Сопственик и генерален менаџер на Елена Лука

Елена Пандева: Светот е наша дестинација!

Интервју со
Елена Пандева
20 август 2019

Со десетгодишниот јубилеј, етаблираниот моден бренд Елена Лука означи нова ера во своето успешно функционирање на домашната и глобалната модна сцена. Елена Лука целиот свој гламур, автентичност, артистичност, луксуз и карактер го однесе во Њујорк! Градот за кој велат дека, ако успееш таму, можеш да успееш секаде, е дестинацијата која означува нова етапа во успешната приказна на нашата модна куќа. Елена Лука припаѓа на елитната глобална модна сцена, а тоа го докажа и со нејзиниот последен и исклучително значаeн проект „World of Elena Luka" со кој го пласира својот луксузен дизајн во ексклузивните светски модни метрополи, неслучајно стартувајќи токму со Њујорк. Имавме многу убави и значајни поводи за разговор со дамата која стои зад успешната приказна на Елена Лука, г-ѓа Елена Пандева:

г-ѓа Елена Пандева, сопственик и генерален менаџер на Елена Лука

Елена Лука во Њујорк! Огромен успех не само за Елена Лука како бренд, туку комплетно и за домашната модна сцена што значи поместување на стандардите на многу повисоко ниво. Кажете ни како оваа ексклузивна дестинација се најде на Вашата модна мапа?

-Една деценија успех заслужува да се одбележи со моќна симболика. Логична е амбицијата да се појавиме во центарот на една светска модна метропола како што е Њујорк, а бесценето е кога таа амбиција ќе се реализира. Резултатот на децениското несебично вложување на секое ниво во Елена Лука, е наше место во зенитот на модните случувања. Елена Лука во Њујорк! Ова е навистина грандиозен проект на кој му посветив исклучително значење, сосема оправдано. Сериозен пазар со уште посериозни барања, стандарди и конкуренција, се во прашање, а тоа за Елена Лука е секако предизвик, а со секој предизвик брендот расте и созрева. Нова ера за Елена Лука во секој аспект.

Со Њујорк го започнувате Вашиот проект „World of Elena Luka". Каков е концептот?

-Светот е наша дестинација! Со целиот капацитет, амбиции, желби, но и упорна и бескомпромисна работа на нивното остварување, Елена Лука ѝ припаѓа на глобалната модна сцена. Духот на нашата работа е космополитски. Елена Лука креира за модерната, модно освестена жена, со став, со амбиции, со капацитет да ги оствари своите соништа, а тоа се жени што ќе ги сретнете и во нашата земја и во Њујорк, во секоја средина и опкружување и на било кое место во светот. Ние сме достапни за нив во секоја смисла. Од една страна Елена Лука е свет сам по себе, а од друга нашиот свет е дел од модниот универзум. Њујорк е нова станица од која го стартуваме проектот „World of Elena Luka" што во својот концепт вклучува навистина престижни модни дестинации кон кои целиме. Горди сме што со проектот „World of Elena Luka", нашиот моден бренд ја потенцира и зацврстува позицијата на македонската мода на светската модна мапа.

Вашата релација со модната метропола ја реализиравте преку луксузната концептуална онлајн продавница dreems.nyc. Кажете ни повеќе за соработката.

-Релацијата со Њујорк ја остваривме преку луксузната концептуална и онлајн продавница dreems.nyc, лоцирана во најелитниот моден кварт во Њујорк, што важи и за најлуксузна шопинг дестинација, Soho – Менхетн, и е во непосредна близина на ексклузивни продавници на брендови од рангот на „Шанел" и „Балман". Во такво опкружување, од оваа сезона, достапна во продажба преку dreems.nyc е и новата специјализирана колекција на Елена Лука, „NYC". Официјално продажбата на нашиот бренд во Њујорк се врши преку оваа концептуална продавница, во друштво на звучни и светски познати модни брендови. Морам да напоменам дека добивме навистина позитивни реакции од нивниот тим, во однос на принципот на нашата работа и конкретно новата колекција. Нашите соработници се воодушевени што секако е дополнителен стимул и позитивен импулс што најавува долгорочна, успешна соработка.

Логично, првата колекција на Елена Лука специјализирана за Њујорк е инспирирана од динамичниот дух на градот со целиот негов гламур и е насловена NYC. Која е приказната на оваа колекција и каква е нејзината естетика?

