нов проект

Born in Macedonia with French Touch

Интервју со
ЕЛЕНА ЛУКА
1 ноември 2021

Кога мислиме на мода – мислиме на Франција. Секако дека не можат да се оспорат ниту влијанијата на модните престолнини Милано, Њујорк и Лонодон кои низ годините станаа сериозна конкуренција на Париз, но сепак Париз е колевка на Високата мода уште од 17 век. За севкупното (денешно) поимање на модата може да ѝ се заблагодариме токму на Франција, бидејќи врската која таа ја има со модата, со сите нејзини сегменти - е нераскинлива. Француските дизајнери, стил и брендови направија вистинска револуција на глобално ниво. Од нив научивме и што е Висока мода, но и што е pret a porter. Тие ги поставија параметрите за односот кон облеката, нејзината вредност и богатството на постулатот „Less is more“.  За нив модата е култура.

Модната индустрија денес (повторно) претрпува измени (на глобално ниво). Некои наметнати и предизвикани од ковид-кризата, а некои бидејќи менувањето е неминовен процес кој не ја одминува ниту модата. И за воопшто нешто да се „роди“  одново, мода да заврши еден циклус - да се вратиме на основата, која ќе ја понесе сета креативност што ќе се намножува.

Да се вратиме кон префинетоста, едноставноста, кон „Less is more“.

Е токму ова француско „модно правило“ е една од појдовните точки за новиот проект и серијал кој го започнува македонската модна куќа ЕЛЕНА ЛУКА.

Овој ноември одбележуваат 12 години од постоењето на домашната модна сцена – години во кои извршија силно влијание на домашната модна сцена.  Внесоа динамика, препознатливост и сосема нов пристап од тоа што до таа 2008 се практикуваше. 

Центарот на инспирацијата за нив секогаш била жената, која низ нивната призма била и елегантна и авангардна и впечатлива и водена од „More is more“ исто колку што била и дама... Нивната естетика беше поинаква и посмела, па не им требаше долго време за да бидат запаметени од публиката – дома, но и надвор.

Амбицијата и визијата на сопственичката, основач, генерален менаџер и дизајнер Елена Пандева, да донесе светски тенденции дома, се преточи во функционирање на принцип на модна куќа како што тоа се прави во светот. Како што тоа се прави и во Франција која ја споменуваме - со моделари, кројачи, сопствено производство, концепт на презентирање во ателје.

Меѓу првите почнаа интензивно да соработуваат со јавните личности од сцената и да се грижат за нивниот изглед. Создаваа ревии кои беа вистински модни шоу-а пред времето во кое се појавија. Ја поврзаа модата со хуманоста (Сигурни сме дека се сеќавате на големата хуманитарна ревија во „Универзалната сала“), организирајќи бројни настани, а потоа основајќи и фондација. 

Будно ги следеа светските трендови, трудејќи се да ги овозможат и дома - преку креациите, преку едиторијалите, отворањето онлајн продавница, пласирањето содржини за секоја возраст, проширувањето на дејноста на модни додатоци и обувки, невестинска програма, детска, а притоа никогаш не заборавајќи ги почетоците – креации кои  вклучуваат рачна изработка, вез, различни техники на креирање и создавање модни парчиња – custom made со впечатлива доза на Висока мода.

А ако зборуваме искрено, не ги одмина ниту скандалозноста.

За овие 12 години, Елена Лука беше и е модна куќа која им посакува добредојде на голем број млади студенти и креативци, сакајќи на тој начин да ја помогне едукацијата и да им овозможи теоријата да ја применат во пракса. Куќа која беше расадник на подмладокот кој ќе ја продолжува македонската модна приказна...

И не случајно ги споменуваме сите овие нешта, иако списокот на нивните ангажмани, дома и надвор, не завршуваат тука. Тој спој на жената како инспирација, едукацијата и синтагмата „светско а наше“ ќе биде водечки и во новитетите што ги подготвуваат, а кои ги споделуваат со нас ексклузивно!

Born in Macedonia with French Touch e проект кој ЕЛЕНА ЛУКА повторно го прави на своја иницијатива, со желба да ги утврди основите, а сепак да ги помести границите. 

Овој серијал, кој е замислен да биде заокружен со модно шоу за кое велат ќе биде сосема нешто ново за наши услови, е нешто во што самите вложуваат, водени од љубовта кон дејноста, но и почит кон консументите на модата, кои изминативе 12 години се со нив.

Серијалот, кој ќе опфати едукативни текстови, видеа, совети и разговори, воедно ќе биде нешто што како велат ќе остане - не само за нив како модна куќа, туку и за македонската модна сцена и за сите љубители на модата - но мода, не само како облека или тренд, туку како дел кој ѝ припаѓа на култура.

Со ова отпочнуваат нов циклус, во кој секако ја задржуваат препознатливоста, а во преден план ја ставаат безвременоста преку формулата 80% класика + 20 % тренд.

