Со големите луѓе наједноставно се комуницира. Така една светска мега ѕвезда како Ана Ивановиќ се најде на нашата насловна страна за овој месец со ексклузивно интервју во кое отворивме теми кои од различни аспекти говорат за нејзината личност, навраќајќи се на најголемите успеси во тенисот па сè до новите бизнис амбиции кои од неодамна носат нови возбудливи предизвици во нејзиниот живот.
Поранешната српска тенисерка која успеа да го искачи највисокиот врв во светот на тенисот и стана број еден тенисерка на ВТА листата откако во 2008 година го освои Ролан Гарос, последните неколку години беше комплетно посветена на семејството, за кое како што ќе каже и во нашето интервју, останува нејзин најголем приоритет. Од 2016-та година е во брак со германскиот фудбалер Бастијан Швајнштајгер со кого ги имаат двете деца Лука и Леон, а живеат во Австрија.
Неодамна Ана на светот му презентираше уште една своја пасија во која вложува голем дел од своите време и енергија.
Лансираше сопствен козметички бренд што го носи името „Ana Ivanović Natural Performance", концепиран како природна и еколошка козметичка линија за нега на кожа.
Така го започнавме нашиот разговор со Ана, кој попатно нѐ однесе на различни дестинации и периоди од нејзиниот живот, од првите сеќавања од тенискиот терен во родната Србија до новиот претприемачки подвиг.
Уживајте во разговорот како што уживавме и ние.
Од тениските терени па сè до компетитивното поле во светот на козметиката, Вашиот кариерен пат е исполнет со предизвици пред кои не застанувате. Кој е најсилниот извор на мотивација кај една амбициозна личност како Вас?
-Мислам дека најголемиот извор на инспирација е да го следите вашиот сон, вашиот пат и вашата желба. Па, кога имате јасна цел каде сакате да бидете и што сакате, лесно е да бидете мотивирани секојдневно – да работите на тоа и на крајот да го постигнете.
Кои се Вашите први сеќавања од тенискиот терен? Што најмногу Ви недостига од времето кога професионално се занимававте со спорт?
-Моите први сеќавања од тенискиот терен се поврзани со периодот кога започнав да тренирам тенис откако моите родители ме запишаа на првата тениска школа кога имав 5 години, а тренингот се одвиваше на затворено бидејќи беше ноември/декември. Паркетот – супер лизгав и едноставен, но на некој начин за мене многу посебен, затоа што тоа беше мојот сон и она што јас сакав да го правам. Инаку, ми недостасува да се натпреварувам на големи турнири, особено Гренд слем, таквите емоции и чувства се незаменливи.
На кој начин тенисот игра улога во вашиот денешен начин на живот, размислување, дисциплина и функционирање, како на приватен така и на професионален план?
-Тенисот ме научи на многу нешта и ми отвори многу врати, така што секако дека сѐ што научив тогаш можам да го применам сега во мојот нов бизнис, но исто така и во однос на тоа како да се поставам со децата. Научив за дисциплина, цврстина, како да продолжите да се движите понатаму и трпение – и сѐ уште се подобрувам. Сето тоа ви дава сила...
Грижата и љубовта за себе се есенцијата без која грижата и љубовта кон другите е невозможна. Како дојдовте на идеја да стартувате своја козметичка линија?
-Како професионална тенисерка – патував често, на различни континенти со различна клима... Никогаш не можев да ја пронајдам за себе најсоодветната козметика за нега, која истовремено е органска, ефективна и одржлива. Така кај мене се роди страста да креирам сопствена козметичка линија.
Каков е концептот на козметичката линија? Каков тип на производи вклучува и каква е нивната есенција?
-Концептот на козметичката линија се однесува на некомплицирана, органска, одржлива нега за кожа која е соодветна за сите типови кожа. Се состои од шест производи поделени во две линии: есенцијална линија за нега (прашок за чистење лице, крема за очи, дневна крема за лице) и специјална линија за нега која содржи три различни серуми: за хидратација, сјај и серум кој ја намалува видливоста на порите.
Се одлучивте да се посветите на природни и еколошки производи базирани на 92% природни состојки. Колку е тоа важно за природната и безбедна нега на кожата и зошто?
-За мене тоа беше еден од најзначајните императиви, линијата за нега да содржи што е можно повеќе природни состојки и да биде еколошка, бидејќи тоа е начинот на кој што јас живеам и верувам во него.
Како изгледаше процесот на подготовка на оваа линија пред да ја постигнете посакуваната цел?