-Неслучајно се одлучив токму за Њујорк – градот што живее за мода, за гламур, градот во кој жената владее, а токму ова беше и инспирација за „NYC" колекцијата за претстојната сезона – ноќниот живот на градот со целиот свој гламур и екстравагантност. Елена Лука Ве носи во еден времеплов, за да го потсети Њујорк на сексапилот на жената во минатото. Колекцијата е наменета за есен-зима 2019/20 и веќе е достапна и во онлајн продажба, како и во концептуалната продавница dreems.nyc. Создадена за дами со изострена стилска перцепција, кои ја препознаваат уметноста на модниот дизајн, ова е луксузна модна линија која ќе одговори и на највисоките критериуми. Креирана со цел да го потенцира идентитетот на модерната и храбра жена, која бескомпромисно верува во себе, оваа колекција идеално одговара на потребите на современите хероини. Во нејзината есенција е мулаж техниката, што ја користат само вистинските мајстори на модната уметност. Оваа техника ја дефинира линијата на колекцијата во чиј дизајн се користи висококвалитетен италијански сатен, ексклузивен и единствен по својата естетика и сјај. Ќе ја препознаете и играта со волумен и со форми, преку различно дефинирани композиции со фалти, што ѝ даваат дополнителна артистична содржина на колекцијата. Женствена и истовремено сексапилна, оваа колекција на Елена Лука содржи луксузни различни парчиња: од асиметрични здолништа, јакни, елегантни панталони, до мини, миди и макси фустани што вибрираат во духот на Њујорк од неговата диско ера.

Паралелно со проектот „World of Elena Luka", Вие ја промовиравте и Вашата нова, ексклузивна онлајн продавница?

-Да, Елена Лука е глобално достапна преку онлајн продавницата која има еден навистина современ концепт и рационален принцип на користење. Тука ќе ја најдете комплетната понуда на брендот, за која ќе кажам реално дека е навистина богата, селектирана во неколку различни категории што го опфаќаат нашиот луксузен програм, секторот специјализиран за невести, Ready to wear линиите, посебен дел за модни додатоци и за сите новитети. Во неговата структура вклучен е и информативен и едукативен дел, што се реализира преку блогот каде што може да прочитате интересни и корисни информации што се однесуваат на Елена Лука, но и генерално на модниот свет, актуелни тенденции, модни совети...

Посебна приказна во светот на Елена Лука е „Elena Luka Princess". Децата се многу искрена публика и верувам дека не е едноставно да им го доловите во реалност нивниот свет на имагинација. Какви се нивните реакции?

-Посебна привилегија е да се креира за деца, за нашите Елена Лука принцези. Да се долови светот на бајките и детската имагинација во реалност, е сериозен зафат и воопшто не е наивно. Напротив, принципот и пристапот на работа е сериозен, исто како што се работи со другите клиенти. Elena Luka Princess е концепт кој одамна го имам како идеја. Во принцип во Елена Лука секогаш сме создавале ексклузивни парчиња и за најмалите принцези, но овој пат специјализираните дизајни ги конципираме во една посебна линија – Elena Luka Princess, затоа што нашите принцези тоа го заслужуваат. Оваа ексклузивна линија е еден посебен свет на бајките во кои ќе се пронајде секое девојче. Секое парче е уникатно и ексклузивно, изработено од висококвалитетни материјали, во раскошен избор од бои и кроеви и со исклучително внимание посветено на сите детали и на рачната изработка, која е препознатлив белег на мојот бренд. Секое девојче заслужува да биде облечено во фантазија, а Елена Лука ѝ го овозможува тоа, со третман како што ѝ прилега на секоја принцеза. За оваа линија организиравме и посебен кастинг што предизвика огромен интерес кај најмалите и се покажа како навистина успешен, па сега имаме можност секојдневно да се дружиме со нашите принцези на фотосесиите наменети за Elena Luka Princess.

После толку успешни и исклучително значајни проекти периодов, постои ли уште некоја амбициозна идеја во Вашиот распоред на обврски?

-Идеите и амбициите се секогаш присутни како стимул што нè носи нанапред. Останувањето во „комфорната зона" и игнорирањето на новите предизвици, не носат прогрес. Затоа Елена Лука тековно ги следи тенденциите во модната индустрија, технологијата, маркетингот и чекори со динамиката на новото време. А тоа подразбира секогаш и секојдневно нова идеја, нова амбиција, нов мотив... Мојата цел е постојано движење, затоа што мислам дека секогаш постојат нови врвови вредни за искачување. Бидете во тек со нашата работа, затоа што навистина следуваат убави значајни проекти.

Објавено:
20 август 2019
Прочитано:
871 пати