Елена Пандева, основач, сопственик, генерален менаџер и главен дизајнер на ЕЛЕНА ЛУКА

 „Дванаесет години не се воопшто малку и тоа е солиден период низ кој може да се види нашето растење и развивање. Сметам дека на секој од нас ни е на некој начин премногу од сè. Светот фати голема брзина, од која да бидеме искрени, сите се изморуваме. И затоа сметам дека е исклучително важно да се потсетиме на она што е важно, суштинско. Не само во поглед на нас самите, животот, секојдневието, туку и модата како дел од сето тоа. Зошто токму French Touch - затоа што и покрај тоа што и кај нив се пласираат секакви нови тенденции, остануваат доследни на основата, на безвременското. И тоа е исклучително важно! Нивниот однос кон облеката, кон себе, кон модата генерално како дел од нивниот живот и култура уште од најрана возраст, е нешто од што можеме да учиме и денес. Како некој што навистина ја сака модата и оваа дејност која и покрај сите предизвици низ годините ја работам со многу љубов, сметам дека имам должност и јас лично, но и ЕЛЕНА ЛУКА како модна куќа, да влијаеме на едукацијата, да се обидеме да извршиме импакт врз тоа како да ги вреднуваме нештата, како да се однесуваме. Да бидеме искрени, ова не е нешто што првпат го правиме, но овој пат навистина сакаме да им овозможиме на жените нешто врвно од секој аспект, а домашно. Модни парчиња и моден бренд кој со гордост ќе го носат. И посебно сакам да нагласам дека во ова време кога квантитетот зема замав во различни аспекти на дејствување, сакам да ја вратиме почитта кон квалитетот, кон вистинските вредности, а ако сме ги подзаборавиле, со овој проект да се потсетиме и да почнеме една нова свежа страница – вели г-ѓа Елена Пандева.

Таа додава дека изминативе години, исполнети со подеми, критики, успеси и пред сè многу креативност, само го зацврстиле брендот и неа како водечка фигура, да останат доследни и истрајни на мисијата што си ја зацртале:

„Сè уште чувствувам потреба, би рекла и лична, од дообразба - од тоа каков однос имаме кон облеката, како се грижиме за истата, потоа и во поглед на препознавањето на квалитет, зачувување на истиот, а на крајот и во поглед на одржувањето на стилот, кој ќе се согласите, не е дефиниран само од парчињата што ги носиме, туку и од начинот на кој се однесуваме, комуницираме, ги вреднуваме нештата, размислуваме... Со овој проект сакам да ја утврдиме и надградиме модната едукација и пракса во Македонија, која сигурна сум ќе побуди интерес, како што сум сигурна дека на крај ќе добиеме една поинаква жена - комплетно освестена – и модно, стилски, но и општествено, културно, животно ако сакате... Жена која умее да ја носи облеката и да комуницира со неа.

 ЖЕНА со став, амбиција, желба, креативност, самодоверба – која по ништо нема да заостанува од францускиот (моден) стил на живеење, а тоа и ќе го прикажеме преку модно шоу – потенцира Пандева.

Свој придонес во овој нов проект кој ќе отвори сосема нова патека, не само во работењето на модната куќа, туку и на домашната модна сцена, ќе го даде и професорот, костимограф и дизајнер, Александар Рашковиќ.

„Проектот е симбиоза на истражување, констатирање, практикување и готов производ, а во исто време компарација на стил од едно време на една и друга територија. Секако дека има и едукативен карактер, се разбира за тие што сакаат да научат нешто за модата и нејзината примена во разни сегменти во општеството. Секако, проектот е резултат на едно долго, обемно и интересно истражување, а неговата важност е од голем ранг. Севкупното видување на модата - каде била и каде е сега, од самото создавање на нашата држава, едукација на аудиториумот од стручни лица, познавачи на дејноста и секако една хронологија која ќе остане да сведочи во иднина на новите генерации“, објаснува Рашковиќ.

 Тој додава дека овој проект е значаен од повеќе аспекти– и од призма на модната куќа, но и од призма на модно наследство.

ЕЛЕНА ЛУКА како синоним за модата во Македонија егзистира на модната сцена веќе цели 12 години и тоа е огромен успех земајќи предвид низ какви премрежја помина нашата држава. Модата е во врвот на пирамидата во општеството, бидејќи е директно засегната од потрошувачите, клиентите и нивната економска состојба, со тоа и економската состојба во државата.

12 месеци во годината, 12 апостоли, 12 хороскопски знаци, 12 богови во грчката митологија... Многу убав јубилеј кој зад себе носи мноштво ревии, колекции, проекти, истражувања... Модната куќа ЕЛЕНА ЛУКА ги градеше критериумите и правилата на модната сцена во државата сите овие години. Освен како моден бренд, таа е заслужна и за едукација на голем број дизајнери кои поминаа во неа и успешно работат како самостојнин дизајнери денес. За самата модна куќа има многу да се каже и напише, но благодарение на проектот, аудиториумот и љубителите на модата и брендот, во наредниот период ќе имаат ексклузивна можност да прочитаат, видат и слушнат една прекрасна модна приказна, „историја“ – порачува професорот.

ЕЛЕНА ЛУКА никогаш не будела рамнодушност. И без разлика дали спаѓате во групата која фали, или во онаа која оспорува, сепак влијанието што го вршеа досега, а со овој проект само покажуваат дека ќе продолжат – е осетно и неспорно.

Како единка која секогаш работела на сопствена иницијатива (и креативна и финансиска), испишуваа своја историја, која паралелно влијаеше и на македонската сцена, а и понатаму продолжуваат да дејствуваат во една мошне доблесна и благородна насока. Kако велат и во својот слоган - More than fashion..., нивната приказна е повеќе од мода

Со овој проект заокружуваат еден циклус од 12 години и започнуваат нов – ништо помалку возбудлив, креативен...

Ништо помалку македонски, а светски!  

 

 

Објавено:
1 ноември 2021
Прочитано:
615 пати