-Развивавме формулации со нашите фармацевти. Се разбира, направивме многу тестирања и тоа беше навистина возбудлив процес, да се пронајдат вистинските мирис и текстура кои ќе ми се допаѓаат мене, а и на повеќето луѓе. Така што имаше многу тестирања.
Помеѓу спортот и креирањето козметичка линија, Вие сте и UNICEF Амбасадор, сопруга на познатиот германски фудбалер Бастијан Швајнштајгер и мајка на две мали момчиња, со што претставувате вистински пример за жена која знае да се справи со повеќе улоги и да постави баланс. Кој е вашиот совет на оваа тема?
-Мислам дека тоа е најголемиот предизвик, особено за вработените мајки, да се најде баланс меѓу приватниот живот и работните обврски. Секогаш се сметав за супер среќна, што успеав да остварам кариера додека бев многу млада, па сега откако имам деца и семејство, да можам да им го посветам моето време ним. Но, сепак работата ми е во крвта, целиот свој живот работам. Овој проект со мојата козметичка линија исто така ми е многу близок до срцето – па навистина посветено работам на тоа, работам со UNICEF и на некои други проекти. Но, мојот приоритет е семјеството и со него поминувам колку што можам повеќе време.
Женската револуција во Иран му удри силен шамар на современиот свет. Родовата еднаквост сѐ уште е мисловна именка во многу ситуации, па дури и во најдемократските општества. Како Вие гледате на еманципацијата на жените од нашата генерација? Колку сме нееднакви во еднаквоста?
-Сметам дека правиме мали чекори кон промени и во однос на женската еднаквост, но за жал мислам дека сѐ уште сме далеку од родова еднаквост и треба да продолжиме да се бориме за тоа. Жените треба да се трудат и да работат многу понапорно за да постигнат нешто што мажите многу полесно го постигнуваат, но така и успехот станува многу подрагоцен.
Гледајќи наназад, на кои успеси сте најмногу горда, а кои нешта би ги направиле поинаку денес?
Се разбира дека најмногу сум горда што освоив гренд слем турнир, постанувајќи број еден во светот, за што работев напорно целиот мој живот. Единственото нешто што би го направила поинаку, односно би ја посоветувала помладата јас, е малку повеќе да се релаксира и помалку да се стресува околу резултатот и да ужива повеќе во процесот.
Од кои најтешки и најпредизвикувачки моменти сте научиле најмногу? Која е најважната животна лекција што ја имате научено досега?
-Дефинитивно научив многу токму од најпредизвикувачките моменти. Кога поминувате низ тие тешки ситуации, всушност тогаш најмногу созревате и излегувате од својата комфорна зона. Тогаш учите многу за себе, а секако тоа се навистина напорни периоди. Посакувам многу помалку да се стресував во некои од тие ситуации, но на крајот од денот, тоа се нашите најголеми учители и кога поминувате низ нив, сфаќате колку многу може да издржите и после тоа станувате посилна личност.
Доколку треба да издвоите тројца најинспиративни ликови од вашиот живот кои претставувале role models за тоа како да се поставите на приватен и професионален план, кои би биле тие?
-Тоа би биле: Моника Селеш – бидејќи поради неа почнав да играм тенис. Роџер Федерер – поради неговата грациозност на теренот и навистина ми е драго за сѐ што има постигнато. И Џесика Алба, навистина се восхитувам на сѐ што направи таа во светот на бизнисот.
Кои се најдрагите спомени од дома, од вашето маало, од вашето детство во Србија?
-Се сеќавам дека често возевме велосипеди со моите родители и со брат ми покрај реката, тоа многу ми се допаѓаше и ми недостасува понекогаш.
Каква е Вашата релација со модата? Какво место има во вашиот свет?
-Сѐ повеќе и повеќе ми се допаѓа модата. Порано кога патував и играв, беше многу тешко да се следат тенденциите во чекор бидејќи морав да живеам во „куфер", па беше невозможно да спакувам сѐ што сакав да понесам со себе. Сега сѐ повеќе уживам да носам тренди парчиња и да се облекувам убаво.
Што ја прави жената убава?
- Внатрешната убавина и самодовербата.
На кои идни проекти работите моментално?
- Фокусирана сум на „Ana Ivanović Natural Performance" – ова е најголемиот проект на кој работам сега, а веќе развиваме и нови продукти. Покрај тоа, имам уште неколку проекти на ум кои би сакала да ги реализирам еден ден.
Подготвиja:
Ирма Башеска Ристовска
Марија Крстова