во Карнеги Хол?

Многу возбудливо, магично, несекојдневно. Длабока лична сатисфакција како автор.

Ќе бевте ли доктор доколку не станевте успешен композитор?

Додека студирав медицина во Македонија музиката ми беше страсно хоби, дури кога стасав во Америка и ми стана професија, сфатив дека многу малку луѓе успеваат да преживеат од неа. Ако требаше да работам музика која не ми доаѓа „од внатре“, ќе се вратев на медицината.

Сметате ли дека „Танго До Балчак“ Ве доближи до пошироката македонска публика?

Дефинитивно! Мислам дека е композиција што нема временски печат. Инспирацијата што ја добивам кога работам музика за филм е многу посебна и уникатна, таа желба за филмска музика ме донесе каде што сум. Се радувам што ќе ја изведам конечно во живо пред македонската публика!

Што ќе може да слушне македонската публика на 13 – ти февруари во Македонската опера и балет?

Композиции од моето филмско творештво, дел од албумското издание Love Is The Way и премиерни изведби на нумери од новиот материјал „Сон. Верба. Љубов“. Сето тоа во нови оркестрации специјално напишани и адаптирани за Македонската Филхармонија. Носам тројца гости солисти од Њујорк, кларинетистот Исмаил Лумановски, вокалот Крсте Роџевски и перкусионистот Матијас Кунцли, врвни музичари и мои долгогодишни соработници. Поезијата од Руми преведена на македонски, ќе ја рецитира актерот Васил Зафирчев.

Во каква музика уживате Вие приватно?

Приватно кога имам време да одморам од мојата работа (нон-стоп музика), сум отворен кон различни жанрови, музиката ја гледам како универзален јазик. Сѐ зависи од тоа како се чуствувам и каде се наоѓам во дадениот момент. Често уживам и одмарам во тишината, понекогаш тоа е најубавата музика.

Досега во кариерата сте соработувале со исклучителни музичари и филмски уметници, кој од нив ви остави најголем впечаток и зошто?

Џонатан Деми (Jonathan Demme), режисер кој има добиено Оскар, а е еден од најскромните луѓе со кои сум работел. Синди Лопер (Cyndi Lauper), која секогаш точно знае што сака и знае како да го извлече тоа од тебе. Нил Меклелан (Neil McLellan), продуцент и миксер на култната група The Prodigy, од кого многу научив за електронската музика и продукција.

Наоѓате ли утеха во песните кога некогаш ви недостасува Вашата родна Македонија?

Не сум многу носталгичен, ниту барам утеха во музиката. Македонскиот мелос природно ми доаѓа, вграден ми е во гените.

Како во неколку зборови би го опишале гласот на Крсте? Каква димензија им дава тој на Вашите песни?

Необичен, искрен, магичен, едноставен и природен. Дава вонвременска димензија.

Крсте Роџевски Крсте Роџевски

Ви беше ли Вашиот татко Тодор Бојаџиев инспирација и поддршка во животот?

Газев цврсто по неговите стапки сѐ до моментот кога дипломирав медицина и решив музиката да ми стане професија, а науката хоби, кое сѐ уште љубопитно го негувам и следам. Тој беше огромна поддршка и инспирација за сѐ што сум денес.

Дел од оркестарот на Македонската филхармонија Дел од оркестарот на Македонската филхармонија

Што по „Сон, Верба, Љубов“?

Концерти, нови проекти, секогаш во потрага по нешто ново, нов сон, со нова верба и нова љубов кон нови музички инспирации и изданија.

Објавено:
13 февруари 2015